Четири титули за Киа во изборот на британски Вот Кар

Киа четирипати беше прогласувана за победничка во изборот на Вот Кар за најдобри автомобили за 2024 година. Спортаж секако дека не отсуствува меѓу наградените, исто како и електричните модели.

Втора година по ред, Киа Спортаж е именувана за „најдобар семеен СУВ“ во изборот на Вот Кар. Тоа е посебно вредна победа за британскиот огранок на Киа, имајќи предвид дека станува збор за еден од најпопуларните сегменти на пазарот, на што следи и соодветно жестока конкуренција.

Жирито составено од експерите за тестирање на магазинот Вот Кар, коментираше: „Киа Спортаж вози покомфорно од клучните соперници, но пак влева доверба на кривулести патишта, благодарение на доброто држење и прецизното управување. На тоа се надоврзува паметно осмислен и практичен ентериер, што нуди соодветно повишено седење. Без разлика каде се седи во возилото, има изобилство простор за главата и за нозете, и чувството е пријатно.“

Спортаж лани беше 4-ти најпродаван модел во Обединетото Кралство, со 36.135 продадени примероци. На тамошниот пазар, компактниот СУВ на Киа почнува од 29.375 фунти.

По две години откако освои титула на „Автомобил на годината“ кај Вот Кар, електричната Киа ЕВ6 и натаму служи како репер за ЕВ во таа класа. Во 2024 година, ЕВ6 ќе вози со титула на најдобар семеен електричен СУВ, пред бројни новодојденци во сегментот.

ЕВ6 во Британија стартува од 45.275 фунти и минува 328 милји со полна батерија, што одговара на 528 километри. Посебна улога има изведбата ГТ, што спринтува за 3,5 секунди до темпо сто. Лани во ОК се продадоа околу 6.000 примероци од техно-болидот.

 

View this post on Instagram

 

A post shared by What Car? (@whatcar_official)

Електро и СУВ-знаменосецот, Киа ЕВ9, стартуваше со продажба месецов и веќе успеа да се избори за титула на најдобар 7-сед со електричен погон. Соодветно на сите улоги што ги има, ЕВ9 во Кралството стартува од 64.995 фунти.

Четвртата титула е за целата марка. Поради широкиот обем од модели што се погодни за влечење приколка, Киа доби и награда за „најдобар влекач“. Киа, патем, четврти пат ја освојува оваа титула, што инаку се доделува само за модел.

За да влезе во изборот, секој модел мора да биде обемно тестиран од страна на експертите на влијателниот британски магазин. Таму ништо не се прави напамет.

Претходна објаваФолксваген ИД.7: Не е само уште една домашна премиера на електричен автомобил
Следна објаваСтаро и големо име за наследничката на Опел Кросленд

ОСТАВИ КОМЕНТАР

Please enter your comment!
Please enter your name here