Концернот Фолксваген во минатата година продаде 9,24 милиони возила или за 12 проценти повеќе отколку преклани. Растот на продажбата и враќањето на нивото од пред пандемијата произлегува од надминувањето на тесните грла во снабдувањето со компоненти од добавувачите.
По избувнувањето на пандемијатга од ковид-19, бројот на продадени возила на марките од германскиот концерн достигна минимум од 8,3 милиони во 2022 година, наспроти 9,3 милиони возила во 2020 година. Тоа се должеше на проблемите во синџирот за снабдување на компоненти, што од една страна беа предизвикани од кусокот од микрочипови, од друга страна од војната во Украина.
Матичната марка Фолксваген во 2023 година продаде 4,87 милиони возила, повеќе отколку во 2022 година, кога продажбата достигна 4,56 милиони возила. Тоа сепак е уште далеку од нивото од пред пандемијата.
Батериските електрични автомобили ја зголемија продажбата за 35 проценти, со вкупно 0,77 милион возила, објави Волфсбург, иако директорите во изминативе месеци предупредуваа дека побарувачката за електрични возила не се развива според предвидувањата.
Во Кина, каде што Фолксваген е под најсилен притисок од локалните производители на електрични возила, германскиот концерн постигна 191.800 продажби на батериски електрични возила. Вкупната продажба таму порасна за 1,6 проценти, на 3,2 милиони автомобили.
Шкода Ениак во нашиот онлајн-каталог со сите нови модели на автомобили што се во понуда на македонскиот пазар АВТОСАЛОН.МК
„Не е сé околу пазарниот удел. Профитабилноста и натаму е нашиот главен приоритет,“ кажува шефот за Фолксваген во Кина, Ралф Брандштетер.
Во петок ќе бидат објавени продажбите посебно по секоја марка и по региони.
Конференцијата на којашто ќе бидат објавени деловните резултати од минатата година е закажана за 13-ти март.
















