Фиат е Титан во Латинска Америка и Африка

Новитетот во салоните на Фиат во Бразил и Алжир се вика Титано и се претставува како пикап во категоријата со носивост од преку еден тон.

Со големиот пикап Титано, Фиат во еден потег покрива два пазари што поставуваат различни барања од возило од овој вид. Во Бразил е важен и изгледот, покрај технологијата и теренската способност. Наспроти тоа, во Алжир повеќе се бараат штедливост, издржливост и напредни функции. Под хаубата ќе работат различни мотори, едни за Алжир, други за Бразил.

Името Титано потекнува од грчката митологија и се однесува на моќта што ја поседува новиот модел на Фиат, на воведувањето високи стандарди во поглед на издржливоста, способноста за возење по терен и високата носивост.

Фиат традиционално е голема марка во Бразил. Италијанската марка ќе ја заврши годинава како најпродавана на големиот пазар. Титано им се придружува на два помали пикапи, што одамна се докажани – Страда и Торо. Големиот пикап е конструиран да се пробива со леснотија и по најтежок терен, како секојдневна задача. Голем дел од клиентите ќе го користат Титано во земјоделието.

Што се однесува до Северна Африка и Алжир, Титано таму ќе им се обраќа на купувачите со други свои одлики. Најмногу бодови се добиваат за штедливоста, а потоа и за комоцијата на возачот. Во африканската земја, пикапот ќе користи 1,9-литарски дизел со 150 КС, во комбинација со 6-степен мануелен менувач.

Освен во изведба со единечна кабина и заден погон, Титано во Алжир ќе биде достапен и како пикап со двојна кабина и погон на сите тркала.

 

View this post on Instagram

 

A post shared by FIAT ALGERIE (@fiatalgerie.dz)

Тоа што Фиат Титано ќе им се чини познат на добрите познавачи на марката Пежо, не е само впечаток. Французите веќе извесно време го продаваат пикапот Пежо Ландтрек на најголемите пазари за таков вид возила во светот. Возилото е развиено во соработка со кинескиот Чанган и меѓу другото се произведува во Шензен.

Покрај 1,9-литарскиот дизел, во пикапот на концернот Стелантис се вградуваат уште 2,4-литарски турбо бензинец и 2,2-литарски ХДИ, двата со 210 КС.

Претходна објаваКинеските автомобили на Дачиа, Тесла и МГ ќе останат без субвенции во Франција
Следна објаваЛудилото на Сајбертрак: Бришач 165 долари, ветробран 1.900 долари

ОСТАВИ КОМЕНТАР

Please enter your comment!
Please enter your name here