Многу погонски решенија во Toyota: Хибрид, приклучен хибрид, батериски електричен погон, па згора на тоа и погон на водород, двапати. Водородот во Toyota еднаш се користи како погонско гориво во посебно приспособени ото-мотори, еднаш како хемиски реагенс во т.н. горивни ќелии. Во Toyota Hilux почна да се тестира вториов вид на водороден погон.
Што им е заедничко на Mirai и на Hilux, освен тоа што двата се Toyota? Водородниот погон, оној што користи горивни ќелии, за да се потикне хемиска реакција од којашто се произведува електрична енергија и со којашто потоа се напојува погонскиот електромотор.
Развојот на водородниот електричен погон – различен од батерискиот електричен погон – напредува во Toyota. Целта на јапонскиот производител е во Европа да се засили развојот на погонски решенија што се базираат на горивна ќелија и на тој начин да се придонесе за смалување на емисијата на СО2.
Вградувањето на горивни ќелии, во коишто се одвива хемиската реакција на водородот, во пикапот Hilux, претставува уште една пресвртница на патот на Toyota кон иднина со нулта емисија на стакленички гасови. Со овој чекор, Toyota уште еднаш докажа во колку различни видови на примена може да се најде водородниот погон.
Јапонците на овој начин сакаат уште еднаш да го „освестат“ светот дека мобилноста не треба и не може да се сведува на само едно погонско решение – на батерискиот електричен погон. Затоа во Toyota се работи паралелно на водородот, па и на две сосем различни насоки на негова примена.
Пикапот што вози со најнапредниот вид на погон што досега влегол во индустриско производство, изработен е во фабриката на Toyota во Дерби, Англија. На развојот работеа уште неколку партнери, а дел од средствата за развој обезбеди владата на Обединетото Кралство.

Toyota го опишува чинот: „Hilux е глобална икона на марката Toyota, со репутација на исклучителна отпорност и издржливост. Развојниот проект имаше за цел да истражи, дали овие квалитети може да се задржат и при вградување на погонска спрега со погон на водород со горивни ќелии.“
Во водородниот погон во пикапот Toyota Hilux се користи техниката од прочуената лимузина Mirai

Компонентите што работат во „водородниот“ Hilux во основата се исти како во техно-лимузината од средна класа Toyota Mirai, што Јапонците ја произведуваат веќе во втора генерација и што досега се има продадено во десетици илјади примероци ширум светот. Станува збор за технологија со којашто Toyota има стекнато речиси 10-годишно искуство во продажба.
Единственото што пикапот го испушта од издувната цевка е водена пареа
Водородот се чува под висок притисок во три резервоари. Со нив, прототипот на Hilux може да вози до 600 километри – повеќе од главнината од возилата со батериски електричен погон. Во возилото се наоѓа и батерија, којашто има за цел да ја акумулира неискористената енергија што ја произведува горивната ќелија. Таа се наоѓа на товарната платформа и со тоа не одзема простор од кабината.

Проектот започна рано во 2022 година, со проверување на можностите за реализација на идејата, во соработка меѓу англискиот огранок и Toyota Motor Europe. Средствата ги обезбеди владата на Обединетото Кралство, преку непрофитна организација за развој на чисти технологии и нови видови мобилност.
Во јули 2022 година почна да се работи на проектирање, заедно со партнерите Ricardo, ETL, D2H Advanced Technologies, Thatcham Research и Toyota Motor Corporation (TMC).
Намерата е пикап со водороден електричен погон да биде пуштен во производство во втората половина на деценијата
Изработката на прототипот почна на 5-ти јуни, со почитување на начелата на производство на Toyota, во фабриката во Дерби. Пикапот со погон на водород беше оспособен да вози по само три седмици. До завршетокот на годинава ќе се изработат 10 прототипи. Оваа пробна серија ќе се искористи за да се тестираат безбедноста, возните својства, функционалноста и издржливоста, со почитување на највисоките стандарди на Toyota.
















