Кинески марки и Tesla, против BMW, VW, Mercedes на салонот во Минхен

Најважниот салон на автомобили во Европа ќе покаже дали одамна традиционалните домашни производители на автомобили можат успешно да се спротивстават на сé посериозната закана од кинеските ривали, како што се BYD, но и од Tesla.

Дисциплините во коишто производителите на автомобили ќе ги одмеруваат силите на годишениот салон ИАА Мобилити во Минхен: Електромобилност, автономно возење, батерии што брзо се полнат и издржуваат долго, како и софтвер што е едноставен за користење.

Тоа ќе бидат клучите теми на ИАА Мобилити во Минхен, наследник на историскиот ИАА што со децении се одржуваше во Франкфурт. Со новитетите прво ќе се запознаат новинарите на 4-ти септември (понеделник), за од 5-ти септември Салонот да се отвори за публика. Важниот настан трае до 10-ти септември (недела).

На салонот годинава ќе има двапати повеќе кионески марки отколку во 2021 година. Во времето кога пандемијата уште поставуваше строги ограничувања, голем број производители се откажаа да изложуваат на ИАА, а и публиката не беше посебно расположена за социјализирање.

Познавачите ги гледаат кинеските производители MG Motor и BYD како главна закана за европските марки. BYD и MG чекор по чекор ја прошируваат својата мрежа во Европа и целат на главните пазари, градејќи мрежа од дистрибутери и дилери. Двете компании исто така планираат да отворат фабрики во Европа.

BYD и MG ги предводат кинеските марки на салонот ИАА во Минхен

Нивните стратегии се слични со оние на јапонските и корејските производители, како Toyota или Kia. Фактот што на салонот нема да присуствуваат јапонски или корејски марки значи дека кинеските новодојденци ќе бидат уште позабележливи под салонските рефлектори.

Европските гиганти не мируваат. Volkswagen, BMW, Mercedes-Benz и Renault ги подготвуваат своите најнови електрични автомобили за настанот во Минхен.

Tesla ќе направи редок исклучок и ќе присуствува на ИАА.

Европските гиганти меѓу добавувачите за автомобилските фабрики, како Robert Bosch, Continental и Valeo, не се поштедени од конкуренцијата од кинеските компании, исто како и американските техно-гиганти. Жестока битка се води на полето на автономното возење, батериската технологија и софтверот.

Qualcomm, Nvidia и Mobileye (Intel) ќе прикажат своите најнови достигнувања, заедно со Google и Amazon.

Кинеските производители првпат ќе го одржат својот светски конгрес за електрични возила надвор од Кина, на настанот што е планиран на 6-ти септември. Меѓу говорниите се извршните директори на Mercedes-Benz и на BMW, Ола Келениус и Оливер Ципсе.

Во продолжение некои од главните премиери.

AUDI

Audi ќе прикаже нов концепт на ракување со дисплеите во својот Q6 E-tron, кој што пред јавноста ќе се појави маскиран. Q6 E-tron е прв од новата генерација електрични автомобили на марката. Audi ќе ја претстави и платформата PPE, што ја користи Q6 E-tron и што е развиена заедно со Porsche.

BMW

BMW Vision Neue Klasse е дизајнерска студија што е блиска до идниот сериски модел со целосно електричен погон и големина на Серијата 3, што треба да стартува со продажба во 2025 година. Автомобилот е продолжение на серијата што започна со студијата на еколошки автомобил BMW i Vision Circular и со BMW i Vision Dee, автомобил со напреден софтвер. Двата автомобили беа прикажани лани, за BMW да го покаже напредокот во кружната економија и во дигитализацијата.

BMW ќе одржи и премиера на изведбите од серијата 5 со приклучен хибриден погон, како и на i7 Protection, блондирана изведба на целосно електричниот знаменосец, што очигледно треба да им го привлече вниманието на државните лидери и високите политичари.

BYD

BYD на 9-ти август објави видео во коешто ги повикува кинеските производители на автомобили „да ги уништат старите легенди“. Кинезите со настапот на салонот продолжуваат да се пробиваат на европскиот пазар. На салонот ќе доживее европска премиера Denza, премиум марка електрични возила, што е заеднички потфат со Mercedes-Benz.

Меѓу премиерите се наоѓа и електричен модел од марката BYD што е планирано да се продава и во Европа. Кинезите годинава ќе стартуваат со продажба на електричната лимузина од средната класа Seal и со електирчниот СУВ-модел Seal U. Со тоа, бројот на модели што BYD ги продава на европскиот пазар ќе се зголеми на шест.

CUPRA

Tavascan е првиот целосно електричен СУВ на Cupra, што ја користи платформата MEB, заедно со Audi Q4 E-tron и VW ID4. Шпанската марка на VW Group ќе ги одбрани и своите спортски гени преку Formentor VZ5 BAT. Тоа е изведба на кросоверот Formentor со 385 КС, лакирана во црно, што ќе се изработи во ограничена серија.

