Историски настан во Лајнфелден-Ехтердинген, гратче десетина километри јужно од Штутгарт, место со предизвикувачко име за изговарање, што ќе се помни повеќе како локација на којашто Mercedes-Benz Trucks ја претстави сериската изведба на својот камион за долги релации со електричен погон. Камионот е Mercedes-Benz eActros 600, што значи дека по сé е достоен за името Actros, единствено што вози на струја место на дизел. А, тоа е голема разлика.
Разликата што ја прави Mercedes-Benz eActros 600 не е „само“ во целосно електричниот погон, туку и во технологијата, одржливоста, дизајнот, и во тоа што е најважно во браншата, во профитабилноста на големите возни паркови.
Капацитетот на батеријата е 600 киловатчасови, па оттаму доаѓа и ознаката eActros 600. Mercedes-Benz Trucks самостојно ја има развиено електричната погонска оска, којашто се одликува со висока штедливост, благодарение на што 40-тонецот постигнува досег од 500 километри со полна батерија.
За еден ден, електричниот Actros може да совлада растојание од преку 1.000 километри. Возачките паузи се законски пропишани во транспортната бранша, така што чекањето додека батеријата се наполни воошто нема да им ја наруши рутината на возачите и компаниите.
Производителот се раководи според податоците коишто укажуваат дека шест од секои десет возења на долги растојанија се покуси од 500 километри. Тоа значи дека полнењето на батеријата може да се одвива целосно во депоата на шпедитерите – без давачки за користење туѓи полначи, па и со можност енергијата за полнењето да се обезбедува преку соларни панели во депоата.
Електричниот Actros може да користи полначи со моќност до 400 kW, а подоцна ќе може да се додаде и уред за 1 MW. Во вториов случај, батеријата на 40-тонскиот камион ќе наполни од 20 до 80% за околу триесетина минути.
Возилото технички е проектирано за комбинирана вкупна тежина до 44 тони. Со стандардна полуприколка, Mercedes eActros 600 во ЕУ може да носи товар до 22 тони.
Камионот на струја на Mercedes се разликува и во дизајнот, што се одликува со едноставност и јасни линии, но и со врвна аеродинамичност.
Daimler Truck & Bus (денес функционира како независна компанија за товарни камиони и автобуси од Mercedes-Benz Cars Group), нуди целосно решение за е-погон, вклучувајќи и советување, проектирање станици за полнење и услуги.
Продажбата почнува годинава, сериското производство стартува кон завршетокот на следната година. Освен како влекач, eActros 600 ќе се испорачува и во верзија како „гола шасија“ за надградба.
View this post on Instagram
Во периодов се изработува возен парк од околу педесетина прототипи, што наскоро ќе им бидат отстапени на пробно користење на клиентите.
Периодот на користење по којшто се враќа вложеното во електричниот камион се разликува од земја до земја. Mercedes-Benz Trucks наведува дека во Франција и Германија, во вообичаениот рок на користење од околу пет години, односно по 600.000 километри, eActros повеќе е исплатлив од камион со дизел мотор. Тоа значи дека целосно се враќаат трошоците, односно цената што е два до два и пол пати повисока. Класичниот Actros чини околу 100.000 евра, без посебните опции.
Батериска технологија LFP
Батеријата на eActros 600 се состои од три батериски пакети од по 207 kWh, што дава инсталиран капацитет од 621 kWh. Се користи ќелиска технологија со литиум железен фосфат (LFP), чијашто предност е долготрајноста – во случајов најмалку 1,2 милион километри за десет години. По овој период, батеријата ќе располага со најмалку 80% од првичниот капацитет.
Електричната оска од сопствен развој располага со два електромотори и менувач со 4 степени. Е-моторите создаваат трајна моќност од 400 kW, односно краткотрајно 600 kW.
Возачот може да избира меѓу пет степени на рекуперација, односно користење на енергијата при забавување, сопирање и по надолнина, за да се поднаполни батеријата. Можно е во возењето воопшто да нема потреба да се притиска врз сопирачките.
















