Меѓу Спринтер и еСпринтер има мала разлика во ознаката, меѓутоа марката е истата – и тоа им дава доверба на купувачите, да се решаваат и за електричен погон. Мерцедес-Бенц подготви освежување за својот најголем транспортер, што е достапен со класичен погон и со целосно електричен погон. Пазарот е мошне заинтересиран (и) за елеткричната изведба.
Мерцедес-Бенц Ванс, сега дел од Мерцедес-Бенц Груп, заедно со Мерцедес-Бенц-Карс, откако камионите се издвоија во посебна компанија како Дајмлер Тракс, почнува со нарачки за освеженото моделско годиште на својот Спринтер, и за неговата електрична изведба еСпринтер.
На располагање кај Мерцедес еСпринтер стојат верзии на фургон и патар, во две различни должини, со три различни големини на батерија. Засега се достапни батерија од 56 и 113 кВч, третата изведба со 81 кВч ќе биде додадена наскоро.
Новина е тоа што електричниот Спринтер првпат ќе може да се нарача и во изведба со отворена платформа, односно како патар. Со тоа се отвораат и нови подрачја за примена, како и работа за фирмите за надградба.
Уште една важна новина е инфо-забавниот систем Мбукс, важна поради тоа што поврзувањето во мрежа и користењето онлајн-врска станува составен дел од работата. Додадени се нови системи за асистенција, заради уште подобра безбедност и повисок комфор, како и нови ставки во стандардната опременост. Како опција за еСпринтер се нуди и влечна кука.
Пристапот во конструкцијата на еСпринтер е генијален. Возилото се состои од три модули:
- Преден дел со сите високонапонски компоненти, што се вградува ист во сите варијанти на еСпринтер, независно од меѓуоскиното растојание и големината на батеријата
- Под со интегрирана батерија, чијашто поставеност се одредува зависно од меѓуоскиното растојание
- Заден модул со електрична погонска оска, што исто така се вградува ист во сите варијанти
Мерцедес-Бенц организираше тест возење со новиот еСпринтер, за да увери во веродостојноста на податокот за досегот. Со батерија од 113 кВч, еСпринтер извозе 475 километри во реални услови на возење, од Штутгарт до Минхен и назад, без полнење во меѓувреме. За тестот се користеше верзија со продолжена каросерија и висок покрив.

Понудата во гамата на еСпринтер опфаќа изведби со дозволена тежина до 4,25 тони, приколка тешка до два тони и товарен простор до 14 метри кубни. На тоа се надоврзуваат и две погонски изведби, една со електромотор од 100, другата од 150 киловати. Во новата генерација се вградува нов електромотор, со намалена потрошувачка.
Според фабричките ветувања, еСпринтер минува просечно по 440 километри со полна батерија. Во град, со често запирање и умерено оптоварување, досегот се продолжува на 530 километри.

Батериските ќелии се изработени од литиум железен фосфат и не содржат кобалт и никел. За брзо полнење, може да се користат полначи со моќност до 115 кВ, при што 80% се постигнуваат за 28 минути, за батерија од 56 кВч, односно 42 минути за батерија од 113 кВч. Пристап е обезбеден до целосната договорна мрежа на Мерцедес, којашто опфаќа 600.000 полначи ширум Европа.
Цената на еСпринтер во фургонска изведба, со батерија од 56 кВч во Германија изнесува 71.388,10 евра, односно 59.990 евра без ДДВ. Германскиот гигант наведува дека 80% од електричните Спинтери се обезбедени преку лизинг. Според германските услови, месечната рата изнесува 690 евра.
















