Шефот на Нисан напролет ќе го претстави новиот план за некогашниот пионер со електрични возила

Планот на Макото Ушида, извршен директор на Нисан, предвидува соочување со евтината кинеска конкуренција, настапување со поконкурентни модели со електричен погон, како и правилно користење на партнерствата за да се скусат трошоците,

Првата задача на Макото Учида ќе биде чистење на плакарот во Нисан. Шефот се раководи според мудрите зборови на својата сопруга, додека го подготвува бизнис планот, за да раскрсти со старите навики и 90-годишниот производител на автомобили да го подготви за беспоштедната современа ера.

Тој раскажува дека неговата сопруга своевремено го натерала да ја фрли старата облека, којашто одамна излегла од мода и без потреба ѝ зафаќала вреден простор во нивниот плакар.

„Тогаш ѝ кажав, да, во право си. Но, ја сакам облеката“, изјави Учида за Аутомотив Њуз.

„Таа одговори, ја намалуваш ефикасноста на нашиот плакар. Тоа ќе биде подобро за семејството“, раскажува Учида. „Исто е кај компаниите. Тенденција е да се гради врз сето тоа старо наследство. Но, дали тоа ќе ви одговара во иднина или ќе направи да бидете поубави? Никако.“

Исто и Нисан мора да раскрсти со старите, гломазни и неефикасни методи – без оглед колку тие се комотни – додека компанијата се трансформира, за да биде поконкурентна во денешниот немирен светски автомобилски пазар, што се одликува со промени, неизвесност и беспоштедна конкуренција.

„Не можеме да продолжиме во иднината со старите бизнис методи од минатото,“ кажува Учида. „Како да направиме да бидеме доволно ефикасни и да им конкурираме на тие нови, брзи, подвижни компании?“

Учида го насочува пристапот кон радикална трансформација на Нисан, што тој се надева дека ќе ја објави на 31-ви март, кога компанијата ја завршува фискалната година. Новиот среднорочен план ги исцртува чекорите за следните три години и воведува промени во подолгорочната визија до завршетокот на десетлетието.

Во разговорите со уредниците на Аутомотив Њуз во седиштето на Нисан, на југот на Токио, Учида не ги откри деталите на планот, пред тој да биде објавен официјално. Планот сепак опфаќа соочување со евтината конкуренција од Кина, попривлечни електрични возила, поефикасно искористување на партнерствата за да се постигнат пониски цени кај добавувачите и неопходност од пофлексибилна претприемничка култура.

„Клучно прашање е како да се расте. Најтешко е да се постигне раст,“ кажува Учида. „Сакаме да бидеме способни да објасниме како ќе го постигнеме тоа. Мораме да го покажеме тоа.“

Поместување на целите

Учида, 57, го презеде шефовското место во 2019 година, во турбулентните времиња при приведувањето на поранешниот шеф Карос Гон, и го започна тековниот бизнис план што се води како Нисан Некст.

Овој план трае до 31-ви март и предвидуваше скусување на бројот на работни места и на трошоците, заедно со значително смалување на производствените капацитети во светски рамки. Отпочнат во мај 2020, планот имаше за цел оперативна маржа од 5 проценти и достигнување глобална продажба од 5,38 милиони возила во последната година.

Нисан предвидува дека оперативната маржа за годинава ќе достигне 4,8 проценти, додека светската продажба ќе брои само 3,7 милиони возила.

Поранешниот оперативен директор Ашвани Гупта беше одговорен за примената на Нисан Некст. Но, тој ја напушти компанијата лани во јуни, откако беше отстранет од управниот одбор, како дел од преструктуруирањето во компанијата. Гупта месецов беше именуван за извршен директор на Пристаништа и Специјална економска зона Адани, во Ахмедабад, Индија.

Додека продажбата слабее, итна задача за Учида е да најде начин како Нисан да расте во време на брзи промени.

Управата се надеваше дека во минатата есен ќе го објави новиот среднорочен план. Донесувањето на планот беше одложено, поради тоа што пазарот се менуваше толку брзо, што поставувањето одредници во планот ќе беше исто како да се стрела кон подвижна мета.

Учида се соочува со бројни предизвици: Брзината со којашто иновираат новите конкуренти од светот на технологијата и од Кина; Опаѓачките цени на електричните автомобили додека забавува растот на продукцијата; На различни страни на светот во исто време постојат други трендови; Неизвесност во законската поддршка; Раст на каматите и ослабната куповна моќ на пазарот во САД.

