Германските премиум марки ѝ го скусуваат пазарот на Tesla во САД

Електричните автомобили се продаваат сé подобро во САД. Во третиот квартал за првпат во земјата биле продадени повеќе од 300.000 нови електрични автомобили. Има големи промени и во уделот што одделните марки го постигнуваат на американскиот пазар.

Според првичните податоци, во третиот квартал се регистрирани вкупно 313.086 нови електрични автомобили. Тоа претставува зголемување од 49,8 проценти во споредба со периодот од јули до август лани. За споредба, во вториот квартал во САД беа продадени вкупно 298.039 електрични автомобили.

Рекорден удел во вкупната продажба на автомобили во САД

Во досегашниот тек од годината, до завршетокот на септември во САД се продадени повеќе од 873.000 батериски електрични автомобили. Тоа значи дека тамошниот пазар годинава за првпат ќе надмине еден милион автомобили што се движат единствено на струја. Според досегашната динамика, тоа може да се случи уште во ноември.

Зголемената продажба на батериски елеткрични автомобили произлегува од растечката понуда од модели, од полниот лагер од возила за испорака, како и од ценовната борба што произлегува од тоа. Во изминатото тромесечје на пазарот имало 14 нови електрични модели, што лани воопшто не биле во понуда лани.

Електричните автомобили во третиот квартал учествуваат со 7,9 проценти од вкупниот пазар на патнички автомобили во САД, што е нов рекорд. Пред една година, нивниот удел изнесуваше 6,1 проценти. Во вториот квартал годинава, електричните автомобили учествуваа со 7,2 проценти.

Tesla Cybertruck: Пикапот конечно ќе стартува со продажба, Tesla се надева дека тој ќе ѝ донесе оглем раст во продажбата во САД.

Се смалува пазарниот удел на Tesla

Tesla до толку ги скуси цените на своите најпродавани Model 3 и Model Y, што цената на основните моделски изведби е под просечната цена што ја плаќаат купувачите на нов автомобил во САД. Тоа донесе резултати. Tesla во третиот квартал ја зголеми продажбата за 19,5 проценти во споредба со истиот период лани.

Конкуренцијата сепак освојува сé поголем дел од американскиот пазар на електрични автомобили, со којшто доминира Tesla. Во првото тромесечје, пазарниот удел на Tesla изнесуваше 62 проценти, меѓутоа во третиот квартал тој се сведе на 50 проценти. Тоа не се случува само поради електричниот ривал Rivian, туку и поради докажаните производители, коишто долго време заостануваа во трката со електричните автомобили.

Расте продажбата на Mercedes, BMW и Audi

Германските премиум производители имаат посебна улога во ловот на Tesla на пазарот во САД. Во третиот квартал, Mercedes-Benz и BMW продадоа трипати повеќе електрични автомобили во споредба со лани. Audi двојно ја зголеми продажбата. Во апсолутни бројки, Mercedes-Benz во третиот квартал продаде 10.423 возила (Q3 2022: 2.717), BMW постигна 13.079 продажби (Q3 2022: 4.365), Audi следи со 7.538 возила (Q3 2022: 3.891).

Volkswagen исто така го привлече вниманието во третиот квартал, зголемувајќи ја продажбата од 6.657 возила лани, на 10.707 возила годинава. Спортската марка Porsche расте побавно во споредба со премиум-триото. Од своите електрични авотмобили, Porsche продаде 2.050 примероци, што е за 55 проценти над резултатот од лани. За споредба, Tesla во третиот квартал им испорача на своите клиенти во САД точно 156.621 автомобили.

Поголем удел на електричниот погон во продажбата кај германските марки

Од вкупната продажба на BMW во САД во третото тромесечје, 15,6 проценти од возилата се електрични. Следи Audi со 12,7 проценти, малку пред Volvo со 12,6 проценти. Четврти е Volkswagen со 12,2 проценти, пред Mercedes-Benz со 12,0 и Porsche со 10,3 проценти.

Во пазарниот удел, Tesla уште долго време нема да биде загрозена на домашниот пазар. Од германските марки, најголем удел има BMW (4,2 %) пред Volkswagen (3,4 %), Mercedes-Benz (3,3 %) и Audi (2,4 %). Porsche има незначително учество на пазарот на електрични автомобили во САД, со само 0,7 процент.

Солидни продажби постигнува електро-специјалистот Rivian, со удел од 5,0 проценти на домашниот пазар на електрични автомобили во изминатиот квартал. Дури и Chevrolet гризе солидно, со удел од 5,1 проценти. Сето тоа укажува дека нештата на пазарот на електрични автомобили во земјата веќе се задвижуваат.

Претходна објаваНајдобар избор · 5 модели од различни класи со најдобра противвредност за парите
Следна објаваВо Kia ќе се вози електричен автомобил веќе од 35.000 долари

ОСТАВИ КОМЕНТАР

Please enter your comment!
Please enter your name here