Пикапите со децении се омилени видови возила во САД. Ford F-150 долго ја предводи листата на најпродавани возила, а исто и конкурентите од ковот на Chevrolet Silverado, GMC Sierra, Ram и Toyota Tacoma се високо во статистиката. Идејата беше дека во ерата на масовно преоѓање на електричен погон, соодветно ќе владее голем интерес и за електричните верзии на пикапите.
Но, реалноста е сосем различна. Ford пред неколку денови откажа една од трите работни смени во производството на F-150 Lightning. Американскиот производител го образложи потегот со „разни ограничувања, меѓу другото и во синџирот од добавувачите“, пишува новинската агенција Ројтерс.
Продажбата на електричниот пикап на Ford во третиот квартал опаднала за 46 проценти. Во исто време, вкупната продажба на сите варијанти на пикапот, пораснала за 13 проценти. Не е познато колку долго ќе трае работата во само две смени. Ford летоска изврши преправки во фабриката, со цел да го зголеми производствениот капацитет поради високата побарувачка.
General Motors го одложува почетокот на производството
Сега и конкурентот General Motors објави дека почетокот на производството на електричните пикапи Chevrolet Silverado EXV и GMC Sierra EV го одложува за најмалку една година. Двата модела првично требаше да стартуваат веќе во 2024 година. Сега тоа е поместено за завршетопкот на 2025 година.
Околу 1.000 вработени во фабриката за монтажа во близина на Детроит, во меѓувреме ќе бидат префрлени во останатите фабрики во американската сојузна држава Мичиген.
General Motors образложува дека е во план да се извршат технички усовршувања, со цел да се зголеми профитабилноста од возилата. Во друга фабрика веќе се произведува Silverado, исто како и електричниот пикап Hummer и неговата СУВ-изведба.
















