Porsche 911 е млад 60 години. Во таа чест, германската спортска марка ја подготви најлесната изведба на моделот од генерацијата 992, којашто е спој меѓу 911 GT3 со пакет Touring и тркачки GT3 RS.
Четирилитарски боксер со 525 КС, на којшто му е дозволено да врти до 9.000/min, заедно со олеснета спојка и со мануелен менувач со скусени преносни односи – Тоа им е сосем доволно на клиентите и фановите на Porsche за да добијат претстава што се случува во 911 S/T, како ексклузивна моделска изведба на иконскиот модел на Цуфенхаузен, во чест на 60-годишнината на моделската серија.
Тоа што инженерите го направија со 911 S/T, што ќе се изработи во само 1.963 примероци, се чисто зафати во насока на зголемување на возачкото ужување. Боксерот со 525 КС, што ја постигнува моќноста на класичен начин, преку високи вртежи, место преку турбо, првпат се нуди во спој со мануелен менувач и олеснета спојка.
Дополнително се извршени бројни зафати за олеснување на возилото, додека подвозјето е оптимирано за агилност и за прецизност. Со 1.380 килограми, 911 S/T е најлесен модел од генерацијата 992.
Може да се доплати за пакет Heritage Design, којшто зема пример од 911 S од доцните 1960-ти и раните 1970-ти години.
Porsche 911 S/T е цивилна верзија на тоа што инженерите на Porsche го подготвуваат за тркачките патеки
Преку смалување на ротирачките маси во моторот, во тркалата, па дури и во сопирачките, постигнато е 911 S/T да реагира непосредно и без какво било доцнење. Цуфенаузен уверува: „Секое движење на воланот, секое притискање вез педалата за гас или сопирање, се спроведува непосредно и најточно.“

Porsche 911 S/T во основа е 911 GT3 RS, со таа разлика што тежиштето при конструирањето не беше ставено на тркачка примена, туку на возење по јавни патишта.
Името зема пример од историјата. Новиот 911 S/T се цени како наследник на една од најспортските изведби на првата генерација на 911. Во 1969 година, Porsche понуди посебна изведба на 911 што беше наменета за трки. Таа изведба интерно се водеше како 911 ST.
Предниот поклопец, покривот, предните крила и вратите со впечатливите засеци, изработени се од карбон-пластика. Истото важи и за заштитниот кафез, за стабилизаторот на задната оска и за попречниот лост за зајакнување на кошот за моторот. Стандардните тркала се од магнезиумска легура, сопирачките се керамички PCCB, се стартува со литиум-јонска батерија, стаклата се полесни.

Без управувана задна оска, со смалена изолација и зафати за намалување на тежината во погонската спрега, 911 S/T тежи само 1.380 килограми, што е најмалку во целата генерација 992 досега. Тоа се 40 килограми помалку од 911 GT3 Touring со мануелен менувач.
Посебно за 911 S/T е развиена спојка со лесна конструкција, што во комбинација со класичен замавник ја смалува тежината на ротирачките маси за 10,5 килограми. Резултатот: Вртежите се качуваат исклучително брзо и без доцнење. Спринтот трае 3,7 секунди, крајната брзина е 300 km/h. На тоа следи и спортски издувен систем, исто така олеснет, со посебен звук.
View this post on Instagram
Porsche 911 S/T е единствен во гамата што комбинира предна оска со две триаголни водилки и мултилинк задна оска, без притоа да има управување и на задната оска. Амортизерите и системите за стабилност се соодветно оптимирани.
Предните гуми имаат димензија 255/35 ZR 20, задните 315/30 ZR 21. Школкасти седишта од карбон-пластика се стандард.
Само за купувачите на 911 S/T е достапен часовник Chronograph 1 – 911 S/T, со куќиште од титан и механизам Porsche Design WERK 01.240. Роторот има дизајн сличен со тркалата на 911 S/T.
Цената на автомобилот изнесува 292.187 евра, без ДДВ, цената на пакетот Heritage Design изнесува 17.505 евра, за часовникот Chronograph 1 – 911 S/T треба да се одвојат уште 11.950 евра.
















