Домашен пазар: Citroen C3 со трикратен раст во август, Toyota Corolla најпродавана од почетокот на годината

Раст од близу четири проценти во продажбата на нови автомобили во Македонија во првите осум месеци од годината во споредба со лани. Тоа во најголема мера се должи на постепената реализација на одложените испораки на нарачаните возила, што се должи на проблемите што чип-кризата и логистиката ги предизвикаа во светски рамки.

Вкупно 3.565 нови патнички автомобили и доставни возила им се испорачани на македонските возачки и возачи во периодот од јануари до август. Тоа претставува раст од 3,7 проценти во споредба со лани. Споредбата со 2019 година, пред кризата со пандемијата што повлече уште половина дузина кризи од светски рамки, покажува дека пазарот уште е далеку од некогашната динамика. Во годината пред кризата, на македонскиот пазар во периодот од јануари до јули (недостига статистиката за август, за споредба период со период) биле продадени вкупно 4.379 патнички автомобили и доставни возила.

Сменетите услови на работа не значат и мирување на увозниците. Напротив, постојаните смени на местата на најпродаваните модели укажуваат на тоа дека многу нешта се одвиваат на менаџерско ниво.

Citroen C3 е најпродаван во август, со 26 возила во летниот месец, и вкупно 133 возила во периодот од јануари до август. Францускиот модел учествува со 7,5 проценти на пазарот, што е мошне убедлив пробив. Исто е впечатлив и растот од 333 проценти во споредба со истиот месец лани.

На 133-те примероци од Citroen C3 до август им парираат уште два модели од класата, Renault Clio со 131 возило и Volkswagen Polo со 137 возила. Голема е раздвиженоста меѓу овие три модели: Citroen C3 вооошто не беше во Топ 10 во јули, за сега да биде августовски шампион, додека Polo се најде на третото место во истиот месец. Renault Clio два месеци е надвор од најпродаваните 10 модели. Покрај фејслифтот што му престои и што ќе донесе поскапување и многу техно-ставки, сосем е извесно дека Clio нема понатаму да се задржи во битката за врвот.

Најпродавани марки на македонскиот пазар во август 2023

  • Škoda: 44 возила
  • Kia: 32 возила
  • Volkswagen: 28 возила
  • Hyundai: 27 возила
  • Toyota: 26 возила

Хитот од јули, Skoda Skala, којашто во јули беше прва, сега го дели 11-то место со Skoda Kamiq. Друг модел на Skoda го привлече духот на купувачите во август, а тој е далеку од незнајник. Octavia е втор најпродаван модел на македонскиот пазар во август, со 17 продадени примероци, односно вкупно 78 возила во првите осум месеци.

Kia Sportage додаде уште 13 августовски примероци на своето вицешампионско конто и сега има вкупно 141 продадено возило од почетокот на годината. По третото место на „евергринот“ на Kia, прв модел на Toyota на ранг листата е Yaris, со продадени 11 примероци. Corolla следи со 5 продадени возила во август, но затоа го има насловот на најпродаван модел во Македонија до август.

Поз.

Модел

Авг. ’23

Јан-авг ’23

1 Citroen C3 26 133
2 Skoda Octavia 17 78
3 Kia Sportage 13 141
4 Toyota Yaris 11 n/a
5 Hyundai i20 9 n/a
5 VW Golf 9 n/a
5 VW T-Roc 9 n/a
8 Citroen C4 8 n/a
8 Peugeot 2008 8 n/a
10 Hyundai Tucson 7 85
10 Kia Rio 7 n/a
10 Mercedes Sprinter 7 n/a
10 Skoda Karoq 7 n/a
n/a Skoda Kamiq 6 114
n/a Skoda Scala 6 113
n/a MG ZS 5 87
n/a Toyota Corolla 5 163
n/a Renault Clio 4 131
n/a VW Polo 4 137

Hyundai i20 ретко се појавува во топ листата и деветте примероци во август веројатно се должат на флит-испорака. Во првите осум месеци, сестринскиот модел на Kia Rio воопшто не фигурира меѓу најпродаваните. Rio е втор модел на Kia во Топ 10, со 7 возила – исто колку Mercedes Sprinter. Тоа што доставното возило со сребрената ѕвезда се појавува меѓу најпродаваните е верна потврда за динамичното менаџирање на товарната моделска програма на Mercedes.

Volkswagen Golf и T-Roc следат со по 9 возила, едно повеќе од Citroen C4. Пријатно изненадување е појавувањето на Peugeot на листата на најпродавани модели – веројатно станува збор за коригирање во обезбедувањето податоци од увозникот, за којшто одамна беше очигледно дека недостига во оваа неофицијална листа на продажба. Французите го имаат 8-от најпродаван модел, тоа е урбаниот СУВ-модел 2008.

 

Претходна објаваИсториски, иконски, легендарен: Citroën прославува 75 години на 2CV
Следна објаваДизел адио: 40-тонски Mercedes eActros минува 500 километри на струја

ОСТАВИ КОМЕНТАР

Please enter your comment!
Please enter your name here