500X: Овој СУВ на Fiat навистина е „џип“

Тоа е одамна изветвена фраза, но за овој автомобил е сосем пригодна, затоа што е толку очигледно. Единствениот СУВ-модел на Fiat – засега, затоа што наскоро почнува испоракатa на новиот Fiat 600, како втор модел во понудата – е како старо вино.

Таа е на сцената близу една деценија, со едно големо реновирање 2018 година, па уште едно реновирање во истиот обем лани, и колку подолго е на сцената, кросовер изведбата од 500-та толку станува посимпатична. Торино секогаш има изненадувања: Хибрид директно од Alfa Romeo Tonale, на пример.

Некои автомобили добиваат на свежина, како што пазарот навикнува на нивното присуство. Тоа противречи на законите на универзумот, а со тоа и на автомобилската сцена, меѓутоа може да се најде објаснување, зошто се случува така.

Кога Торино го пушти 500X во средината на минатата деценија, многумина во него гледаа „само“ СУВ-изведба на 500. Верзија на легендарниот „чинквеченто“, еден од ретките ретро-модели, коишто и самите успеаја во своето постоење да изградат култ, што денес опстојува независно од моделот од 1950-те и 1960-те, од времето на „долчевита“.

Сенката од 500 веќе избледи. Уште една причина зошто Fiat 500X и денес изгледа исто толку свежо, лежи кај моделите на конкуренцијата. Додека новите генерации модели преоѓаат на остри рабови и прикажуваат тежок техно-печат, неретко напуштајќи ја препознатливоста на својата марка, каросеријата на 500X оддава „органски“ форми. Приказната е верна на тоа што го прикажува рекламниот спот за 500 Abarth со моделката Катринел Менгиа.

Тоа е одлична идеја на Торино, сите одлики на „чинквеченто“ да се пренесат во автомобил што ќе понуди повеќе од сé што човек може да посака повеќе во „500“. Станува збор за два технички сосем различни модели, што користат различна платформа – два модели од различни класи и ценовни категории.

Додека Fiat 500 е конструиран врз платформа „мини“ што ја користат уште Fiat Panda и Lancia Ypsilon – своевремено и Ford Ka – кросоверот 500X користи многу поскапа и понапредна платформа FGA Small, развиена заеднички со General Motors, а потоа усовршувана заеднички со Chrysler. Техниката ја користи и актуелниот Jeep Renegade, што исто така ќе продолжи да се продава паралелно со новиот Jeep Avenger. За колкава разлика станува збор, сведочи и фактот што 500X до пред извесно време беше достапен и во изведба 4х4.

Fiat 500X го наследува стилот на чинквеченто, додавајќи му целосна функционалност на семејно возило и „маса“

Кросоверот има повеќе од пристојна понуда од простор на задната клупа, има и семејно пристоен багажник од 350 литри – до максимални 1.000 литри, а притоа пак е сто проценти „500“, од ознаката напред, до натписот Fiat назад.

Моторите во денешниот 500X се сменети целосно во споредба со првите. Место 1,6-литарски E-torQ со 110 КС и 1,4-литарски турбо MultiAir со 140 КС, бензинската понуда денес ја сочинува еднолитарски FireFly со 120 КС и 1,5-литарски FireFly со 130 КС, во една мошне интересна погонска варијанта.

Основната моделска изведба на Fiat 500X во нашиот онлајн-каталог со сите нови модели на автомобили што се во понуда на македонскиот пазар · Технички податоци, цени, опрема, можност за споредба на повеќе модели

Fiat 500X 1.0 FireFly 120

Во вториов случај станува збор за благ хибриден погон, со 48-волтен електромотор што е вграден во самиот 7-степен менувач со двојна спојка. Тоа е истата погонска спрега што се вградува и во Alfa Romeo Tonale. Благодарение на ваквата изведба, благиот хибриден погон во 500X, за разлика од останатите изведби, во состојба е да го задвижи возилото со погон само од електромоторот и со енергијата во малата батерија.

Малубројни се моделите што нудат благ хибриден погон, на Италијанците им е традиција да иновираат во техниката

Тоа се куси растојанија од најмногу 200-300 метри, меѓутоа е сосем делотворно за во значителна мера да ја смали потрошувачката во град. Дваесетина проценти пониска потрошувачка се цел свет. Уште една предност на 1.5 P2 MHEV е во тоа што стартувањето на моторот е речиси нечујно и без какви било вибрации. Кога се вози во бавна колона пред семафор во градски метеж, тоа прави голема разлика.

