Можен крај за компанијата што ветуваше многу, додека се вжештува конкуренцијата на најголемиот пазар за автомобили во светот. Кинескиот стартап за електрични автомобили WM Motor побара поведување стечајна постапка.
Според објавата на Ројтерс, во моментов во суд во Шангај се работи на барањето за стечај на производителот на електрични автомобили WM Motor.
Компанијата планира да повика стратешки инвеститори од целиот свет, за да го обнови својот бизнис. Во објава на официјалниот профил на компанијата на Веибо, најголема друштвена мрежа во Кина, стои: „WM Motor планира стратешко преструктурирање, во коешто ќе бидат вклучени инвеститори од сите страни на светот, со цел да се овозможи обновување на бизнисот.“
Компанијата посочува дека во последните години се соочила со тешки предизвици. Тие биле поттикнати од последиците од пандемијата, од инертноста на пазарот на капитал, од големите промени во цените на суровините и тешкотиите во обезбедувањето капител за оперативни дејности и за развој.
WM Motors: Стартапот за електрични автомобили банкротира додека пазарот во Кина заживува повторно
Иако компанијата со седиште во Шангај се вложила максимално, за да фати чекор со автомобилската бранша што бара големи вложувања, таа на крајот сепак не успеала да постигне добивка.
Според берзанскиот проспект на компанијата, којашто во јуни 2022 година објави дека планира да стартува на берзата во Хонгконг, загубите на годишно ниво се удвоиле и во трите години по 2021 година достигнале 8,2 милијади јуани (преку 1 милијарда евра).
BREAKING: Chinese electric vehicle maker WM Motor files for bankruptcy.https://t.co/ufCX3Yszx2
— Nikkei Asia (@NikkeiAsia) October 11, 2023
Августовската продажба на патнички автомобили во Кина забележа раст во споредба со лани, означувајќи завршеток на негативната серија што почна во мај. Тоа се постигна со големи попусти и со даночни повластици за возилата со ниска штетна емисија, што поттикна доверба меѓу купувачите.
