„Пазарот не се движи со истата брзина како порано,“ кажува шефот на Нисан. „Нештата се движат многу побрзо.“

Во 2021 година, третиот најголем производител на автомобили во Јапонија имаше долгорочна визија што беше именувана Нисан Амбиција 2030. Планот предвидуваше вложување 13,5 милијарди долари во електрификација за период од пет години. Според тој план, до 2030 година требаше да се пуштат нови 23 модели со хибриден и електричен погон наменети за светските пазари, како и да се развијат батерии со цврст електролит. План беше и 40% од продажбата во САД на завршетокот на десетлетието да отпаѓа на модели со целосно електричен погон.

Промена на плановите со електричните возила

Некои од тие цели ќе се сменат.

„Тоа веќе се стари вести,“ објаснува Учида. „Ако го погледнете светот, сé се движи многу, многу побрзо.“

Во поглед на електричните автомобили, на пример, главното внимание ќе биде насочено кон скусувањето на трошоците. Поради тоа што цените на ЕВ паѓаат побрзо од очекувањата, Нисан мора да ги скуси трошоците за да ја зголеми профитабилноста.

Цените по коишто ЕВ се продаваат во САД се приближуваат до цените на возилата со мотори со внатрешно согорување. На тоа се надоврзуваат и полни плацеви, повисоки субвенции и поголема конкуренција. Цените на ЕВ паѓаат од завршетокот на 2022 година и во октомври достигнаа 50.798 долари, соопштија од Кокс Аутомотив. Во исто време, просечната цена по којашто се продаваат моделите со мотор со внатрешно согорување расте постојано и достигна 48.759 долари.

„Најголем предизвик е како да постигнеме конкурентност во поглед на цените, кога немаме доволна продукција?“, посочува Учида. „Цената на ЕВ паѓа побрзо од очекувањата.“

Нисан беше пионер во ЕВ кога го лансираше електричниот компакт Лиф во 2010 година. Моделот во меѓувреме падна во сенка на бројните конкуренти што стартуваа отпосле.

Нисан Џук во нашиот онлајн-каталог АВТОСАЛОН.МК · Технички податоци, опременост, цени, можност за споредба на сите нови модели на автомобили што се во понуда на македонскиот пазар

https://avtosalon.mk/listings/nissan-juke-1-0-dig-t-114-visia/

До октомври 2023 година, глобалната продажба на ЕВ на Нисан се скуси на 127.953 возила, во споредба со 128.194 возила една година претходно. Во САД, Нисан нуди само два модели на ЕВ, Лиф и Арија. До декември се продадоа само 20.616 возила.

За споредба, се цени дека Тесла во цела 2023 година има продадено 670.000 ЕВ само во САД, што е за 37 проценти повеќе отколку во претходната година.

Новите конкуренти, како што е БИД од Кина, настојуваат да бидат интегрирани вертикално, со сопствена контрола над сé, од батерии и софтвер, до пресување и монтажа. Тоа не само што им дозволува побрзо да се движат во нов правец, туку им помага и да ги намалат трошоците.

Наспроти тоа, старите играчи во браншата се поврзани хоризонтално со партнерите и со незавсните добавувачи. Тоа подобро ги штити во услови на криза, но затоа ги забавува.

„За да се движиме нанапред, како да направиме оваа хоризонтална бизнис метода да биде конкурентна?“ прашува Учида.

Одговорот е во подобра соработка со добавувачите и останатите партнери, кажува Учида. Тоа вклучува поголема транспарентност во долгорочните планови и поголема поврзаност за крупните проекти.

Прашањето на достапноста на моделите

Важно е да расте продажбата, но потребен е вистинскиот баланс.

Нисан долго време беше моќен играч на пазарот на најдостапните автомобили – и тоа ја девалвираше марката. Учида настојува постепено да го зајакнува имиџот на марката Нисан и да ја префрли продажбата на поскапи автомобили, иако марката и натаму има солидна понуда од буџет модели, како Верса, Кикс и Сентра.

Учида кажува дека Нисан останува посветен на сегментот на буџет модели, но мора да се постигне вистинскиот баланс, за компанијата да ја зголеми маржата и да вложува повеќе во електрификација.

„Ако купувачите препознаваат противвредност во нашите производи, ние ќе продолжиме да го нудиме тоа. Но, мораме пазарот да го следиме мошне внимателно“, напоменува шефот. „Примањата во домаќинствата и натаму растат. Тоа значи дека се отвораат и нови можности за избор. Како да направиме достапни автомбоили? Мораме да бидеме помудри.“

Претходна објаваАуди со батерија од 370 килограми победи на Рели Дакар
Следна објаваТесла Модел Ипсилон најпродаван модел во Европа во 2023, Дачиа Сандеро втора

ОСТАВИ КОМЕНТАР

Please enter your comment!
Please enter your name here