Иднината на две кинески марки електрични автомобили, коишто се продаваат најслабо, станува сé понеизвесна.
Кинеската автомобилска групација Evergrande New Energy Vehicle Group произведува електрични автомобили и дел е од презадолжената градежна компанија. Во 2019 година, тие најавуваа дека еден ден ќе ја престигнат Tesla н Илон Маск. Секој еден батериски електричен автомобил што е произведен од компанијата – а вкупно се пријавени околу 1.300 продадени возила – носел загуба од 10,8 милиони американски долари.
Тоа значи дека во своето кусо постоење, Evergrande направила загуба од вкупно 14,4 милијарди долари. Така покажуваат пресметките на Hyperdrive, врз основа на годишниот извештај на компанијата и податоците од осигурителните компании.
Друга компанија, WM Motor, којашто е во приватна сопственост, во минатата недела објави дека судот во Шангај го прифатил барањето за преструктурирање, додека компанијата се соочува со финансиски потешкотии. Прометот се намали за 90 проценти, и покрај низата намалувања на платите и отпуштања на работниот персонал.
Тоа е голем чекор назад за WM Motor, исто како и за Evergrande NEV, којашто во еден момент се проценуваше дека вреди повеќе и од Ford Motor. По основањето во 2018 година, компанијата ветуваше многу, барем пред очите на инвеститорите изгледаше така. WM Motor дури привлече инвестиции од моќните Baidu Inc. и Tencent Holdings.
Додека обете компании тапкаат во место и чекаат да порасне продажбата, се наѕира следното големо соединување во преполнетиот сектор на електрични возила во Кина.
Во исто време, играчите што владеат со пазарот, како Tesla и BYD Co., продолжуваат да зајакнуваат. Најголемите 10 производители на електрични возила се на пат да постигнат околу 80 проценти од вкупната продажба на електрични автомобили во земјата годинава.
Evergrande NEV said its UAE investor NWTN will suspend the second and third payments of its USD500 million share subscription deal because of uncertainties in struggling Chinese real estate giant Evergrande Group, the carmaker’s parent company, an HKEX filing showed yesterday. pic.twitter.com/Wx9IzyvUIM
— Yicai 第一财经 (@yicaichina) October 9, 2023
„Ако овие компании за EV, што продаваат минимално, ги гледаме од перспектива на кредитирање, нивните главни проблеми се високиот ризик во спроведувањето на сопствената стратегија, долготрајниот негативен прилив на готовина и ризичната ликвидност“, опценува Јинг Јанг, директор на бирото за корпорациско истражување во Кина на Fitch Ratings. На овие производители на автомобили „многу им е тешко да се пристапат до кредитниот пазар. Нивниот ризик за рефинансирање ќе порасне доколку си заминат инвеститорите и банките.“
Податоците од кинескиот центар за автомобилска технологија и истражување покажуваат дека од 91 активен производител на електрични возила, една третина пријавуваат дека продале помалку од 500 возила во едно тромесечје. За споредба, Tesla само во минатиот месец испорачала околу 74.000 автомобили од својата фабрика во Шангај.

Марки како што се Aiways, Zotye и Haima, во своите најдобри времиња беа во состојба да продават стотици, па и илјадници возила во едно тромесечје. Но, во вториот квартал од 2023 година, тие пријавиле одвај по 20 продадени возила.
Според индексот Херфиндал-Хиршман, вредност што академиците и институциите ја користат за да ја оценат конкурентноста и да ја одредат концентрацијата на пазарот, секторот се движи околу граничната вредност, којашто го означува преоѓањето од премногу концентриран на просечно концентриран пазар.
Дел од инвеститорите продолжуваат со поддршката на стартап-компаниите што ветуваат најмногу.
Xpeng во јули доби инвестиција во висина од 700 милиони долари од Volkswagen Group. Со тоа, германскиот производител ќе располага со удел од 4,99 проценти во акциите во кинеската компанија и ќе добие место во надзорниот одбор.
Nio, компанија што допрво треба да почне да постигнува профит, но затоа цели продажбата годинава да ја удвои на 250.000 електрични автомобили, во меѓувреме продаде 7 проценти удел на ентитет што го контролира Абу Даби, по цена од 740 милиони долари. Во план е на локални и на компании од Средниот Исток да им се продаде и дополнителен удел, во висина од 3 милијарди долари.

Постојат и компании што уште се мачат да се изборат за дел од пазарот на електрични автомобили, како што е случај со корпорацијата Xiaomi. Кинескиот производител на паметни телефони одржува преговори со најголемите производители на автомобили, барајќи можно партнерство за производство на возила. Во меѓувреме се чека одобрение од Пекинг, коешто е неопходно за компанијата да може да започне со производство на електрични автомобили.
Додека забавува продажбата на електрични возила во земјата и извозот во минатиот месец се зголеми двојно, за да се надомести за слабеењето на домашниот пазар, мали се изгледите дека проблематичните компании од ковот на WM Motor и Evergrande NEV ќе издржат уште долго. Нивниот неуспех ќе фрли лошо светло и кон останатите компании што се соочуваат со проблеми.
















