за

Јагуар Ланд Ровер ги зголеми очекувањата за добивката за годинава

Место шест проценти чиста маржа, Јагуар Ланд Ровер сега проектира осум проценти за тековната фискална година.

land rover defender voda
Дефендер останува најпродаван модел на ЈЛР, со 31 проценти учество во продажбата во третиот квартал.

Силната продажба на теренските и луксузни модели на британската „хаус оф брендс“ доведе до тоа управата да ги покачи предвидувањата за добивката за 2023 година.

Јагуар Ланд Ровер ги зголеми проекциите за добивката што предвидува дека ќе ја постигне во тековната фискална година, откако постигна рекорден промет во првото полугодие. Одличниот бизнис за британската „куќа на брендови“ се темели врз силната продажба на Дефендер, Рејнџ Ровер и Рејнџ Ровер Спорт.

Прометот во шесте месеци, заклучно со 30-ти септември, изнесува 13,8 милијарди фунти. Тоа е за 42 проценти подобро во споредба со истиот период лани и претставува рекорд за компанијата, објави ЈЛР денес. Прометот во последното тромесечје изнесува 6,9 милијарди фунти, што претставува раст од 30 проценти.

Добивката пред данок изнесува 877 милиони фунти, што е за 1,5 милијарда повеќе од истиот период лани, кога ЈЛР пријави загуба. Добивката на ниво на тромесечје изнесува 442 милиони фунти, за 600 милиони повеќе во споредба со лани.

Изминатото тромесечје беше прво профитабилно тромесечје за ЈЛР, по серијата од осум квартали во загуба.

Оперативната маржа изнесува 8 проценти за полугодието и 7,3 проценти за последниот квартал.

ЈЛР ја покачи проекцијата за маржата за теквоанта финансиска година на осум проценти, од шест проценти претходно.

Британците во шесте месеци им испорачаа 190.700 возила на своите дилери, што е солиден напредок во споредба со 172.486 возила во првата половина од минатата фискална година

Дефендер го задржува насловот на најпродаван модел на британската компанија, со удел од 31 проценти во вкупната продажба на возила во последното тромесечје. Повисоката квартална добивка доаѓа главно од зголемената продажба на возила. Бројките од ЈЛР покажуваат дека повеќе се продаваат поскапите модели и полуксузните моделски изведби.

 

View this post on Instagram

 

A post shared by Automedia.mk (@automedia.mk)

Попустите што ЈЛР ги именува „варијабилни трошоци за маркетинг“, ја чинеа компанијата 24 милиони фунти. Уделот на оваа ставка во прометот се зголемил на 1,5 процент, од 1,1 процент претходно.

Компанијата посочува дека попустите сепак биле во мошне мал обем. „Во оваа индустрија, во ова време, еден поен во што било е исклучително достигнување,“ кажа директорот за финансии Ричард Молино при соопштувањето на деловните резултати.

Северна Америка и во последниот квартал е најголем пазар за ЈЛР, со продадени 26.300 возила, за 18 проценти повеќе од лани. Продажбата во Кина се задржа на истото ниво, со 13.200 возила. Британците наведуваат дека компанијата покажала „отпорност“ на пазарот што се најде под влијание на силна конкуренција и голем подем на домашните производители.

Извршниот директор Адријан Мардел цени, дека „тоа е сведоштво за моќта на марките, а особено на Рејнџ Ровер и Дефендер“.

Враќањето на ЈЛР во зоната на добивка следи по тешкиот период во којшто компанијата се соочуваше со бројни проблеми при зголемувањето на продукцијата на моделите што носат најголема добивка: Рејнџ Ровер Спорт и Рејнџ Ровер, вториот и третиот најпродаван модел во последниот квартал.

Јагуар Ланд Ровер в година ќе стартува со продажба на целосно електрични изведби од двата модели.

Компанијата има да сработи уште 168.000 нарачки за возила, од коишто 77 проценти се за моделите Дефендер, Рејнџ Ровер и Рејнџ Ровер Спорт. Кон завршетокот на декември, дури 214.000 нарачки за возила чекаа да влезат во фабриките на ЈЛР.

 

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Тесла во Германија ќе произведува електричен автомобил за 25.000 евра

Пежо има нова агенција, рекламите за Е-3008 ќе бидат сосем различни