Тоа се покажува како дополнителна одлика на Fiat 500X, покрај стилот. Уште е незначителен бројот на модели во класата што се достапни со овој делотворен, а „евтин“ погон. Разликата во цената со моделите со хибриден и приклучен хибриден погон е значителна.

Единственото што му „недостига“ на Fiat 500X е целосно електрична опција, по пример на Peugeot E-2008 или Opel Mokka-E. Точно од таа причина, концернот Stellantis реши да додаде уште еден модел во сегментот, што ќе биде достапен со целосно електричен погон и со тоа ќе се загризе добро во колачот. Паралелно со Fiat 500X ќе се нуди Fiat 600 – на одредени пазари, нагласокот ќе биде поставен на електричната верија, но затоа на одредени пазари и натаму ќе се нуди верзија со 1,2-литарски бензинец.

Секој модел во својата пазарна кариера има време што е оптимално за купувачите, во поглед на противвредноста – ова е тоа време на Fiat 500X

Најавата за „600“, како втора опција во сегментот, направи менаџерите да го надградат 500X. Тоа важи првенствено за опременоста, а таа влијае директно врз противвредноста. Увозникот Аутомобиле СК во моментов ја почнува понудата во семејството 500X со цена од 21.490 евра за верзијата 1.0 FireFly со 120 КС, вклучувајќи го промотивниот попуст од 1.000 евра – односно до 1.500 евра за изведбите од врвот на понудата.

Гамата потоа ја сочинуваат две нивоа на опременост – стандардно ниво и познатата варијанта Red, со низа стилски додатоци, но и со волан, седишта и багажник, што се третирани со био-маса за спречување на развој на бактерии и вируси. Red-моделите се достапни ширум гамата на италијанската марка, од Panda до Tipo, понудени првично како дел од борбата против пандемијата.

Линк до CarStore, онлајн-преглед на сите моделски изведби од Fiat 500X што во моментов се наоѓаат на лагер кај увозникот Аутомобиле СК

Покрај изборот на три погонски изведби – вклучувајќи дизел 1.3 Multijet со 95 КС – и изборот од стандардна или Red-верзија, може да се избере и изведба со платнен покрив со електрично ракување.

Салонскиот примерок од видеото е во отмената боја Blu Venezia (затоа и се цени 700 евра доплата), со хибриден погон и со неколку пакети екстра опрема, што ја донесува цената до близу 30.000 евра.

Опременоста е примерна, опциите се распоредени во три големи пакети, секој со цена од по 1.300 евра

Опременоста е солидна и без да се посегне по дополнителните пакети. Уште основниот модел доаѓа со елеткрична камера за знаци и систем за следење лента, паркирна сопирачка, клима уред, магленки и инфо-забавен систем со дисплеј од 7 инчи. Пакетот Comfort на тоа додава уште автоматика за климата и паркинг сензори, заедно со уште половина дузина ставки – со 1.300 евра доплата.

 

View this post on Instagram

 

A post shared by Automedia.mk (@automedia.mk)

За сите три пакети – Tech, Style и Comfort – се доплаќа исто, што е мошне прегледно и разбирливо за купувалчите. Кој цени дека во Fiat 500X треба да се додадат уште неколку системи за асистенција (автоматско долго светло, радарски темпомат и др.) го избира Tech, кој бара екстра стил, го избира Style, со тркала од 17 инчи од лесна легура, диодни предни светла и магленки или затемнети задни прозорци.

„Џипот 500“ се бори во најгусто запоседнатиот дел од европскиот пазар, покрај Toyota Yaris Cross, Kia Stonic, Peugeot 2008 или Volkswagen T-Cross, каде што одамна не решава единствено цената, туку противвредноста – се брои тоа што се добива. Тоа е традиционална категорија на Fiat. Исто е традиција да се добие и екстра техника. Во случајов на 500X, тоа е благиот хибриден погон, со корист и за комфорот и за штедливоста. Основната изведба, пак, ја има таа предност што во моментов е најдостапна СУВ-понуда во градскиот сегмент.

Претходна објаваPeugeot на пат да ја заврши годината како најпродавана марка во Португалија
Следна објаваTesla повторно притиска со поевтинувања во САД

ОСТАВИ КОМЕНТАР

Please enter your comment!
Please enter your name here