Тоа што марката од Риселсхајм го именува своето концептно возило Experimental, со премиера закажана за салонот за мобилност ИАА во Минхен, не значи дека Opel ќе изведува експерименти и ќе проверува како реагира светот на најновите замисли на визионерите намарката, туку повеќе е во духот на првиот Opel Experimental GT од 1965 година.
Opel го доврши своето најново концептно возило и го најавува како премиера за салонот ИАА, којшто сега е салон за мобилност, и не се одржува во Франкфурт, туку во Минхен. Opel Experimental ќе биде изложен на салонот што се одржува во баварската престолнина од 5-ти до 10-ти септември. Повеќе детали за возилото ќе бидат објавени во текот на летото.
Директорот Флориан Хутл го најавува новото возило: „Како што укажува името, Opel Experimental нема едноставно да отсликува некој иден модел, туку е јасна визија за целата наша марка. Студијата покажува во кој правец продолжува патувањето во следнитe години за нас како марка. Таа ќе влијае врз сите сериски возила од следната генерација и го симболизира тоа што ние сакаме да го постигнеме со Opel.“
Opel Experimental го прикажува следното скалило во развојот на дизајнерскиот пристап на Opel, којшто е ценет и одлично е прифатен на сцената. Тој дизајн првпат беше прикажан со GT X Experimental. Со новото концептно возило, марката продолжува да го полира својот имиџ во концернот Stellantis и повторно става нагласок на „Detox“, „Modern German“ и „Greenovation“ како идеи што во моментов ја движат марката.
Најновата креација од дизајнерскиот центар во Риселсхајм ќе биде и прв модел на Opel што ќе го носи неодамна прикажаното ново лого на марката, новиот „блиц“. Молњата како заштитен знак на германската марка, се наоѓа во центарот на компасот на Opel – како што се нарекува дезајнерската шема на марката – и според којшто се раководи дизајнот на предниот и задниот дел на каросеријата, како и внатрешноста.
Opel Experimental ја продолжува долгата традиција на концептни возила „made in Rüsselsheim“, којашто започна во 1965 година, кога Opel со својот Experimental GT беше прва европска марка што на јавноста ѝ прикажа дизајнерска студија.
















