Тоа е втората голема најава од корејскиот специјалист за теренци SsangYong, што масовно го привлече вниманието на сцената во последниве неколку години. По најавата дека ќе понуди електричен Korando, дополнително на бензинските и дизел изведбите – што стана реалност и од летово е во редовната моделска понуда во Аутомакедонија – втората најава од SsangYong беше целосно новиот модел Torres, којшто е позициониран меѓу Korando и Rexton. Првите европски пазари веќе ги објавија цените.
Torres, модел од средната класа во СУВ-понудата на SsangYong, именуван по светски прочуениот национален парк во Чиле, уште во текот на годинава ќе почне да се продава на првите пазари во Европа. Германија е меѓу клучните европски пазари за моделот и за марката, па соодветно на тоа и цените за новиот Torres се објавуваат прво за германскиот пазар.
SsangYong Torres во основната моделска изведба ќе чини 39.490 евра на тој пазар. СУВ-моделот долг 4,70 метри (Korando 4,45 метри) го прикажува новиот дизајнерски пристап на корејската марка, а на тоа додава и напредни системи за безбедност, како и бројни онлајн-услуги. Богатата опременост одамна е својствена за SsangYong, којашто производителот отсекогаш ја промовирал како премиум марка. Моторот е 1,5-литарски турбо-бензинец со директно впрскување и моќност од 163 КС.
Податоците за македонскиот пазар уште не се објавени, меѓутоа за ориентација може да послужат нивоата на опременост што SsangYong ги скрои за германскиот пазар. Има вкупно четири нивоа, почнувајќи од основното ниво Amber, во коешто се вклучени диодни светла, двозонска автоматска клима, паркинг сензори напред и назад, како и мултифункциски волан.
Инструментите се дигитални и информациите се прикажуваат на дисплеј од 12,5 инчи. Во средишната конзола има уште два дисплеи: Едниот е долу и служи за контрола на климата (8 инчи), а вториот е за пристап до инфо-забавните функции и има пречник од 9 инчи. На големиот дисплеј се прикажува и сликата од задната камера. Од системите за асистенција, стандард се самостојно запирање при опасност од судир, автоматско долго светло, активно задржување во лента и предупредување при замор.

Во второто ниво Quartz (41.990 евра во Германија), Torres добива тркала од лесен метал од 18 инчи и диодни магленки. Покрај тоа што седиштата се обложени со вештачка кожа, ова ниво располага со греење на воланот и на предните седишта, осум воздушни перници, предупредување при возило во мртов агол, навигација и пристап без клуч. Доколку се доплати за верзија со 6-степен автоматик, се добива и приспособлив темпомат.
Третото ниво е Forest Edition (47.490 евра во Германија), што доаѓа само во комбинација со автоматик. Опремата вклучува тркала од 20 инчи, делумно кожен ентериер, електрика и вентилација за возачкото седиште, греење на задната клупа и електрично отворање на задниот поклопец.
Багажникот располага со зафатнина од 703 литри, односно 1.662 литри со соборена клупа
Пакетот на опременост во третото ниво го комплетира амбиентално осветлување. Врвното ниво е Sapphire (48.490 евра во Германија) коешто располага со целосно кожен ентериер.
За каросеријата стојат на располагање шест бои, додека за внатрешноста може да се избира меѓу четири различни изведби на бои.

Моторот е познат од Korando, тоа е 1,5-литарец со 163 КС и вртежен момент од 280 Nm, во континуитет од 1.500 до 4.000 вртежи. Во двете највисоки нивоа на опременост дополнтиелно е достапен и погон на сите тркала. Во возењето може да се избира меѓу неколку профили, почнувајќи од економичен до спортски режим на возење.
Европските салони на SsangYong ќе ги изложат првите примероци од Torres веќе во септември, а во понатамошниот тек од годината ќе почнат и испораките. Во 2024 година дополнително ќе биде понудена целосно електрична изведба, по истиот пример како кај Korando.
Се очекува Аутомакедонија да објави информации за стартот на моделот на македонскиот пазар.
Основни технички податоци – SsangYong Torres
Должина 4.700 mm
Ширина 1.890 mm
Висина 1.710 mm
Меѓуоскино растојание 2.680 mm
Круг на вртење 10,8 mm
Растојание од подлога 195 mm
Багажник 703 – 1.662 l
Празно возило 1.498 kg
Тежина на приколка 1.500 kg, со сопирачки
Motor 1,5-литарски бензинец со директно впрскување и турбонатполнење
Моќност 120 kW/163 КС при 5.000/min
Вртежен момент 280 Nm меѓу 1.500 и 4.000/min
Највисока брзина 191 km/h
Просечна потрошувачка 7,9-9,1 (зависно од верзија)
















