Преговорите на менаџментот на Ford со заинтересиранот купувач, за којшто се претпоставува дека е кинеска компанија, пропаднаа, и со тоа фабриката во германскиот град Зарлуи, каде што се произведува Focus, повторно е пред затворање.
Ford во четвртокот објави дека инвеститорот решил да не ги продолжи преговорите за преземање на фабриката „по извршена детална проверка на исплатливоста и по интензивни преговори.“
Американскиот производител не го соопшти името на можниот инвеститор.
Извори што се блиски до преговорите наведуваат дека кинеските производители биле меѓу компаниите заинтересирани за преземање на фабриката. Ford во Зарлуи го произведува некогашниот популарен модел Focus, чијшто завршеток нa монтажната лента е планиран за 2025 година.
Ford планираше да потпише обврзувачки пред договор со инвеститорот на 30-ти септември.
Петнаесет можни инвеститори пројавиле интерес, соопштија од работничкиот совет на фабриката во почетокот на годинава. Меѓу заинтересираните компании за преземање на фабриката биле и кинеските производители на автомобили BYD и Chery Automotive.
Ford и владата на германската сојузна држава Зарланд одржаа разговори со потенцијалните инвеститори, вклучувајќи го BYD, неколку помали производители на автомобили, како и германски производител на модули за соларни панели.
Шефот за патничките авотмобили на Ford во Европа, Мартин Зандер, на работниците во четвртокот им соошти дека компанијата ќе усвои заменски план, за да се сочуваат 1.000 од вкупно 4.400 работни места во фабриката.
Заменскиот план предвидува основање центар за технологија на местото на фабриката, соопшти Ford, без притоа да се наведат понатамошни детали.
Претставникот на работничкиот синдикат изрази разочарност и гнев за веста, наведувајќи дека преговорите со компанијата треба да продолжат во понеделник. На нив ќе се разговара за колективниот спогодбен договор за работниците што ќе прифатат да ги напуштат своите работни места.
„Тоа ќе го чини Ford многу“, кажа претставникот на синдикатот Јерг Келингер. „Ќе испратиме сигнал за останатите компании да се плашат ако сакаат да ги скусат погоните.“
Овој неуспех се слушќува во време кога Ford се наоѓа среде преговори со синдикатот на работниците во автомобилската индустрија во САД, коишто веќе 21 ден штрајкуваат поради условите на работа.
Ford ја скусува својата производствена мрежа во Европа и ја смалува понудата од модели во својата гама, за целосно да им се посвети на батериските електрични автомобили. По 2030 година, Ford во Европа ќе продава само електрични автомобили.
Focus, којшто некогаш беше столб на продажбата на американскиот Ford во Европа, нема да добие наследник, откако последниот примерок од моделот ќе ја напушти производствената лента во 2025 година.
Зарлуи се бори против затворање уште од јуни 2022 година, кога Ford ја избра својата фабрика во Валенсија, Шпанија, место фабриката во Зарлуи, за во неа да се произведува следната генерација електрични автомобили за Европа.
















