за

Уште една револуција: Мерцедес ќе ги продава салоните во Германија на приватни инвеститори

Мерцедес има намера сите сопствени продажни центри во Германија да им ги продаде на приватни инвеститори. Каква е целта со овој храбар план?

Познатиот Мерцедес-Велт во Берлин исто така треба да премине во сопственост на приватни инвеститори.

Концернот Мерцедес планира темелна реформа на својата продажна мрежа. Сите подружници во Германија што се во сопственост на концернот треба во следните години да им се продадат на приватни инвеститори. Планот опфаќа и околу 8.000 вработени на повеќе од 60 локации. На вработените им се осигурени местата и поради тоа работничкиот совет ќе мора прво да се согласи со одлуката на управата.

Како што пишуваат германските медиуми, преговорите штотуку почнуваат. Надзорниот одбор во петокот ја потпишал одлуката на извршниот одбор.

„За автосалоните што се во сопственост на нашиот концерн да се постават уште подобро за успешна иднина и на подолг рок да се осигураат локацијата и работните места, мора да се направат коренити промени за тие да продолжат да се развиваат“, стои во стратешки документ, во којшто има увид гласникот на германската автомобилска индустрија Аутомобилвохе.

Трансформацијата што се одвива во автомобилската индустрија, од темел го менува и работењето во продажбата. Мерцедес-Бенц ги проверува структурите на сите подружници што се во сопственост на концернот и отворен е за преговори со можните купувачи.

Поголема претприемничка слобода

Првенствено се цели на најголемите групации за трговија со автомобили, коишто патем и сега се партнери на марката со ѕвездата. Тие уште во минатото покажаа заинтересираност да ги преземат автосалоните на концернот Мерцедес-Бенц. Притоа може да се постигне и скалест ефект, преку спојување на функциите што се однесуваат на продажбата.

Тоа значи дека големите групации со повеќе марки во своето портфолио, ќе можат својот делотворен начин на продажба на возила да го применат и за Мерцедес-Бенц. Покрај тоа, одделните салони ќе добијат поголема претприемничка слобода и ќе можат да работат побрзо и пофлексибилно, поради тоа што нема да бидат условени, на пример, да го користат специјалниот ИТ-систем на целиот концерн, како што тоа е случај сега.

Македонскиот Мак Аутостар е одличен пример за тоа како се развиваат центрите на Мерцедес-Бенц низ годините, кога тоа ќе се препушти на вешт претприемнички дух и вештина

Кај Мерцедес е јавна тајна, дека локациите што се во сопственост на концернот, помалку се продуктивни во споредба со приватните автосалони. Затоа и шефот на концернот Ола Келениус не е љубител на сопствените автосалони и ги смета како оставштина од минатото столетие.

Уште при последната реформа во 2015 година, Мерцедес продаде голем број автосалони и ги здружи одделните локации во поголеми групации. Тогаш голем број автосалони купи кинескиот концерн Леи Шинг Хонг. Затоа и денес во источна Германија, со исклучок на Берлин, повеќе не постои ниту еден автосалон што е во сопственост на Мерцедес-Бенц.

Овој чекор уште порано беше спроведен надвор од Германија. До завршетокот на 2024 година ќе бидат продадени сопствените автосалони на Мерцедес во единаесет држави во Европа. Во минатите години беа продадени, на пример, 25 автосалони во Шпанија, Велика Британија и Белгија, со 2.800 вработени.

Во САД постои само уште еден сопствен автосалон на Мерцедес, и тоа на Менхетен. Во Кина, со сите автосалони управуваат самостојни трговци. „Искуствата нé уверуваат: Сите салони и натаму се дел од мрежата, клиентите се услужуваат одлично, а персоналот има договорно утврдена сигурност за своето работно место и по смената на сопственоста“, изјавува претставник од концернот за Аутомобилвохе.

Познавачите ценат дека тие продажби донеле 30 до 40 милиони евра по локација. Истите суми се очекуваат и при продажбата на салоните во Германија. Мерцедес официјално не ги наведува сумите што ќе се постигнат од продажбата, меѓутоа се цени дека тие ќе се движат околу 2,5 милијарди евра, откако сите германски автокуќи ќе преминат во приватни раце.

Опфатени се и големите филијали

На продажба стојат големите и познати автокуќи во Берлин, Минхен, Штутгарт и други градови. Во повеќето од нив во минатите години беа вложени повеќе милиони евра, за нивниот изглед да се се приспособи според шемата на „Бест кастомер ритејл“. Вложувањата опфатија и целосна дигитализација на објектите. Уште сега при влез во овие центри се скенираат регистерските таблици на клиентите, за вработените да можат веднаш да ги добијат сите потребни податоци и информации за поводот на посетата.

Работните места се загарантирани до 2029 година

Во моментов уште нема започнато со преговори за продажба. Компанијата мора прво да постигне договор со работничкиот совет. На тој договор ќе се работи до летоска. Потоа ќе се проверува можност за продажба одделно за секој центар.

Мерцедес-Бенц ЦЛЕ Купе во нашиот онлајн-каталог со сите нови модели на автомобили што се во понуда на македонскиот пазар АВТОСАЛОН.МК

Mercedes-Benz CLE 200 Coupe

Вработените имаат загарантирано работно место до завршетокот на 2029 година. Тоа значи дека ниту еден вработен не смее да биде присилен да премине во друга фирма. Според тоа, купувачите мора да понудат барем исти услови со тие што вработените ги уживаат денес. Се верува дека целиот процес ќе трае со години. Со планот не се менува ништо во отпочнатото преоѓање на агенциски модел на продажба. Според тоа, за купувачите на центрите ќе важи истата ценовна политика и истите услови, односно тие ќе добиваат само провизија за секој продаден автомобил.

Во предвид доаѓаат само големите групации за трговија со автомбоили

Секако дека Мерцедес ќе одлучува за продажбата според тоа колку години искуство има заинтересираниот купувач и колку е компетентен за бизнис со возила од марката. Основа е „подготвеност за постојано вложување, долгорочен бизнис концепт, економска моќ и отвореност кон здруженијата на вработените.“ Според тоа, доколку не се најде соодветен купувач за одредена локација, таа ќе остане во сопственост на Мерцедес.

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Во Европа се продаваат повеќе електрични автoмобили отколку дизели

Ауди со батерија од 370 килограми победи на Рели Дакар