за

Необичната каросериска изведба на електричната Шкода Ениак

Кај Шкода Ениак требаше да биде едноставно. Купето е убавата изведба на електричниот СУВ што му парира на Кодиак, а обичната изведба е само обична. Не било така.

Автомобилите се како бизнис картичка. Едно можно сценарио: Бизнисмен што се нафатил да продава полначи за електрични автомобили, доаѓа на деловен состанок со БМВ Икс 7 Ем, веројатно од трета рака и невкусно тјуниран кај некој пластичар, па уште обложен со дречлива фолија и со делфин на покрив. Тој треба да му продаде барем две три дузини полначи на директор на ланец супермаркети, кој сака да привлече клиенти со тоа што ќе им понуди бесплатно полнење на нивните електрични автомобили додека купуваат.

Нормално дека на ваков бизнисмен, што инаку склучува зделки во слаткарница, нема толку лесно да му успее да продаде полначи. Истото сценарио, со друг автомобил. Шкода Ениак, електрична, пристојна, на место. Директорот на супермаркетите сигурно нема да се посомнева дека ќе треба да ги преплати полначите, за да ги покрие екстра трошоците на егзибиционист-бизнисменов.

Така и со Шкода Ениак – електрична, што не може да биде поелектрична. Во споредба со СУВ-купето, што пред извесно време беше на тест во Аутомедиа, во изведбата Спортлајн, не-купе изведбата требаше да изгледа обично. На страна тоа што ниту една Шкода денес не изгледа обично, Ениак не-купе дотолку повеќе зрачи со елеганција и отменост. А, требаше да биде толку лесно, купе-СУВ изведбата е убавата Ениак, не-купе изведбата е помалку убавата Ениак.

Во Млада Болеслав добро си ги познаваат купувачите и точно знаат како сцената ја доживува марката, па како лош пример сигурно е земен предвид и токму таков бизнисмен што сака со тјуниран Икс 7 од бугарски автоплац да продава полначи. Дали големите директори знаат со каков автомобил им доаѓаат деловни партнери? Нормално.

За разлика од исплакната Тесла, чешкава електрична крстосувачка има карактер, има острина. Ениак привлекува и со изгледот, тука никој не се сомнева дека се случил грабеж во дизајнерското студио на Шкода.

Колку прецизно Шкода си ги погодува купувачите – секако не нив, туку нивните барања и очекувања – сведочи токму продажбата на Ениак. Електричниот СУВ, заедно со купе-СУВ изведбата, се продава за десетина илјади примероци помалку од Фабиа, а пак за десетина илјади примероци повеќе од Кодиак. Во пикадо-жаргон, Млада Болеслав со Ениак погоди точно во булс-ај, во центарот.

Примерокот што деновиве го застапува електричарот во салонот на Шкода е во истата погонска конфигурација како купе-СУВ моделот што беше на тест, што значи батерија од 82 кВч, моќност 210 кВ (286 КС) и погон назад. Каросеријата во боја на графит со металик ефект прави многу господски контраст со седиштата во боја на коњак. Студен и цврст челик, наспроти мека и топла кожа.

Салонската Шкода Ениак на инстаграм профилот на Аутомедиа

 

View this post on Instagram

 

A post shared by Automedia.mk (@automedia.mk)

Тоа што личи на кожа, всушност е понапредно од кожа. Технологијата веќе одамна направи исчекор нанапред и на замените за класичните материјали им дава подобри својства отколку на оригиналот.

Тркалата на салонскиот примерок се во најголемиот формат, од 21 инч, со дизајн Супернова, бојадисани во антрацит и полирани. Шкода повеќе не ги двои моделските изведби по ниво на опременост, туку по стил на уредување, буквално како уредување на стан. Стандарната изведба се води како Лофт, во комбинација од платно и замена за кожа, над неа следи Суит, каде што целите седиште се обложени во замена за кожа, но се добиваат и амбиентално осветлување и украсни лајсни со пијано-финиш – исто како во салонскиот автомобил.

Шкода Ениак во нашиот онлајн-каталог АВТОСАЛОН.МК · Технички податоци, опременост, цени, можност за споредба на сите нови модели на автомобили што се во понуда на македонскиот пазар

Skoda Enyaq iV 85

Сменета е логиката на конфугирирање. Додека порано требаше да се има долга листа со ставки дополнителна опрема и да се штиклира дури и за најситни ставки, буквално за куки во багажникот, сега сé во Шкода Ениак се добива во големи пакети. Така и кај овој графитно сив и не-купе Ениак, каде што е избран пакетот Адвансд, напреден пакет. Навистина напреден: Проекциски дисплеј, осветлена маска со кристален ефект, аудио систем Кантон, електрика на седиштата, најмалку дваесетина ставки содржи пакетот.

Заедно со топлинска пумпа и пакет за практичност, покрај сите претходно спомнати опции, од појдовните 53.490 евра, изложениот Ениак доаѓа до 65.751 евра. Електричниот погон, патем, не е за штедење. За уживање е. По добра зделка.

Видеото од тестот на Шкода Ениак Купе 85 Спортлајн

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Електричен Ситроен минува 1.000 километри побрзо од Рено и Фолксваген

Планот беше Пежо 305 да биде рели-ѕвезда, но се замени со 205 Турбо 16