за

Volkswagen Passat отсега од Словачка, само уште како комби

Деветтата генерација на Volkswagen Passat донесува нова техника, повеќе простор и покомфорна е од кога било досега.

Волкот ја менува каросеријата, но не и платформата. Новиот Passat од марката од Волфсбург е комплетно нов, иако и натаму се базира врз платформата MQB. Разликата во споредба со претходникот е во тоа што новакот ја користи усовршената платформа со додаток „evo“.

Најголемата промена кај деветтата генерација на Passat – само овој модел на VW има повеќе генерации од Golf – воопшто нема да биде видлива. Новиот модел, имено, повеќе нема да се произведува во Емден, туку во Словачка, во фабриката во Братислава.

Новиот Volkswagen Passat ќе излегува од словачката фабрика заедно со Skoda Superb. Додека чешкиот знаменосец и натаму ќе се нуди како лимузина и комби, германскиот иконски модел во иднина ќе биде достапен само како комби, со традиционалното име Variant.

Тоа што платформата е иста со Skoda Superb и тоа што инженерите на чешката маерка раководеа со развојот на Passat, не значи дека двата модели располагаат со иста каросерија. Некои каросериски делови сепак се идентични кај двата модели, како што се вратите или покривот.

Верно на историјата на моделот, дизајнот е чист од стилски експерименти и оддава елеганција. Маската е впечатлива, долж каросеријата има само еден раб и тој минува по рачките на вратите. Новиот Passat со појавата остава ист впечаток како што оставаа и бројните генерации на моделот досега.

Во димензиите има многу поголема промена. Тука Волфсбург цели кон бизнис класата, односно кон форматот на еден Mercedes E-Class или Audi A6. Одвај осум сантиметри недостигаат за Passat да достигне пет метри должина. Тоа е за 14 повеќе отколку кај претходничката. Овој пораст не е само за очи, туку има корист и за просторноста на кабината. Меѓуоскиното растојание порасна за пет сантиметри и сега мери 2,84 метри. Ширината е зголемена за два сантиметри, што дава вкупно 1,85 метар, додека висината се разликува само за милиметар.

Максималната зафатнина на багажникот на VW Passat е поголема отколку кај Mercedes E-Class T-Modell

Иако опашот на комбито не завршува толку право како кај досегашниот Passat Variant, просторот за багаж профитираше значително, главно поради подолгата каросерија. Просторот за багаж сега располага со зафатнина од 690 литри, што е плус од 40 литри. Со соборена клупа се добиваат 1.920 литри простор. За споредба, T-Modell од новата E-Class нуди 1.830 литри.

Техничарите на VW посебно ја нагласуваат аеродинамичноста. Со вешти зафати и фини детали, каросеријата на Passat му се спотивставува на воздухот со коефициент на отпор од 0,25. Тоа е голем напредок од претходникот, со вредност 0,30. Во предниот браник се изведени т.н. Air Curtains, формата на ретровизорите е дотерана, покривот завршува со моделиран спојлер и опашот е собран странично.

Воланот е без експериментите со сензорски полиња, значи станува збор за класични прекинувачи. Инструментите се дигитални со пречник од 10,25 инчи, а средишниот дисплеј располага со 12,9 инчи ширина – тоа е стандард. Со доплата следи средишен дисплеј од 15 инчи. За содржината што се прикажува во тој дисплеј се грижи нов софтвер. Станува збор за MIB 4, најнов инфо-забавен систем што е дел од платформата MQB.

Во горниот дел од дисплејот постојано се прикажува лајсна со полиња за директен пристап што може да се конфигурираат, додека долу во дисплејот постојано се присутни полињата за пристап до функциите на климата. Системот нуди бројни можности за конфигурирање, а од голема помош при корситењето на функциите треба да е новиот систем за говорни команди IDA. Во подножјето на дисплејот се наоѓаат познатите лизгачи (од ID.3 & C), коишто сега се осветлени и служат за менување на температурата во кабината и силината на музиката.

Бирачот за степени за возење сега е поставен на управувачкиот столб

Во средишната конзола е оставено само најпотребното: Копче за старт, копче за паркирната сопирачка и прегради. Рачката за избор на степен на пренос е преселена на управувачкиот столб и со неа се ракува исто како како кај ID-моделите. Со бришачите се ракува преку левата рачка зад воланот. Тоа можеби нема да им се допаѓа на многумина, но денес повеќето работи во автомобилите функционираат автоматски.

Со исклучок на основната изведба, седиштата располагаат со масажна функција. Во поедноставната варијанта, седиштата имаат три воздушни перници за масажа, додека во верзијата ergoActive Plus, за тоа може да се грижат десет перници. Може да се нарача и автоматска климатизација на седиштата.

Со струја и бензин до 1000 километри досег

Новина во понудата од погонски единици се двете варијанти со приклучен хибриден погон, со системски 204 или 272 КС. Во двете варијанти, основата е 1,5-литарски TSI, со 150 или 177 КС. Батеријата е зголемена на 19,7 kWh, за полнење може да се користи брз полнач со моќност од 50 kW или може да се користи обичен полнач од 11 kW. Со полна батерија може да се смета на досег од стотина километри. Со 45 литри гориво во резевоарот, така може да се минат илјада километри до следното полнење.

Рекламите на VW се враќаат во форма

 

View this post on Instagram

 

A post shared by Volkswagen (@volkswagen)

Кај дизелите нема скусување, Volkswagen нуди три варијанти: 122, 150 и 193 КС. Најсилната верзија стандардно доаѓа со погон на сите тркала. Од бензинците, на располагање се 1,5 eTSI со 150 КС, како благ хибрид, и 2.0 TSI со погон на сите тркала и 265 КС. Менувачот секогаш е DSG.

Ценовникот за Германија почнува од 39.995 евра. Тоа е повеќе во споредба со претходната генерација, но опременоста е значително збогатена. Passat доаѓа со автоматска клима, приспособлив темпомат, паркинг сензори напред и назад, задна камера, камера за знаци и уште бројни ставки.

Видеото од тестот на Volkswagen Amarok во Аутомедиа

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Велес-Градско: Патот од 20 километри долг година и кој знае уште колку

Гарантиран луксуз: Петгодишна гаранција за RANGE ROVER, DEFENDER И DISCOVERY