за

Најдобар избор · 5 модели од различни класи со најдобра противвредност за парите

Пет модели со различни видови на каросерија, различен карактер и од различни класи, се најдоа во овој преглед на модели коишто нудат најмногу за парите.

Еден автомобил со долга традиција на бестселер на македонскиот пазар, еден наследник на моделска икона што денес има прејдено во друга каросериска форма, еден автомобил од марка на којашто луѓето ѝ веруваат и без вечната гаранција, еден неочекуван класичар од марка што притиска на авангарда и еден автомобил што задолжително мора да се најде во секој список во којшто станува збор за автомобили. Тоа се Citroen C3, Skoda Kamiq, Kia Stonic, Peugeot 301 и Toyota Corolla Sedan, во овој преглед на најисплатливи модели на македонскиот автомобилски пазар.

Паметното купување постои многу подолго од паметните телефони и паметните домови. Кога се купува паметно, тоа значи добро да се одмери вложеното со добиеното. Тоа е културното толкување на „колку пари, толку музика“, применето во случај кога не треба да се претера со лепењето пари на чело.

Основното прашање при изборот на автомобил е дали да се избере основната моделска изведба или да се доплати за повисоко ниво на опрема или можеби за посилен мотор. Можно е размислувањето да го префрли изборот во сосем друга класа на автомобил.

Ако првично се планирала голема семејна лимузина, но за парите што се предвидени, може да се дозволи само најосновната изведба, со слаба опременост и со слаб мотор, тогаш е разумно да се разгледа модел во градската класа, со мотор и опрема по мера.

Македонскиот пазар одамна го има надминато времето на бомбастични понуди, со звучни цени објавени на билборди. Жестоката конкуренција на пазарот со ограничен волумен – под напливот од евтиниот увоз на стари луксузни автомобили, на коишто кариерата по две три години им завршува на отпад – и вештото менаџирање на марките, доведоа до тоа, основните модели со најслабите мотори и со базична опременост, вооошто да не им се нудат на македонските купувачи.

Тоа важи за сите моделски изведби што се опфатени во овој преглед на најисплатливи модели во моментов на македонскиот пазар.

Во полчасовното видео се детално претставени петте шампиони во противвредноста. Станува збор за пет модели што рамноправно ја заслужуваат титулата, што значи не станува збор за рангирање.

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Шефот на кинески Xpeng на гости во Volkswagen, соработката се развива

Германските премиум марки ѝ го скусуваат пазарот на Tesla во САД