Салонот во Минхен за германските производители требаше да биде домашна игра со сигурна победа. Додека порано, кога салонот ИАА уште се одржуваше во Франкфурт, домашните производители имаа целосна контрола на теренот, годинава веќе нема повод за веселба. Кинезите им влетаа во парадата на домаќините.
Побројни од кога било досега, па уште и со самоуверен настап, кинеските производители го држат главниот збор на салонот за мобилност ИАА во Минхен, со марки што одвај кој умее да ги изговори правилно.
За време на одржувањето на големите салони на автомобили, по градските улици обично може да се видат голем број нови модели, што заинтересираните купувачи ги земаат за пробно возење. Во времето на ИАА во Франкфурт, по улиците доминираа автомобили од домашните марки, од Волфсбург или од Штутгарт. Годинава, новите модели што се пробуваат по улиците се од марките Nio и BYD, но и од сосем непознати марки, како Voyah, Xpeng, Zeekr, Yoyo, Denza или Leapmotor. Истата слика се добива и на штандовите на салонот, како и на најпрометните места низ баварската престолнина, каде што исто така изложуваат бројни производители, како дел од ИАА.
Додека Volkswagen уште го држи маскиран новиот ID.7, кинескиот BYD со својот Seal веќе нуди пристојна конкуренција за Tesla, со цена од околу 45.000 евра и со досег од преку 700 километри. Згора на тоа, Кинезите имаат и понапредна батериска технологија, со батерии што се состојат од т.н. Blade-ќелии.
Моделите X и Z на малку познатата марка HiPhi располагаат со дисплеи што може да се програмираат по желба и изведуваат светлосно шоу во кабината. Покрај нив, дури и сосем новиот Audi Q6 e-Tron изгледа застарено. Уште еден приказ на вистинската слика за минхенскиот ИАА дава марката Denza, со којашто Mercedes има заедничка инвестиција во Кина. Луксузниот електричен ван D9 на Кинезите, нуди уште повеќе луксуз, поголема моќност и поголема батерија дури и од V-Class, односно од EQV.

Германските производители на автомобили сепак не се предаваат без борба. Audi Q6 e-Tron е големата надеж на Инголштат, но уште не е стартуван со производство и затоа на салонот е прикажан со маскирана каросерија. Ford Explorer не е вистински модел на Ford, туку е верзијa на Volkswagen ID.4.
Далеку поверодостојно е на штандовите на Mercedes и BMW, каде што се прикажани концептни автомобили што наскоро ќе стартуваат со сериско производство. Кај Mercedes, тоа е концептниот автомобил CLA, којшто в година ќе биде прикажан во сериската изведба и ќе стартува со продажба во 2025 година. Истиот случај важи за BMW и за нивната Neue Klasse, нова класа.

Од Concept CLA и од Neue Klasse ќе произлезат цели моделски семејства. Техниката на купе-лимузината на Mercedes е инспирирана од рекордерот со најдолг електричен досег, студискиот Mercedes EQXX (1200 km во реални услови). Покрај CLA, идното семејство електрични модели од компакт класата на Mercedes ќе го сочинува уште купе-комбито CLA Shooting Brake, како и два СУВ-модели. Neue Klasse на BMW е основата за шест нови генерации модели од средната класа, вклучувајќи ги Серија 3 и идниот X3.
Концептите што ги најавуваат идните модели на Mercedes и BMW располагаат со мрежа од 800 волти и со нова електронска архитектура, со оперативен софтвер од сопствен развој. Жестоките конкуренти ветуваат дека ќе постават нови мерила во неколку дисциплини.
BMW ветува за 30 проценти подолг досег, за 30 проценти побрзо полнење и за 25 проценти намалена потрошувачка на струја. Mercedes е уште поконкретен за својот иден CLA, прв од новото семејство компакт модели со сребрената ѕвезда. Електричната лимузина троши само 12 kWh на сто километри, што овозможува и досегот да достигне завидна вредност од 750 километри. Новиот Mercedes ќе може да користи полнач со моќност до 250 kW, што значи дека за само 15 минути ќе се наполни енергија за следните 400 километри пат. Покрај овие бројки, кинескиот Nio престанува да биде интересен со своите автоматски станици во коишто празните батерии за неколку минути се заменуваат со полни.
Opel за своите електрични автомобили ветува долг досег и достапна цена
Opel годинава се врати на ИАА и има важен настап со својот шоу-автомобил Experimental. Електричната студија со каросерија што е спој меѓу СУВ и купе, го прикажува новиот дизајнерски правец на германската марка. Experimental воедно го најавува и првиот модел на Opel што ќе биде развиен врз платформа што е наменета само за електричен погон.

Автомобилот користи нова платформа STLA на концернот Stellantis. За разлика од Mercedes и BMW, тука работи 400-волтна мрежа, но затоа и ценат на автомобилот ќе биде далеку подостапна. Риселсхајм исто така спомнува вредности на досег од преку 700 километри. Серискиот кросовер што директно ќе произлезе од студијата Exprimental ќе почне да се произведува по 2025 година и веројатно ќе го носи традиционалното моделско име Manta.
Меѓу поблиските и подалечни визии на големите производители се наоѓаат и неколку нови модели што се релативно подостапни и со коишто производителите го премостуваат периодот до преоѓањето на целосно електрична гама од модели. Mini Cooper и СУВ-изведбата Mini Countryman влегуваат во нова генерација, прво во верзиите со електричен погон, а од следната година и со верзии со бензински мотори.
Важен новитет секако дека е 9-та генерација на VW Passat, исто како и кросовер изведбата од E-Class Т- Modell, со веќе традиционалната додавка All Terrain.
Ненадеен гостин од Америка
Покрај амбициозните Кинези во напаѓачки подем и домашните играчи во креативна одбрана, дали на овој не толку интернацинален настан можеби настапуваат и некои други играчи што се важни? Не од Европа, а не и од Азија. Производителите од Шведска и Британија отсуствуват, исто како и од Јапонија или Кореја.
Сепак постои еден ненадеен гостин од Америка. Откако Tesla во изминатите години постојано ги избегнуваше сите салони на автомобили, електро-специјалистот овојпат се реши да учествува. Tesla исто така мора да се брани од кинеските производители.
















