Кога Ауди реши да почне со моделската серија Ку, чијашто ознака сосем јасно асоцира на Кватро, на темелот на марката со четирите прстени во последниве четири децении, прво се појави Ку 7. По него следеа Ку 5, Ку 3, сé до Ку 8 и до денешните е-трони. Затоа Ку 7 е посебно важен модел во понудата на Ауди. Втор фејслифт, моделот од новата генерација по малку се одолжува.
Втората генерација на Ауди Ку 7 е на пазарот веќе девет години и со тоа повеќе не е меѓу најмладите модели во понудата на марката од Инголштат. Престижниот СУВ веќе имаше еден фејслифт, а место нова генерација, сега доаѓа уште едно моделско освежување.
Со забележливи зафати во изгледот и со усовршена техника, најголемиот и најразновиден модел со четири прстени и натаму ги има за главни конкуренти Мерцедес и БМВ. Исто како и досега, Ауди Ку 7 се произведува во фабриката на Фолксваген во Братислава, Словачка, заедно со Фолксваген Туарег и Порше Кајен.
Засега е позната само цената на основниот модел на германскиот пазар, каде што Ку 7 ќе стартува од 79.300 евра. Според тоа, за најскапиот и најпрестижниот модел во гамата, Ес Ку 7, може да се очекува цена од преку 110.000 евра.
Нови матрични диодни светла
Во изгледот има значителни промени. Маската доби сосем нов дизајн, со детали со изглед на пчелино саќе, а нови се и предните светла. Дневните светла во горниот дел се потенки од досега.
Под нив се главните светла со дизајн што се раководи според Ку 8. Првпат во Ку 7 се вградуваат матрични диодни светла. Со доплата може да се добијат и матрични диодни светла со висока резолуција и со дополнителни функции. Светлечката графика на диодните светилки, 24 на број, може дополнително да се менува.

Отворите за воздух во дното на браникот имаат повеќе исправена ориентација. Од профил не се забележуваат промени, остануваат острите контури на каросеријата. Нема промени и во димензиите: Должина 5,07 метри, ширина 1,97 метар и висина 1,74 метар. Покрај меѓуоскиното растојание од три метри има изобилство простор за седум патници.
Помалку се впечатливи промените во опашот. Светлата имаат нова светлечка графика и направени се неколку зафати во браникот. На тема дизајн се надоврзуваат петте нови дизајни за бандажите, со пречник од 20 до 22 инчи.
Четири мотори во понудата на Ауди Ку 7
Во погоните владее класика. Постојат два дизели, од кои основниот е Ку 7 45 ТДИ со трилитарски 6-цилиндарец со 221 КС и вртежен момент од 500 њутнметри. Спринтот трае 7,1 секунди, забрзувањето престанува на 226 км/ч.
Кој бара повеќе од тоа, на избор го има поголемиот Ку 750 ТДИ со 286 КС и вртежен момент од 600 њутнметри. Неговата крајна брзина е 244 км/ч, спринтот трае 6,1 секунди.
Сите шестцилиндарски мотори влечат товар до 3,5 тони
Покрај двата дизели, на располагање стојат уште два бензинци. Основа е Ку 7 55 ТФСИ со шест цилиндри, 3,0 литри зафатнина, со 340 КС и 500 њутнметри. Спринтот до темпо сто трае 5,6 секунди. Сите 6-цилиндарци доаѓаат во комбинација со 8-степен автоматик, погон на сите тркала и благ хибриден погон што може да заштеди до половина литар гориво во град.
Врвниот модел е Ес Ку 7, и најдобрата вест, тој и натаму ќе вози со осумцилиндарец. Од работна зафатнина од 4,0 литри, тој црпи 507 КС и 770 њутнметри, што се претвора во спринт за 4,1 секунди до темпо сто.
Дигитализацијата ја освојува внатрешноста

Внатрешноста е под диктат на дигитализацијата. Кокпитот со бројните копчиња на претходниот модел се претвори во кокпит што повеќе личи на Ку 6 и Ку 8. Најновиот инфо-забавен систем МИБ4 го одмина моделското освежување на Ку 7, па тој и натаму ќе го користи системот МИБ3.
Нови украсни елементи за Ауди Ку 7
Материјалите се сменети и направени се големи промени во опременоста. Седиштата добија нов вид на штепување и сега стандардно се испорачуваат во контрастна изведба. Нови се и украсните плочки. Уште во основниот модел се вградува јасеново дрво со видлива структура, додека во Ес Ку 7 и во С-Лајн доаѓаат четкани и матирани алуминиумски плочки, односно карбонски плочки.
















