Големо изненадување во понудата на Киа во Македонија. Поточно, мало изненадување, ако се суди според големината. По премиерите на електричните ЕВ6 и Ниро, по хибриден Спортаж и приклучен хибриден Сид, дојде ред во македонската понуда да се врати Пиканто. Ова моделско име е далеку од непознато на нашата сцена.
Кога последен пат беше дел од редовната моделска понуда на Киа во Македонија, Пиканто беше меѓу најдостапните автомобили воопшто на нашиот пазар, препознатлив по несразмерно големите светла за својата големина и по маската како за на лимузина. Токму тој искрен и во исто време зрел настап на Пиканто, направи историја.
Луѓето не го купуваа Пиканто масовно поради тоа што цената во таа генерацијата од средината на 2000-те години беше далеку под 10.000 евра, туку поради тоа што малечкиот автомобил се прочу со издржливоста и евтиното одржување. Плус, гаранцијата на Киа одигра улога.
Денес Пиканто е во сосем друга улога. Гласот на издржливо автомобилче уште се пренесува и многу е веројатно дека тоа е меѓу клучните причини, зошто европските возачки и возачи го купуваат како „голем“ мал автомобил. Пиканто денес чини речиси колку Стоник и за илјада евра е над цената со којашто Рио се збогуваше од македонскиот пазар.
Причината зошто Пиканто се појавува сега во понудата на македонската Киа не е да настапи како замена за шампионскиот Рио – според продажбите годинава – туку е менаџерски сенс што секако дека има своја цел. И тоа е сосем во чекор со движењата на европскиот пазар, каде што Киа Пиканто во првите девет месеци од годинава постигнал раст од 44 проценти во продажбата.
Со вкупно 55.775 примероци до септември, Пиканто можеби е далеку од феномен-двојката Фиат 500 и Фиат Панда, со нивните 129.675 примероци (+5%) и 90.124 примероци (-5%) соодветно, но затоа се држи блиску до Тојота Ајго Крос, со 63.018 примероци (+21 проценти до септември).
View this post on Instagram
Тоа се некои непредвидливи движења што малку кој можеше да ги насети. Во време кога производителите масовно се откажуваат од овој сегмент на автомобили, затоа што им носи мала заработка, излегува дека пазарот почнува да си ги враќа симпатиите кон мини-класата. Целиот сегмент на овие возила во септември напредуваше за шест проценти, со повеќе од 65.000 продажби на европскиот пазар.
Забавување на економијата, неизвесност во секојдневието, технологии што импресионираат и навистина се вредни за човек да ги испочитува, но тие пак не ја менуваат суштината на автомбилите – сето тоа направи, пазарот, барем еден мал дел од него, но доволен, да почне повторно да ги гледа најмалечките автомобили.
Македонскиот дистрибутер на Киа, директно под надлежност на европската централа во Франкфурт, во салонот во Скопје изложи два примероци од Пиканто, во врвните изведби. Двата модели чинат по 17.500 евра, едниот е спортски стилизиран ГТ-Лајн, другиот е кросоверски тип Икс-Лајн.
Разликите се во стилот, и изненадува во колкав обем се присутни посебните детали за спортскиот и за кросовер-моделот. Предниот браник, праговите, задниот браник, уште бројни детали, целосно се разликуваат.
Киа Пиканто во нашиот онлајн-каталог за сите модели на автомобили на македонскиот пазар АВТОСАЛОН.МК · Цени, опрема, технички податоци, можност за споредба на повеќе модели
Тоа што е заедничко својство на двата модели: Пиканто е изработен како голем автомобил, како семеен Сид. Тоа важи за материјалите, за посветеноста во детали, но и за опременоста. Во моментот кога ја снимивме медено-сребрената двојка во салонот уште не беа објавени спецификациите на опременоста, туку беше позната цената на двата модели. Во текот на претстојната работна недела ќе бидат објавени сите детали.
Тркала од лесен метал, хромирани лајсни и рачки на вратите, затемнети задни прозорци, двобојни седишта, магленки, тоа е само дел од опремата, што не е само богата, туку повеќе е раскошна за оваа класа. Тоа е светски познатиот принцип, што англиското благородништво го негува како андерстејтмент – и што сосем се разликува од овдешниот принцип на дај-ми-најголема-кола-за-парите.
Дури и автоматска клима е стандард, па и средишен дисплеј со формат и функционалност како за Сид, сé e во пакет во овој автомобил. На тоа следат уште бројни системи за асистенција, што се грижат за безбедноста и комфорот. Навигацијата е „ситна“ ставка, но и тоа го има тука.
Зошто Пиканто уште успева толку добро? Затоа што моделот не зависи од хронично аномаличното дибидус-раководење со развојот на овдешниот автомобилски пазар, туку затоа што концептот одговара во нормални средини, каде што на луѓето би им било мачно секој ден по градските улици да се влечат со петметарска лимузина од бугарски плац за преискористени коли и да глумат благородништво. Затоа, оваа Киа Пиканто е толку нормален автомобил.