Концернот Stellantis планира да додаде втор модел со целосно електричен погон во најдостапниот ценовен сегмент на пазарот, со цел да им се спротивстави на Renault и на кинеските производители, додека купувачите бараат пазарот да им понуди подостапни електрични автомобили.
Новиот електричен автомобил, којшто ќе ја следи шемата на Fiat Panda, зацртано е да чини помалку од 25,000 евра. Италијанците ќе го претстават новиот модел во јули 2024 година, како конкурент на Dacia Spring, евтиниот електричен автомобил од групацијата Renault. Тоа во едно интервју го потврди шефот на марката Fiat, Оливие Франсоа.
„Постои вистинска неопходост од подостапни електрични автомобили“, кажа Франсоа.
Концернот Stellantis, којшто настана со соединувањето на Fiat Chrysler и Peugeot/Citroen, исто така планира да понуди целосно електричен автомобил од градската класа, од марката Citroen. Моделот со цена под 25.000 евра ќе се појави веќе во почетокот на следната година.
Citroen ќе го произведува моделот со ознака e-C3 во фабриката во Словачка, со цел да ги смали трошоците за производство и да може посилно да ѝ се спротивстави на Dacia Spring. Романскиот електричен автомобил се произведува во Кина. Renault го подготвува за старт и целосно електричниот R5, во стилот на легендарниот модел од 1970-те, којшто ќе се произведува во Франција.
View this post on Instagram
Производителите на автомобили се борат да ги задржат купувачите во најдостапните пазарни сегменти, во време кога нивната купувачка моќ е ослабната поради инфлацијата. Притисокот да се понудат поевтини електирчни автомобили се зголемува дополнително со тоа што кинеските производители на автомобили засилено се пробиваат на европскиот пазар.
Fiat планира наскоро да стартува со електричната Nuova 500 на пазарот во САД, којшто носи најголем профит во концернот Stellantis.
За новата електрична Fiat Panda, „мошне е веројатно дека ќе постојат синергиски ефекти“, со платформата што ќе се користи за новиот Citroen e-C3, најавува Франсоа.
















