Ауди со батерија од 370 килограми победи на Рели Дакар

Голем успех за Ауди во време кога се чека да отпочне новиот бран електрични модели на марката со четирите прстени. Со мошне невообичаен погон, Ауди РС Ку е-трон понесе победа на Рели Дакар. Уште едно големо име се поврзува со триумфот, Карлос Саинц.

Ауди РС Ку е-трон е првиот прототип со електричен погон, високонапонска батерија и бензинец како генератор на струја, што победи на најпредизвикувачкото рели во светот. Шпанското дуо Карлос Саинц/Лукас Круз секако дека е подеднакво заслужно за победата. Тоа беше воедно и нивна прва победа на Рели Дакар, со предност од 1,2 час по извозени 7.900 пустински километри. Целната линија ја минаа и Матијас Екстром/Емил Бергквист.

Претседателот на управниот одбор на Ауди АГ, Гернот Делнер, за победата кажа дека „Ауди со тоа постигна уште една пресвртница во мотоспортот“. Тоа секако се однесува на необичниот погон, што е сосем во чекор со мотото на Ауди, да биде во „предимство преку техниката“.

Ауди РС Ку е-трон на секоја оска има по еден електромотор МГУ05, што се преземени од Формула Е и располагаат со системска моќност од 286 кВ. Енергијата доаѓа од високонапонска 800-волтна батерија од 52 кВч, а задача да ја полни има 2,0-литарски ТФСИ од првенството со туристички автомобили ДТМ – бензинецот всушност работи како генератор, што енергијата ја акумулира во батеријата. Моторот работи со синтетско гориво, со тоа што емисијата на ЦО2 се намалува за 60 проценти.

„Со нашиот револуционертен електрифициран погон, за само три години совладавме еден од најголемите предизвици во мотоспортот. Со тоа ја продолжуваме долгата серија пионерски достигнувања, што се обележје на Ауди во четирите децении во мотоспортот“, изјави Оливер Хофман, шеф за технички развој. Ауди победи големи имиња во мотоспортот и на Дакар, вклучувајќи ги Тојота и тимот на Продрајв.

Карлос Саинц/Лукас Круз ја постигнаа големата предност, откако од шестата етапа па натаму, постојано беа во водство. Шпанците први ја минуваа целта и во 2010, 2018 и 2020 година. Ауди е 4-та марка со којашто тие победуваат на Дакар, втора од концернот ФВ.

Завршницата за двократниот светски првак во рели беше неизвесна. Себастијан Леб и Фабијан Луркуан од тимот на Бе Ер Икс постојано ја скусуваа разликата. Нивниот автомобил сепак се расипа еден ден пред завршетокот на релито.

Дакар 2024 се одликуваше со дневни етапи долги над 400 километри, две маратонски етапи со ограничен сервис, како и 4.600 „мерени“ километри и вкупно 7.883 километри поминат пат.

Карлос Саинц, кои со своите 61 година веќе четврта деценија е во рели-спортот, со Лукас Круз победи на осум од вкупно дванаесет етапи.

Погонот на Ауди РС Ку е-трон

Вид на погон

Погон на сите тркала со електрично погонувани оски

Електромотори на оските

По еден Ауди МГУ05 од Формула Е по оска

Системска моќност

Под 286 кВ

Менувач

По еден 1-степен тркачки менувач по оска, заедно со диференцијал со механичка блокада и софтверски базиан, виртуелен средишен диференцијал

Батерија

Високонапонска батерија, 370 кг со течности, литиум јон, 52 кВч нето, полнење со максимално 220 кВ во текот на возњето, преку претворач на енергија

Претворач на енергија

2,0-литарски ТФСИ од ДТМ, преку вратило споен со генератор (Ауди МГУ05 од Формула Е)

Напонска мрежа

12В/48В/800В

Контролни системи

Бош ЕКУ МС 7.4, Бош ВЦУ МС 50.4П

Минимална тежина

2.100 кг без возач

Резервоар

340 литри

Забрзување 0-100 км/ч

Под 4,5 с.

Крајна брзина

Ограничена на 170 км/ч

Претходна објаваУште една револуција: Мерцедес ќе ги продава салоните во Германија на приватни инвеститори
Следна објаваШефот на Нисан напролет ќе го претстави новиот план за некогашниот пионер со електрични возила

ОСТАВИ КОМЕНТАР

Please enter your comment!
Please enter your name here