Во Kia ќе се вози електричен автомобил веќе од 35.000 долари

Киа ЕВ5

Компактниот кросовер EV5 ќе го предводи проширувањето на понудата на електрични автомобили на Kia, со модели во опсег од градската до средната класа. Тоа се модели што ќе се продаваат глобално и чијашто задача е значително да ја зголемат продажбата на електрични модели на Kia.

Kia поаѓа во уривање на ценовната бариера што го спречува масовното преоѓање на електричен погон. Корејскиот производител подготвува цела низа компактни електрични модели што се наменети за поширокиот пазар и ќе стартуваат од околу 35.000 долари.

Почетокот ќе го означи кросоверот EV5. Тоа е третиот модел на Kia што е конструиран врз посебна и наменска платформа за електричен погон. Гамата од најдостапните електрични модели на корејската марка ќе ја сочинуваат четири различни модели. Kia очекува дека новите модели ќе донесат значителен раст во продажбата на електрични автомобили на марката.

Извршниот директор Хо Сунг Сон ја претстави сериската изведба од EV5 во рамките на стратешкиот настан, именуван Ден на електричните автомобили. EV5 ќе му се придружи на спортскиот кросовер EV6. Дизајнот е сличен со знаменосецот со три реда седишта EV9, со кутиеста форма на каросеријата и со стилски детали на теренски автомобил. Разликата е во големината и во младешката нота што е додадена кај EV5.

На сцената се најдоа и модели што уште се водат како концептни автомобили, компактниот кросовер EV3 и лимузината EV4. Корејскиот проиводител на настанот во Сеул соопшти дека цените на трите модели EV3, EV4 и EV5 ќе се движат меѓу 35.000 и 50.000 долари.

Kia EV3

Сонг цени дека новите модели во подостапната ценовна категорија ќе поттикнат повеќе купувачи да се решат за електричниот погон.

Шефот ги објави и плановите за помал модел што ќе биде означен EV2 и ќе се произведува во Европа, почнувајќи од 2025 година. Тој модел ќе го спушти ценовниот праг уште подолу. „Тоа е мошне важен предизвик за нас, како да се направи автомобил што ќе чини околу 25.000 долари“, кажува Сонг и додава дека „денес тоа е потребно за да се исполнат барањата на клиентите.“

Сонг ги објави деталите за новите модели на настанот во Сеул, како дел од неговата стратегија за една четвртина од глобалната продажба на марката во 2026 година да се постигне со целосно електрични автомобили. Тоа соодветствува на еден милион возила

„Јасно е дека две големи бариери го задржуваат поширокиот круг возачи од купување електрични автомобили: Тоа се високите цени и несигурноста околу полнењето,“ кажува Сонг. „Имајќи ги предвид овие ограничувања на електричните возила, Kia планира да излезе во пресрет на очекувањата на клиентите, преку целосна понуда од електрични модели во различни ценовни категории.“

Концептот EV4 е невообичаена лимузина со покрив што меко се спушта наназад и повеќе личи како комбилимузина.

Kia в година ќе започне со производство на изведбата на Kia EV5 што ќе биде наменета за пазарот во Кина. Сонг изјави пред новинарите дека EV5 од 2025 година ќе се произведува и во Кореја. Шефот размислува моделот од средината на 2025 година да почне да се извезува од Кореја во Северна Америка.

Корејското производство на EV3 е планирано да започне во првата половина од 2024 година, додека EV4 ќе почне да излегува од фабрика во втората половина од следната година. За двата модели е планирано да се испорачуваат на извозните пазари. Се појавија и гласини дека е можно овие модели да се произведуваат во фабриката на Kia во Монтереј, Мексико.

Kia не посочи детали дали EV3 и EV4 ќе се продаваат и во САД, меѓутоа менаџерите кажаа на настанот дека возилата се планирани и за Северна Америка, како најголем единечен пазар за марката.

До 2030 година, вкупната автомобилска продукција на електрични возила во светот ќе достигне 36 милиони возила, што е трипати повеќе од сега, посочи Сонг. За годинава се предвидува продукцијата да достигне 9,7 милиони електрични автомобили.

Планот на Сонг да понуди на пазарот целосна гама од подостапни електрични возила е со цел да се поттикне побарувачката и да се зголеми продажбата. Kia очекува дека продажбата на електрични возила до 2026 година ќе ја зголеми на 1 милион примероци, што би претставувало една четвртина од вкупната продажба на марката. До 2030 година, треба да се постигне продажба од 1,6 милион возила, што би соодветствувало на 38 проценти од вкупната продажба.