DONGFENG

Кинескиот производител ќе започне со продажба на возила во Европа, вклучувајќи го семејниот ван М6.

FORD

Ford ќе одржи ипремиера на компактниот СУВ-модел со батериски електричен погон Explorer, којшто е конструиран врз платформата MEB на Volkswagen Group.

HIPHI

Стартап-компанијата со скапи електрични автомобили доаѓа на салонот со лимузината Z GT. Во исто време, на минхенскиот аеродром ќе биде отворен новиот салон на HiPhi, каде што ќе бидат прикажани СУВ-моделот X и лимузината Y со крилести врати.

LEAPMOTOR

Кинескиот стартап преговара со VW Group, за буџет-марката Jetta да почне да нуди електрични модели на кинескиот пазар. Leapmotor стартуваше со продажба на минито T03 во Европа. Следниот модел што е планиран да стартува на европскиот пазар е СУВ-моделот C11.

MERCEDES-BENZ

Mercedes-Benz подготвува големо деби за својот батериски електричен автомобил Concept CLA Class. Сериската изведба ќе биде прв компактен модел на Mercedes-Benz од новата генерација автомобили со електричен погон, што ќе бидат конструирани врз новата платформа MMA. Штутгарт ветува досег од преку 750 километри. Деби во Минхен ќе доживее и E-Class All-Terrain, теренска изведба на новата E-Class, заедно со освежените моделски годишта на EQA и EQB.

MG

MG, со продадени близу 100.000 автомобили во Европа во првото полугодие, на салонот ќе го прокаже спортскиот модел со електричен погон Cyberster. На штандот ќе се најдат уште MG4 Electric XPOWER, верзија на компактниот модел со високи перформанси, и MG Marvel R, верзија со високи перформанси на електричниот СУВ со погон на сите тркала.

MINI

Mini ќе лансира два нови модели со батериски електричен погон – Cooper E/SE и Countryman. Cooper E и посилната изведба SE се базираат врз електричната платформа што е развиена од Spotlight Automotive. Тоа е заедничка инвестиција на BMW и Great Wall. Двата модели ќе се произведуваат во Кина.

Countryman исто така ќе се нуди во две изведби – E и SE ALL4. Каросеријата е поголема во споредба со моделот што е во заминување и со тоа моделот преоѓа од градската класа во компакт класата. Платформата потекнува од електричниот BMW iX1. Автомобилот ќе се произведува во фабриката на BMW во Лајпцих, Германија, заедно со iX1.

OPEL

Opel е единствена марка на концернот Stellantis што ќе присуствува на салонот во Минхен. Германската марка го најави концептот Experimental, со целосно електричен погон, којшто ја покажува насоката во којашто ќе се развиваат дизајнот и технологијата на Opel во иднина. Се очекува дека моделот што ќе произлезе од овој концепт ќе го носи историското име Manta, спортско купе што се произведуваше од 1970 до 1988 година. Деби ќе имаат и електричните изведби на Corsa и Astra Sports Tourer.

POLESTAR

Во центарот на Минхен ќе бидат изложени лимузината од средна класа Polestar 2 и големиот СУВ-модел Polestar 3. Двата модели на подмарката со високи перформанси на Volvo користат целосно електричен погон.

RENAULT

Renault ќе одржи премиера на Scenic E-Tech, целосно електричен СУВ од компакт класата, сестрински модел на Megane E-Tech, чијашто продажба стартуваше лани.

SERES

Seres е марка електрични возила на кинескиот производител на мобилни телефони Huawei. Кинезите се присутни на европскиот пазар со компактниот кросовер Seres 3 и со СУВ-купето од средна класа Seres 5, коешто во Кина се продава како Aito M5.

SMART

Некогаш марка на Mercedes-Benz, денешниот Smart е заеднички проект со Geely. Европско деби на салонот ќе доживее компактниот СУВ-модел со ознака #3.

TESLA

Американскиот прозиводител на електрични автомобили подготвува деби за освеженото моделско годиште на Model 3. Возилата на Tesla ќе бидат прикажани на отворен простор, на прочуениот Кенигсплац, кралскиот плоштад.

VOLKSWAGEN

Volkswagen непосредно пред салонот ја прикажа сериската изведба на деветтата генерација на Passat и организираше тест-возење за влијателните медиуми. Повеќе за моделот може да се прочита во нашата објава.

XPENG

Партнерството на Xpeng со Volkswagen на кинескиот пазар, ги качи акциите на производителот на електрични автомобили во Европа. Xpeng неодамна започна со испорака на лимузината од средна класа P7. На салоонот ќе биде прикажан и G9, СУВ-модел од средна класа.

 

Претходна објаваБританците ќе го чуваат звукот на Jaguar во Националната Библиотека
Следна објаваLexus ги вози ѕвездите до црвениот тепих во Венеција

ОСТАВИ КОМЕНТАР

Please enter your comment!
Please enter your name here