за

Старо и големо име за наследничката на Опел Кросленд

По дваесет години откако престана производството на Фронтера, модел на Опел повторно ќе го носи ова големо име на автомобилската сцена.

Фронтера од 1990-те сигурно не е меѓу автомобилите што производителите сакаат сцената да ги заборави. Тоа што Риселсхајм го избра ова име за наследничката на Кросленд ќе израдува многумина.

Следниот СУВ-новитет на единствената германска марка на концернот Стелантис ќе го носи името Фронтера, враќајќи го во живот името за коешто светот првпат слушна во 1990-те години. Тоа е легендарен модел на Опел, произведуван под лиценца на јапонскиот Исузу, од ерата на Џенерал Моторс.

Опел во средата објави слика од маската и силуетата на Фронтера, но не откри повеќе детали околу новиот модел. Можно е дека станува збор за наследничка на СУВ-моделот од градската класа Кросленд, што ја имаше својата премиера уште во 2017 година.

Новата Фронтера ќе се пробива на сцената првенствено како целосно електричен модел, иако таа ќе се нуди и во изведби со мотори со натрешно согорување. Пример за тоа се неодамнешните новитети од Стелантис во таа класа, како Џип Авенџер и Фиат 600, или идната Алфа Ромео Милано.

Продажбата на новата Опел Фронтера ќе започне уште годинава, напоменува Опел, со тоа што првите слики со конечниот изглед на возилото ќе бидат објавени за неколку седмици.

Опел најавува дека Фронтера „ќе поседува високо ниво на просторност и приспособливост“ и ќе се понуди по „привлечни цени“.

Фронтера ќе биде и првиот сериски модел што ќе го прикажува новото лого на Опел, што блицот, молњата како знак на германската марка, ќе ја толкува со сменет стил.

Маската на новата Фронтера, со новиот блиц на Опел

Тековниот Кросленд е меѓу последните оставштини што Опел ги наследи од ерата на Џенерал Моторс. Моделот е конструиран врз платформа што е развиена заеднички од ЏМ и од групацијата ПСА Пежо Ситроен, што во 2021 година се здружи со Фиат Крајслер Аутомобилс, за да се создаде денешниот Стелантис.

Ситроен исто така годинава ќе го лансира наследникот на Ц3 Еркрос, сестрински модел на Кросленд, што ќе биде базиран врз платформата Смарт Кар на Стелантис, наменета за најдостапните модели во понудата на концернот.

Првата генерација на Опел Фронтера, произведувана меѓу 1991 и 1998 година

Доколку Фронтера е модел од градската класа, Опел со неа ќе добие два модели во сегментот, којшто е воедно и најголем пазарен сегмент во Европа. Вториот модел е Мока, стилски самоуверена и соодветно поскапа алтернатива во класата.

Опел најави дека по 2028 година ќе премине во целосно електрична марка, што значи дека по таа пресвртница ќе лансира само електрични модели. Фронтера ќе се нуди и како целосно електричен модел, и како модел со мотори со внатрешно согорување. Уште од самиот старт ќе биде достапна електричната верзија.

Германците годинава лансираат уште еден СУВ модел. Наследникот на Грандленд ќе биде конструиран врз платформата СТЛА Медиум на Стелантис и соодветно ќе располага со досег до 700 километри во електричните верзии.

 

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Четири титули за Киа во изборот на британски Вот Кар

Што донесе моделското освежување на Голф