Kia EV6 во салонот на Киа Македонија


Во претходна пригода, менаџерите кажаа дека за годинава се очекува продажбата на електрични автомобили на Kia да достигне 258.000 примероци.

За да се покрие предвидениот раст во побарувачката, Kia планира мрежата од фабрики во кошто произведува електрични автомобили, од сегашните две фабрики да ја зголеми на осум фабрики ширум светот, до 2025 година.

Електрични модели на Kia ќе почнат да се произведуваат и во европските фабрики на групацијата

Kia в година ќе ја отвори првата фабрика наменета за EV во Кванмен, во близина на Сеул. За САД се планира да се произведуваат и други модели, покрај EV6. Во Европа треба да се произведуваат EV од компакт и средната класа.

„Нашата понуда од EV ќе ја забрза популаризацијата на електричните возила“, кажа Спенсер Џо, шеф на Kia за планирање на бизнисот во светски рамки. Тој цени дека EV5 е „производ од огромно стратешко значење, затоа што ќе го обезбеди потребниот залет за популаризација на EV.“

EV5 ќе биде глобален коњ за работа во новиот бран модели на Kia. Масивниот СУВ го наследува чистиот и технички стил на EV9, со поедноставен кокпит, што се состои од дигитални инструменти и средишен дисплеј во продолжение, двата со пречник од 12,3 инчи.

Kia EV5

Моделот од корејска продукција ќе се изработува во изведба со стандарден и продолжен досег. За втората варијанта ќе постои и опција за погон на сите тркала.

Стандарниот EV5 од корејската фабрика ќе располага со батерија никел-кобалт-манган од 58 kWh и со електромотор од 150 kW. Во верзијата со продолжен досег ќе се вградува батерија од 81 kWh и електромотор од 160 kW. Изведбата со погон на сите тркала ќе ја користи истата батерија, но моќноста ќе се движи меѓу 195 и 225 киловати.

400-волтен систем за полнење

Kia не ги објави целосните податоци за досегот на моделските изведби во гамата на EV5. Корејската верзија со продолжен досег и погон на две тркала, се очекува да располага со досег до 530 километри, посочи Ме Ву Парк, шеф за планирање модели за светскиот пазар.

За трошоците да се одржуваат во граници, EV5 ќе користи 400-волтен систем за полнење, за разлика од 800-волтниот систем кај EV6 и EV9.

Kia ќе направи уште еден потег за да постигне уште пониска цена за EV5. Возилата што ќе се произведуваат во Кина ќе поседуваат поевтина батерија од литиум-железо-фосфат. Овие возила од кинеската фабрика ќе бидат наменети и за извоз. Извесно е дека EV5 во почетокот ќе се извезува од Кина во Австралија и на останати пазари во Азија и Африка, посочи Парк.

Kia ветува дека ќе подготви и спортска изведба на EV5 со GT-значка, по пример на EV6 GT.

Kia EV4 и EV3

Главниот шеф за дизајн Карим Хабиб, потврди дека лимузините се тешки за продажба на денешниот пазар на којшто доминираат СУВ и кросовери. Токму од таа причина, тимот на Хабиб направи обид да осмисли лимузина од ново, во форма на Concept EV4.

Резултатот е невообичаена лимузина со покрив што меко се спушта наназад и повеќе личи како комбилимузина. Во покривот се наоѓаат ненападни споплери над задните столбови, што ретко се гледа кај лимузините. Се забележува и дека задните крила се извлечени, за на тој начин да се постигне впечаток дека возилото цврсто гази на патот.

Предните столбови се поместени понапред, за да се нагласи просторноста во кабината, а носот е низок, заради аеродинамичност. Предните светла се поставени исправено и прикажуваат нов начин на толкување на тигарскиот нос, како што се нарекува препознатлвиот стил во предниот дел на моделите на Kia.

Хабиб кажа дека смелиот дизајн ќе ги привлекува и поклониците на лимузините и на кросоверите.

„Concept EV4 е создаден имајќи го на ум тој предизвик“, кажа тој, додавајќи „се обидуваме да ја смениме лимузинската форма.“

И покрај тоа што Kia флертува со лимузините, Concept EV3 е доказ дека кросоверите и натаму царуваат. Овој кросовер е позициониран под EV5 и ЕV9, верно го следи нивниот стил и претставува нивна смалена верзија, со што ја заокружќува идејата на Kia да се понуди кросовер во сите сегменти и кросовер за секого.

Претходна објаваГерманските премиум марки ѝ го скусуваат пазарот на Tesla во САД
Следна објаваStellantis и Samsung градат втора фабрика за батерии во САД

ОСТАВИ КОМЕНТАР

Please enter your comment!
Please enter your name here