Европа продолжува да вложува во електромобили и покрај забавената побарувачка

Џоди Кид во фотосесија за почетокот на продажбата на Киа ЕВ9 во Обединетото Кралство

Слабеењето на побарувачката за електрични возила нема да предизвика поголеми промени во вложувањата во електромобилноста во Европа. Друга е ситуацијата во САД. Тоа го тврди истражувачкиот огранок на светски познатата агенција за кредитен рејтинг Фич.

Производителите на автомобили и аналитичарите, како Фич и ЈуБиЕс, предвидуваат побавен раст во продажбата на електрични возила во Европа во следниот период.

Забавувањето се должи на виските камати, на смалениот број на нарачки за нови автомобили, поради нормализирањето на ланецот на добавувачи, како и на слабиот раст на економијата. Тоа го ценува Ана-Мари Баисден, директорка за автомобили во БМИ, истражувачкиот огранок на Фич.

Бројот на нарачки за електрични возила кај концернот Фолксваген е преполовен, на 150.000 возила, кажа директорот за финансии Арно Антлиц, при објавувањето на резултатите за третиот квартал, кон завршетокот на октомври. Тој коментираше дека бројот е „под нашите амбициозни цели.“

Растот во продажбата на електрични возила во 2024 година ќе се намали на 15 проценти, во споредба со 2023 година, објавија ЈуБиЕс во неодамнешниот извештај до инвеститорите. Тоа е под растот од 25 проценти, што ЈуБиЕс го очекуваше за годинава.

„Батериските електрични возила станаа тешки за продажба на западните пазари,“ наведува во извештајот Патрик Хамел, аналитичар на ЈуБиЕс.

Бавниот раст во продажбата на електрични возила во САД доведе до тоа Џенерал Моторс да го смени планот за напредување со електричните возила. Форд исто така откажа 12 милијарди долари што требаше да се потрошат на електрични возила.

Големи надежи со електричните возила

Во Фич сепак не очекуваат дека вложувањата во Европа ќе се смалат, како што тоа е случај во САД.

„Сé уште има големи инвестиции што се насочени кон електричните возила во Европа, и тоа останува конечна цел за производителите, и покрај тоа што се забележува забавување во побарувачката“, објаснува Баисден.

Таа посочува дека намерата на Рено да го стави на берза својот огранок за електрични возила Ампер, сведочи дека европските производители на автомобили уште вложуваат големи надежи во електричните возила.

Вложувањата во фабрики за батерии и други инвестиции во електричните возила во Европа, главно се движат според тоа што производителите на автомобили го предвидоа во подолг рок. За тоа помагаат и законите.

Европската Унија воведе забрана за нови автомобили со мотори со внатрешно согорување да се регистрираат по 2035 година. Секој нов автомобил што ќе биде пуштен по улица по тој рок, мора да има нулта емисија на ЦО2. Оставена е мала празнина за автомобилите што ќе користат вештачки горива, што се неутрални во поглед на штетната емисија.

Вложувањата во електричните возила во Европа продолжуваат и благодарение на субвенциите што им се нудат на производителите, како дел од Европскиот Зелен Пакт. На тој начин се поттикнува вложувањето во локално производство на батерии, посочува Баисден

ЕУ во октомври ѝ одобри на Франција грант во висина од 659 милиони евра, со коишто на производителот на батерии Веркор, што ужива поддршка на Рено, ќе му се помогне да истражува и да развива нови производствени постапки за литиум-јон батерии за електрични возила. Веркор гради нова фабрика за батерии во Денкерк, во северна Франција.

Производителите на автомобили бараат ЕУ да го зајакне Зелениот Пакт, за да може подобро да се спровистави на пакетот ИРА на владата на САД, со којшто се подржува вложувањето во обновлива енергија. Тоа беше причина во изминатите месеци да се одлее многу кеш од Европа, пари коишто тука требаше да се вложат во електричните возила.

Црндолски водопад: Најновото патешествие во „3000 километри со електрична Тојота низ Македонија“

Во Фич се надеваат дека европските вложувања во електрични возила ќе го задржат замавот, и покрај тоа што Форд и неговиот турски партнер Отосан, објавија дека го откажуваат планот за фабрика за батерии, наведувајќи дека „времето не е соодветно за вложување во батериски ќелии.“

Форд во Турција ги произведува доставните возила што се продаваат во Европа. Турција сепак не е дел од ЕУ и поради тоа не може да добие субвенции преку Зелениот Пакт.

Претходна објаваВодородна Тојота ХајЕјс го почна патешествието низ Австралија
Следна објаваУметници цртаат Пежо по згради во Милано

ОСТАВИ КОМЕНТАР

Please enter your comment!
Please enter your name here