Министерот за индустрија на Италија кажа дека се работи на тоа во земјата да се донесе уште еден автомобилски концерн, по разидувањето во ставовите меѓу владата во Рим и Стелантис.
Италија неколку месеци работи на тоа во земјата да се привлече друг автомобилски концерн, покрај Стелантис, каде што спаѓа Фиат. Тоа во средата го изјави министерот за индустрија Адолфо Урсо.
Коментарите на Урсо доаѓаат по судирот меѓу десничарската влада во Рим, што ја предводи премиерката Џорџа Мелони, и Стелантис, околу бројот на возила што се произведуваат во Италија.
Во декември, Фиат како најсилна марка на Стелантис во земјата, првпат во последните речиси еден век не беше најпродавана марка во Италија. Место Фиат, првото место му припадна на Фолксваген.
Претставник од Стелантис напомена дека франко-италијанскиот производител на автомобили бил апсолутен предводник во бројот на регистрирани нови автомобили во 2023 година во земјата. Концернот на Фиат и Пежо лани учествувал со 33,8 проценти во продажбата во Италија, што е повеќе од двојно од фолксвагеновите 15,3 проценти.
Падот во декември воопшто не влијаел врз лидерството на Стелантис, додаваат од концернот.
Рим води преговори со Стелантис, околу долгорочниот план за автомобилскиот сектор во земјата, со којшто меѓу другото се предвидува и зголемување на производството на автомобили во Италија на повеќе од еден милион возила на годишно ниво, наспроти 750.000 возила лани.
Италија си ги почитува своите производи
🔴 Un successo la mostra “Identitalia”: oltre 100 aziende per un totale di 113 marchi di tutti i settori.
🔺Valorizziamo i marchi e la loro forte identità in Italia e all’estero.#MadeInItaly @mimit_gov pic.twitter.com/TaXDqmR7Dy— Adolfo Urso (@adolfo_urso) February 13, 2024
Во почетокот на месецов, владата лансираше нова програма за субвенција за автомобили, вредна 950 милиони евра. Урсо кажа дека на владата на располагање ѝ стојат околу 6 милијарди евра, за да се поддржи домашното производство на автомобили и да се потпомогне купувањето нови автомобили во 2025 и во следните години.
„Доколку нема зголемување во продукцијата, којашто падна драстично во изминатите години, автомобилскиот фонд од околу 6 милиајрди евра ќе се користи почнувајќи од следната година, за да се подржи изградба на нови фабрики, да се зајакне производството на делови, и секако, да се подржи одомаќувањето на уште еден автомобилски производител,“ кажа Урсо во својот говор во Парламентот.
Тоа е „план што сакаме да го оствариме и на којшто работевме неколку месеци водејќи преговори на интернационално рамниште,“ додаде министерот.
















