За втората генерација на Kodiaq, Skoda се раководеше строго според потребите на клиентите. Тоа значи дека во осмислувањето на моделот е сменето малку, но затоа има сосем нов дизајн.
Во чешката марка, исто како во сите поважни марки на автомобилската сцена, се вложува сé повеќе во електромобилноста и новите електрични модели се најавуваат во сé покус такт. Но, тоа што Skoda е решителна за преоѓањето на електричен погон, не значи дека го губи чувството за сегашноста.
Затоа, паралелно со знаменосецот Superb, Млада Болеслав настапува со релативно конвенционален Kodiaq. Тој е докажана големина во овие времиња на големи промени и влева доверба кај купувачите. За концернот е важно Kodiaq да продолжи со шампионската продажба и да донесе пари за Skoda да може да вложува во следните новитети.
Поради тоа, новиот Kodiaq го добива сето тоа што го ценат клиентите кај сегашниот модел, вели шефот на марката Клаус Целмер. Единствено е различно што има повеќе од сé што се цени кај овој модел: „Повеќе простор, повеќе функции, поголема ефикасност“. За сето тоа, клиентите ќе треба и да платат повеќе. Додека сегашниот модел почнува од 33.110 евра на македонскиот пазар, за новакот веројатно ќе треба да се смета на најмалку 35.000 евра. Испораката на втората генерација на СУВ-моделот од средната класа ќе стартува напролет.
За разлика од електричните модели, каде што Skoda повеќе се решава за револуција, Kodiaq доживува еволуција. Првиот човек во развојот Јоханес Нефт сепак се потпира на формулата што досега привлече повеќе од 800.000 купувачи.

Со приспособливото подвозје, со посебно регулирање на работниот и повратниот óд на амортизерите, новиот Kodiaq ќе се движи уште покомфорно и посуверено. Темелната изолација и унапредената аеродинамичност донесуваат многу потивко возење. Има и повеќе простор.
Концептот со седум седишта во три редови не се менува. Благодарение на шесте сантиметри плус во доклжина, како и на новите седишта, патниците на сите места во кабината имаат повеќе простор. Багажникот исто така е зголемен за 80 литри.

Кај Skoda не може да мине без новини од рубриката Simply Clever: Бидејќи сите моделски изведби на Skoda Kodiaq располагаат со автоматски менувач со двојна спојка, рачката за бирање е преместена зад воланот. Со тоа се отвори простор во средишната конзола, којашто воедно е поголема и располага со приспособливи држачи за чаша. Има место и за два телефони да се полнат безжично. Во багажникот има неколку нови решенија за сместување предмети. На сите седишта се пристапува лесно до држачите за таблет и телефон.
Вртлив регулатор со променливи функции
„Потреба од промени имавме превенствено во ракувањето и во дигитализацијата“, објаснува Нефт. Чесите не само што научија од сопствените грешки, туку и од грешките на мајчинската марка од Волфсбург. Шифра: Слајдергејт. Поради тоа е изненадувачки голем бројот на копчиња, а исто и на воланот има класични прекинувачи, место сензорски полиња во стилот на Golf & Co.

Бидејќи и Skoda мораше да најде свој пат, за растечкиот број на функции да се распоредат на сé помал број прекинувачи, и притоа пак да остане простор за новитети, Чесите ги смислија „Smart Dials“. Тие се наоѓаат во долниот дел од средишната конзола. Станува збор за три класични вртливи регулатори, но големата разлика е во тоа што во нив се наоѓа мал екран, по пример на Range Rover и воланите на AMG.

Со лесно притискање на регулаторот се пристапува до повеќе функции. Лево и десно се местат температурата, вентилаторот или греењето на седиштата. Средниот Smart Dial може да се програмира по желба, за да се добие, на пример, директен пристап до силината на музиката, да се зумира навигацијата или да се избере профил за возење. „На тој начин се соединуваат аналогниот и дигиталниот свет, отворено е за иднината и клиентите не мора да решаваат загатки“, објаснува Нефт.
Прв приклучен хибрид
Kodiaq уште не се вклучува во електричната револуција, но бестселерот секако дека не останува незаинтересиран за новиот свет. „Одржливоста беше една од нашите водечки идеи“, кажува Нефт. Шефот за развој притоа мисли на случувањата под хаубата.
Бензинците и дизелите добија стартер-генератор и со тоа станаа благи хибриди. Големата новина е во тоа што чешката марка сега првпат нуди и приклучен хибрид. Комбинацијата од 1,5-литарски бензинец и електромотор произведува системски 204 КС. Новата погонска варијанта станува мошне убедлива со батеријата од 26 kWh, со којашто може да се минат стотина километри пат, пред да се активира хибридот.

Добри вести има и за брзината на полнење, затоа што при користење ѕиден полнач може да се смета на 11 kW. За разлика од повеќето приклучни хибриди, Kodiaq може да користи и брз полнач со моќност до 50 kW.
Кој ќе се реши за класиката, добива на располагање 1,5-литарски TSI со 150 КС и преден погон, или дволитарски TSI со 204 КС и погон на сите тркала, односно дволитарски дизел со 150 или 193 КС, со погон на сите тркала во посилната верзија.
















