Како Порше го зголеми досегот на електричниот Тајкан

Прототипот на преработениот Порше Тајкан. Надвор одвај се забележуваат промените.

Марките електрични автомобили како Лусид или Ривиан се сосем непознати на европските улици, но сосем е друга сликата во Лос Анџелес. Во Калифорнија, моделите од овие марки се многу позастапени отколку што би можело да се претпостави. Затоа и Кевин Гик, шефот што раководи со развојот на целата моделска серија Тајкан, таму помина извесно време со својот тим, за да бидат поблиску до конкурентите.

Задача на тимот на Порше, задолжен за сите моделски изведби на Тајкан, беше да го тестираат преработеното издание на електро-првенчето на спортската марка од Цуфенхаузен. По четири години и околу 150.000 продадени примероци, напролет стартува темелно преработениот Тајкан, за да ја скуси предноста во продажбата што во меѓувреме ја постигна Тесла, а воедно и да одговори посилно на новите конкуренти од Кина, како Нио.

Дизајнерите имаа само малку работа и промените што се направени во изгледот на Тајкан се затскриени од скромна површина под маскирна фолија, што ги покрива предните и задните светла. Затоа, пак, техничарите имаа многу повеќе работа. „Постигнуваме огромен скок во досегот и во перформансите на полнењето“, ветува Штефен Кристијан од тимот на Гик, кој на тоа потрошил две третини од буџетот што му стоел на располагање. Со зборовите „Повисоко, побрзо, подалеку“, тој го цитира олимпиското мото и го пренесува во светот на електричните автомобили – тоа значи повисока моќност на полнење, побрзо полнење и подолг досег.

Кокпитот исто така само со мали измени

Порше уште не наведува точни бројки, непосредно пред премиерата на освеженото моделско годиште. За точно дузина избрани новинари да се уверат во напредокот што го носи новиот Тајкан, германскиот производител за нив организираше тест возење. Тие возеа на рута од Лос Анџелес до Сан Диего. Тоа е растојание што не може да се совлада со тековниот модел на Тајкан, со деклариран досег од 510 километри, без да треба по пат да се направи починка за батеријата да се поднаполни. Во реални услови, и покрај топлото калифорниско време и умереното темпо по американскиот хајвеј, Тајкан би минал најмногу 400 километри.

Нова хемија за батериските ќелии донесе зголемена моќност, ефикасноста во погонот е зголемена преку одвојување на предната оска и зголемена е моќта на рекуперација, тежината е смалена и покрај збогатената опрема, а посебно е работено и во натамошно унапредување на аеродинамичноста. Сето тоа овозможува рутата од Лос Анџелес до Сан Диего сега да се помине без потреба од полнење по пат. На новинарите им останаа уште 7 проценти наполнетост на батеријата по доаѓањето на одредиштето. „Само нашите нови аеро-тркала му донесуваат на Тајкан досег подолг до 40 километри“, објаснува Кристијан.

Домашната премиера на Фолксваген ИД.7 во Порше

Средишниот дисплеј добива нова графика, а на него сега се прикажува и температурата на батеријата. Томас Гајгер од Аутомобилвохе, еден од 12-те новинари поканети на настанот, објаснува каде е промената: „Покрај тековната наполнетост, сега имам увид и во температурата на батеријата, ја гледам максималната можна мочност на полнење и дијапазонот во којшто на батеријата ѝ се дозволува пауер-полнење. Колку е поголем овој дијапазон, толку повеќе се шири насмевката на Кристијан. Кога 200 километри подоцна приклучувам на полнач од 350 кВ на Електрифај Америка, со осум проценти наполнетост на батеријата, разбирам зошто е така. Ако крајот досега беше на 270 кВ, бројот во првите една, две минути се качува на 280, 290, 300, 310 кВ, сé додека не достигне крај на 322 кВ. Место овој врв да се одржува кусо, Тајкан повеќе минути го одржува високото ниво. Дури над 60 проценти, моќта на полнење се враќа на нормални вредности, и додека се постигнат 80 проценти, поминале само 16 минути.“

Кристијан на тоа додава, „на тековниот Тајкан, за 80% наполнетост му треба шест минути подолго полнење.“

Секако дека Порше не смее да дозволи да зборува за напредок кај новиот Тајкан, а тоа да се сведе само на побрзо полнење. Секако дека електричната лимузина во иднина ќе биде и побрза. Пред неколку седмици, фабричкиот тест возач Ларс Керн го извозе Северниот Јазол на Нирбургринг за 7 минути, 7 секунди и 55 стотинки, поставувајќи нов рекорд за електрични лимузини.

Претходна објаваАко е СУВ, дамите прво избираат електрична Киа ЕВ9
Следна објаваЈагуар Ланд Ровер имаше најдобар квартал од 2017 година наваму

ОСТАВИ КОМЕНТАР

Please enter your comment!
Please enter your name here