По намалените испораки во третиот квартал, Tesla повторно ги скусува цените за своите најважни модели на пазарот во САД.
Цената за основната изведба на Model 3 од петокот изнесува 38.990 долари. Тоа се 1.250 долари помалку од досега. Само неколу денови претходно, производителот на електрични автомобили воведе подостапна изведба на Model Y во својата понуда.
Исто како досега, Tesla со големо предимство води во продажбата на електрични автомобили во САД. Последните бројки од продажбата сепак покажаа дека купувачите и натаму ги сакаат големите пикапи и СУВ-модели. Изборот честопати паѓа и на модели со хибриден погон, коишто се подостапни од целосно електричните автомобили. Потрошувачкиот дух на Американците слабее, меѓу другото и поради зголемените камати.
За седум проценти намален број на испораки на возила Tesla
Tesla во изминатиот квартал им испорача 435.059 возила на своите клиенти. Тоа е за околу седум проценти послабо во споредба со второто тромесечје годинава. Како причина за падот, компанијата ги наведува прекините во работењето на фабриките, заради замена на машините.
Експертите предвидуваа дека и покрај планираните прекини во производството ќе се продадат 20.000 возила повеќе. Во тековниот квартал, Tesla мора да испорача 475.000 возила, за да ја исполни годишната цел за 1,8 милион возила.
Tesla is dropping prices and clearing inventory to get ready for the next upgrades for its line uppic.twitter.com/Kh64tLsvTd
— Teslaconomics (@Teslaconomics) October 6, 2023
Поради големите производствени капацитети и воиграното производство, Tesla има повеќе простор за намалување на цените отколку големите автомобилски концерни, коишто допрво почнуваат да се префрлуваат на електрични возила. Во исто време се намалија и цените на некои суровини. Шефот на Tesla, Илон Маск, кажува дека кај дигитализираните автомобили може и отпосле да се заработува, со вчитување нов софтвер и разни услуги. Секако дека со намалувањето на цените се намалува и добивката.
















