Наследничката на Киа Стингер ќе вози на струја и ќе има 600 КС

Киа пред една деценија верно го најави првиот Стингер преку ГТ Концепт

Киа ЕВ8 може да се приклучи во понудата на корејскиот производител уште во 2025 година. Лимузината од виша класа во замена за Киа Стингер ќе помести неколку граници на електричниот погон.

Киа Стингер не постигна толку висока продажба колку што посакуваа фановите на марката и на моделот, но таа целосно си ја исполни доверената улога. Лимузината со моќен погон, со спортски возни својства и со отмена појава, требаше да ја покаже Киа во улога на премиум марка и успеа во тоа. Развиен од Алберт Бирман, кој претходно работеше како шеф на развојот во БМВ М ГмбХ, Стингер се докажа како динамичен гран-туризмо, меѓу другото и со моторите што досегаа 370 КС. Секако и дизајнот остави впечаток, поведен од ГТ Концепт.

Корејците уште немаат излезено со официјална потврда за новиот модел, меѓутоа домашниот „Кореан карблог“ има неколку вредни информации. Наследникот на Стингер се развива под ознаката ГТ1, серискиот модел веројатно ќе го носи името ЕВ8, а стартот е планиран за 2025 или 2026 година.

Тоа ќе биде воедно и прв модел на Киа што се развива врз новата електрична платформа еМ. Една година пред Киа ЕВ8, оваа платформа ќе ја добие Џенезис ГВ90.

Во документите во коишто има увид корејскиот блог, стои дека ГТ1 ќе располага со досега најголемиот батериски пакет во модел на Киа, со капацитет од 113,2 кВч. Со тоа може да се смета на досег меѓу 700 и 800 километри. За споредба, ЕВ9, СУВ-седумседот и знаменосец на Киа, располага со батерија од 99,8 кВч.

Се зборува и за моќноста. Според блогот, системската моќчност ќе достигне 450 кВ, односно 612 КС. Напред ќе работи електромотор со 200 кВ, назад со 250 кВ. Киа ќе нуди и изведби од ЕВ8 со послаба погонска конфигурација.

Информациите за Киа ГТ1 ги објави Кореан Карблог

Основниот модел ќе користи само заден погон и ќе постигнува системска моќност од 160 кВ, односно 218 КС. По неа ќе следи изведба со 320 кВ (435 КС) со погон на сите тркала.

Електричната наследничка на Стингер може да се појави во продажба веќе кон завршетокот на 2025 или во почетокот на 2026 година. Сосем е извесно дека наскоро ќе бидат објавени и фабричките тизери. Годинава доаѓа друг важен електричен новитет: ЕВ4, на местото на Соул, позициониран малку под Спортаж, со целосно електричен погон.

Претходна објаваРусите почнаа да произведуваат Ситроени во фабриката во Калуга
Следна објаваПоранешниот дизајнер на Јагуар Ланд Ровер ќе црта за Ауди

ОСТАВИ КОМЕНТАР

Please enter your comment!
Please enter your name here