Карлос Тавареш, извршен директор на концернот Stellantis, вели дека неодамнешните смени на врвот на марките Citroen и DS Automobiles ќе донесат „свежи перспективи“ во надминувањето на идните потешкотии.
Раководните места во двете француски марки им се доделени на директори што имаат пошироко подрачје на одговорност во рамките на концернот Stellantis. Во Citroen, шефот за продажба во концернот Stellantis, Тјери Коскас, во февруари го наследи Винсент Кобе. Во марката DS, на местото на Беатрис Фуше во јуни дојде Оливие Франсоа, извршен директор на Fiat и Abarth, како и шеф за маркетинг за целиот концерн Stellantis.
„Нормално е тоа што донесуваме свеж воздух, свежи перспективи за гледање на проблемите и за надминување на тоа што треба да се поправи, како и за движење кон иднината,“ кажа Тавареш на средба со новинарите при претставувањето на финансиските резултати на Stellantis за првото полугодие.
Новиот извршен директор на Citroen ќе се посвети на враќањето на пазарниот удел во Европа
Коскас и Франсоа ќе ги задржат своите позиции со поширок круг на делување во концернот, покрај тоа што ќе раководат со марките Citroen и DS. Пред да се придружи во Stellantis, Коскас работеше во групацијата Renault, како шеф за продажба. Тој постави цел, пазарниот удел на Citroen да се зголеми од сегашните 3,4% на пет проценти.
Продажбата на Citroen подзабави во последните години. Коскас цени дека тоа се должи најмногу на проблемите во логистиката. Продажбата во Европа во првото полугодие беше намалена за 1 процент, на 189.577 возила, додека целиот пазар напредуваше за 18 проценти.
Компактната комбилимузина DS 4 беше лансирана кон завршетокот на 2021 година. Марката се одвои од Citroen во 2014 година, со својот прв самостојно дизајниран автомобил, компактниот СУВ-модел DS 7, којшто ја имаше својата премиера во 2017 година.
Првичните планови со DS беа да се продаваат стотици илјади автомобили годишно, главно на кинескиот пазар. Проблемот настана откако се откажа заедничкиот потфат со Chongqing Changan Automotive, којшто предвидуваше и изградба на нова фабрика со капацитет за 200.000 возила годишно. Во последните години, продажбата се движеше околу 50.000 возила.
Во првите мест месеци, продажбата на DS во Европа се зголеми за 11 проценти, на 26.982 возила.
Тавареш и директорите на DS кажуваат дека се обврзале во подолг рок да ја издигнат марката DS, ценејќи дека премиум марка треба како солидна основа да има квалитетен сервис и впечаток за висок квалитет. DS е дел од групата премиум марки во Stellantis, заедно со Alfa Romeo и со Lancia, којашто наскоро ќе стартува повторно на поширокиот пазар.
















