Вкупно 57 автомобилски новитети чекаат да ги добијат гласовите од читателите и заљубениците во автомобили, во изборот за Златен Волан за 2023 година. Врз основа на овие гласови се одредува кои автомобили ќе продолжат во финалето на изборот.
Електрични автомобили, технолошки напредни модели од престижни марки што се произведуваат во Кина, иконски модели од германската, европската и светската сцена, достапни автомобили и луксузни крстосувачи – широк е кругот на автомобилски новитети што се натпреваруваат во изборот за „Златен Волан“ за 2023 година.
На динамичната автомобилска сцена веќе одамна не се исклучени изненадувања и лесно може да се случи новодојденците да ги убедат возачките и возачите повеќе отколку што во тоа ќе успеат докажаните марки. Истото важи и за електричните автомобили. Веќе со години, модели со погон на струја ги освојуваат престижните награди, како од читателите, така и новинарите.
Исто како и во минатата година, во изборот на Златен Волан за 2023 година заедно се натпреваруваат електричните модели и моделите со обичен погон.
Новина годинава е тоа што СУВ-моделите повеќе не се издвојуваат, туку конкурираат заедно со лимузините и останатите каросериски форми во соодветните класи.
Тоа што е најважно, со гласањето за избор на „Златен Волан 2023“ година се влегува во среќна трка за освојување на наградата за читателите во форма на Renault Clio со хибриден погон со 145 КС, вреден 28.000 евра, во највисокото ниво на опрема Esprit Alpine.
Шефовите на автомобилските компании на ланското доделување на Златен Волан во Берлин

За изборот може да се гласа и од Македонија, иако германските колеги настапуваат „малку резервирано“ и во изборот на држави треба да се селектира „Republik ….Mazedonien“.
Се гласа во девет категории, од градски автомобили, до спортски болиди. По одбирањето на фаворитите во секоја категорија, следен чекор е преоѓање на пополнување на формуларот со податоци за контакт.
Гласањето завршува на 6-ти август.
До страницата за гласање се пристапува преку следната страница
https://www.autobild.de/leserwahl/das-goldene-lenkrad-2023
За гласање за Златен Волан награда автомобил, а за гласање за овдешната пародија Златно Тркало се добива…
Секако дека изборот за Златен Волан не минува „незабележано“ и на македонската сцена. Група ентузијасти пред неколку години почнаа да изведуваат пародија на прочуениот избор, наречена – а како поинаку, освен „Златно тркало“ – што нормално дека на домашната сцена повеќе наидува на потсмев и претставува уште едно подривање на сцената што последен пат се градеше сериозно и професионално до завршетокот на 2000-те години. Ауто Билд, патем, се печатеше и се издаваше и во Македонија.

















