Британскиот производител на автомобили ЈЛР, порано Јагуар Ланд Ровер, на најдобар пат е да ги достигне поставените цели за рентабилноста и приливот на готовина.
За маржата за деловната година 2023/24, што завршува на 31-ви март, се очекува дека ќе надмине осум проценти, соопшти ЈЛР денес.
Извршниот директор Адријан Мардел ја постави целта на најмалку шест проценти. „Поаѓаме од тоа дека оперативниот прилив на готовина до завршетокот на деловната година ќе покаже нето задолженост под една милијарда фунти, и во деловната 2025 година ќе овозможи позитивна нето ликвидност.“
Во завршениот трет квартал (октомври до завршетокот на декември) ЈЛР постигна рекорден промет во висина од 7,4 милијарди фунти. Тоа е за 22 проценти повеќе отколку во истиот квартал во минатата деловна година. Прометот за деветте месеци до 31-ви декември 2023 достигна 21,1 милијарди фунти. Тоа е највисокиот промет во првите девет месеци од деловна година, што ЈЛР го има постигнато во својата историјa.
Добивката пред даноци и непредвидени трошоци (ПБТ) во последниот квартал изнесуваше 627 милиони фунти. Тоа е највисока квартална добивка на ЈЛР во периодот од 2017 година до денес. Маржата изнесува 8,8 проценти и тоа е двојно повеќе во споредба со истиот квартал во минатата деловна година.
„Во третиот квартал постигнавме уште еден исклучителен финансиски резултат, со најдобрата квартална добивка во последните седум години и со највисок промет што воопшто го имаме постигнато за девет месеци во деловна година“, кажува извршниот директор Мардел.
За три месеци, Британците испорачаа 101.000 возила. Тоа е најдобриот резултат во последните единаесет квартали. Најпредаван е Дефендер со близу 28.000 примероци. Најголем раст во продажбата е забележан кај новиот Рејнџ Ровер Спорт, со 49 проценти повеќе возила во споредба со претходната деловна година.
View this post on Instagram
ЈЛР се раководи според новата стратегија „Риимеџн“, којашто беше осмислена за да се надмине кризата по пандемијата. ЈЛР за пет години ќе вложи 15 милијарди фунти во електрификација и дигитална трансформација.
















