Јагуар Ланд Ровер имаше најдобар квартал од 2017 година наваму

Поскапите модели, каков што е Рејнџ Ровер Спорт СВР, го пумпаат профитот на ЈЛР.

Јагуар Ланд Ровер пријави рекорден промет во последното тромесечје и солидна добивка. Главната заслуга за тоа ја носи силната продажба на најскапите СУВ-модели, вклучувајќи ги Рејнџ Ровер и Дефендер.

Прометот во последното тромесечје во минатата година порасна за 23 проценти, на 7,4 милијарди фунти, односно 9,4 милијарди долари, наведува ЈЛР во соопштението.

Добивката пред даноци порасна за 73 проценти на 627 милиони фунти, што направи тоа да биде најпрофитабилниот квартал на ЈЛР од 2017 година наваму.

Продажбата на светскиот пазар напредуваше за 28 проценти, со 109.140 возила. Најпродаван модел и натаму е Дефендер, со 28.186 продадени возила. Рејнџ Ровер Спорт е вториот најпродаван модел на Британците во четвртиот квартал лани, со продадени 16.430 примероци. Водечката тројка ја заокружува Рејнџ Ровер, којшто на британскиот пазар чини 202.000 фунти во најлуксузната изведба СВ, и се продаде во 15.581 примероци од 1-ви октомври до 31-ви декември.

Овие резултати се уште една потврда дека е успешно тоа што ЈЛР го префрли своето тежиште на моделите што се поскапи и се продаваат во помал број, и со тоа се напушти претходната стратегија, којашто на компанијата ѝ носеше постојана загуба од 2018 година наваму.

ЈЛР цели на маржа од 8 проценти за својата фискална година што завршува на 31-ви март, а потоа и на десет проценти до фискалната 2026 година.

Компанијата исто така планира да ги подмири сите свои долгови почнувајќи од фискалната 2025 година, за да се покријат обврските што во моментов изнесуваат 1,6 милијарда фунти.

За резултатите на ЈЛР придонесоа и пониските цени за материјалите, кои чинеа 271 милиони фунти помалку отколку во претходната фискална година. Тоа во најголем дел е заслуга на нормализирањето на пазарот за компјутерски чипови, кажува директорот за финансии Ричард Молино.

„Не мораме насекаде да ја плаќаме ниту приближната сума пари што ја трошевме во истото време лани, за купување чипови на берзата,“ кажа тој на видео конференцијата со финансиските аналитичари.

Дисконти, недостиг од мотори

За профитабилноста придонесоа и повисоките цени, посочуваат од ЈЛР, без да ја наведат просечната цена по којашто се продавале нивните автомобили лани.

Тоа што производителот на автомобили беше во состојба да наплати повеќе за своите автомобили, во извесен дел беше поништен од зголемувањето на варијабилните тропшоци за маркетинг, вклучувајќи ги попустите. „Станува по малку поскапо да освоиме купувачи,“ кажа Молино.

ЈЛР исто така е под притисок поради тоа што недостигаат одредени компоненти. Продажбата на Дефендер беше намалена во споредба со претходниот квартал, поради тесното грло во снабдувањето со мотори. Истиот мотор се вградува во Дефендер и Рејнџ Ровер, но му беше дадено предимство на поскапиот модел, на Рејнџ Ровер, посочи Молино, без да наведе за кој мотор станува збор.

Рејнџ Ровер Електрик ќе има сличен изглед со изведбата на Рејнџ Ровер со мотори со внатрешно согорување.

В година почнува испораката на Рејнџ Ровер Електрик. ЈЛР објави дека има примено 16.000 преднарачки за претстојниот целосно електричен Рејнџ Ровер, откако го отвори списокот за нарачки во декември. Првите возила ќе им бидат испорачани на клиентите во февруари 2025 година, потврдува Молино.

Рејнџ Ровер Електрик е првиот целосно електричен модел на Ланд Ровер и се позиционира над останатите варијанти во моделската серија, што на производителот ќе му гарантира задржување на профитабилноста.

„Овој автомобил ќе биде најверодостојниот приказ на тоа што е Рејнџ Ровер,“ најавува Молино. „Од тоа гледиште, не постои причина да претпоставиме дека маржата ќе биде пониска.“

Гамата на Рејнџ Ровер на македонскиот пазар почнува од 200.000 евра

Range Rover D300 AWD SE

За да го забрза производството на електрични возила, сопствениците на ЈЛР, Тата Груп, гради фабрика за батерии во Обединетото Кралство. Од Сомерсет ќе се испорачуваат батерии за електричните возила на ЈЛР. Фабриката почнува со работа во 2026 година.

 

Претходна објаваКако Порше го зголеми досегот на електричниот Тајкан
Следна објаваКу 7 станува модерен класик во моделското семејство на Ауди

ОСТАВИ КОМЕНТАР

Please enter your comment!
Please enter your name here