
Тесла ќе произведува електричен автомобил по цена од 25.000 евра во својата фабрика во близина на Берлин. Тоа во понеделникот го соопшти извор што е упатен во случувањата во команијата.
Американскиот производител долго време го најавува планот за електричните автомобили да се произведуваат масовно. Изворот што не сака да биде именуван, не наведе кога се планира да почне производството.
Од компанијата Тесла уште немаат излезено со соопштение.
Извршниот директор на Тесла, Илон Маск, во петокот пристигна во посета на фабриката во месноста Гринхајде, во близина на Берлин. Неговата посета на германската фабрика следеше по учеството на конференцијата за вештачка интелигенција во Англија.
Во видеото што е објавено на мрежата Икс, поранешен Твитер, извршниот директор им се заблагодари на вработените во фабриката за нивната напорна работа.
На истата средба, тој исто така ги известил вработените дека планира во германската фабрика да го произведува моделот што ќе чини 25.000 евра, наведува изворот.
Достапниот модел на Тесла првично требаше да се произведува во новата фабрика во Мексико, но нејзината изградба доцни. Освен во Германија, новиот модел е можно да се произведува и во Тексас
Во фабриката во Германија во моментов се произведува Модел Ипсилон, најпродаван електричен автомобил во Европа.
Маск долго време ја најавува намерата за Тесла да произведува подостапен електричен автомобил, меѓутоа во 2022 година посочи дека технологијата што е потребна за тоа уште не е созреана, и поради тоа ги напуштил плановите.
#GigaBerlinBrandenburg@elonmusk announced today during his visit to GigaBerlin that a 25k € Tesla will be built here.🔥🚗 pic.twitter.com/EmdYXQAUOS
— Gigafactory Berlin News (@Gf4Tesla) November 3, 2023
Повеќе извори изјавија за новинската агенција Ројтерс во септември дека производителот работи на иновација, што ќе овозможи речиси целата подна каросериска структура на електричните автомобили да се изведе во едно парче. Со таа технологија ќе се забрза производството и ќе се смалат трошоците.
Засега постојат само претпоставки дека моделот на Тесла за 25.000 евра би се појавил во 2025 година
Влезот на Тесла на широкиот пазар е клучен за компанијата да ја исполни својата цел и до 2030 година да испорача 20 милиони електрични автомобили.
Ослабнатата економија и високите камати сепак извршија влијание врз побарувачката за електрични автомобили. Тоа беше причина за Тесла и останатите компании во изминатите месеци да ги намалат цените и на тој начин да ја забрзаат продажбата.
Повисоки плати за германските работници
Управата на Тесла, во друга пригода, кон завршетокот на минатата седмица ги извести 11-те илјади вработени дека ќе добијат 4-процентно зголемување на платата, почнувајќи од ноември. Вол Стрит Журнал ја објави веста во неделата. Синдикатите претходно се пожалија дека вработените во фабриката на Тесла заработуваат под просекот во браншата.
Компанијата во декември ќе исплати и бонус од 1.500 евра, како мерка против инфлацијата. Од февруари, платата на германските работници на годишно ниво ќе се покачи за 2.500 евра, изјавија за Вол Стрит Журнал лица што се запознаени со случувањата во компанијата.
Во октомври, Тесла најави дека во тековниов месец ќе ги извести вработените за висината на покачувањето, додавајќи дека платите и лани биле зголемени за 6 проценти.
Германскиот синдикат ИГ Метал претходно сооопшти дека платите во Тесла биле околу 20 проценти пониски од платите на вработените со колективен спогодбен договор.
Американскииот производител, за разлика од сите останати производители на автомобили во Германија, нема колективен спогодбен договор за одредување на висината на платите.















