за

Русите почнаа да произведуваат Ситроени во фабриката во Калуга

Русите со помош на кинески партнер ќе произведуваат автомобили Ситроен во фабриката на Стелантис во Калуга, што извесно време мирува.

Руска компанија увезе готови китови што ќе ги користи за да врши локална монтажа на Ситроен Ц5 Еркрос.

Концернот Стелантис го запре производството во Русија во април 2022 година, но таквата одлука не ги запре руските оператори, за една година подоцна тие да се здружат со кинески партнер, со намера да почнат со монтажа на нови верзии на моделите на Ситроен, марка на Стелантис. На тоа укажуваат податоците од царината и од две лица што се упатени во зделката.

Во декември лани, руската компанија Аутомотив Технолоџис увезе најмалку 42 автомобилски китови, за во фабриката во Калуга да се врши монтажа на Ситроен Ц5 Еркрос. Главнината од акциите во фабриката уште е во сопственост на Стелантис. Тоа го откриваат царинските податоци добиени од комерцијална агенција за анализа на трговски податоци.

Китовите се изработени во Кина, од страна на кинеската Донгфенг Мотор Груп, стои во податоците.

Аутомотив Технолоџис извршиле монтажа на Ситроен Ц5 Еркрос во фабриката во Калуга, тврдат двајца вработени во различни дилерства за автомобили во Русија.

Нејасно е дали китовите од Кина содржат делови што се опфатени во санкциите од Западот кон Русија, а Пекинг не учествува во истите. Од царинските податоци не може да се заклучи дали во Стелантис се запознаени со овој увоз.

Искуствата покажуваат дека западните компании, од ковот на Икеа или Карлсберг, повеќе немаат контрола врз своите марки, откако прекинаа со работа во Русија или ја напуштија земјата, по интервенцијата врз Украина во февруари 2022 година.

Се покажува и дека Москва сé повеќе потпаѓа под влиојание на Пекинг, посебно во автомобилската индустрија.

Во одговорот до сознанијата на Ројтерс, Стелантис наведува дека од 31-ви декември 2023 година, има „изгубено контрола врз своите ентитети во Русија.“

Од Стелантис ја потврдуваат загубата во висина од 144 милиони евра, вклучувајќи 87 милиони евра готовина и други платежни средства.

Кинеската државна компанија Донгфенг, руското министерство за индустрија и трговија и Аутомотив Технолоџис не одговориле на е-писмото во коешто било замолено за коментари.

Руската автомобилска индустрија беше под силна зависност од инвестициите, машините и деловите од увоз, главно од Европа.

Стелантис обвинува дека проблемот е во логистиката и во санкциите кон Москва. Концернот поседува 70 проценти од фабриката во Калуга, додека останатите 30 проценти се во сопственост на Мицубиши Моторс.

Пред руската интервенција во Украина, фабриката произведуваше модели на Пежо, Ситроен, Опел и Мицубиши, со капацитет за 125.000 возила годишно.

Паралелен увоз

Иако повеќето странски производители на автомобили го напуштија рускиот пазар, во земјата по разни патишта сé уште пристигаат компоненти, преку „паралелен увоз“.

Тоа дозволува увозниците да донесуваат производи од странство, без дозвола на сопственикот на трговското име.

Модели на Ситроен и натаму се продаваат во Русија, одговорија четири руски дилери за Ројтерс.

Во декември 2023, операторите во фабриката во Калуга одржале официјален почеток на „производството на кросовери со средна големина.“ Ројтерс не биле повикани на настанот.

Аутомотив Технолоџис, компанија што е регистрирана во Москва во март 2023 година и целосно е во сопственост на Галина Долголенко, во декември објавија дека почнуваат со пробна серија од 48 увезени китови за автомобили, пред да започне големосериското производство во текот на годинава. Тогаш не беа наведени марката и моделот.

Вработени во две дилерства кажале за Ројтерс дека Аутомотив Технолоџис ги известил дека ќе добиваат модели Ситроен Ц5 Еркрос, монтирани во Калуга од увезени китови.

Нејасно е дали автомобилите ќе носат знак на Ситроен.

Во 2022 година, Русија ја обнови марката Москвич од советското време. Станува збор за кинески Сехол Икс4, модел на ЈАЦ Моторс, што се монтира во Москва со китови што пристигаат од кинескиот партнер.

Производство на Москвич 3 во фабриката во Москва што порано му припаѓаше на Рено.

Донгфенг и Стелантис, третиот најголем производител на автомобили по прометот, имаат заедничка компанија во Кина, преку којашто Донгфенг може да произведува и продава автомобили од Стелантис во земјата.

Кинеските автомобили достигнаа учество од 56 проценти на рускиот пазар, откако западните производители ја напуштија земјата.

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Италија сака во земјата да донесе втор автомобилски концерн покрај Стелантис

Наследничката на Киа Стингер ќе вози на струја и ќе има 600 КС