Специјалните спасувачки сили ноќеска продолжија со влечењето на запалениот транспортер за автомобили до побезбедно место покрај холандскиот брег.
Бродот долг околу 200 метри денес треба да се донесе до безбедна локација. Тоа е на околу 16 километри оддалеченост од островот Схиермониког во Ваденското Море.
Два реморкери синоќа почнаа со одвлекување на „Fremantle Highway“ во правец на исток, соопштија од капетанијата во Хаг. Бродот претходно се наоѓаше во близина на островот Тершелинг.
Станува збор за опасен потфат, затоа што бродот со околу 3.800 автомобили уште гори и не се исклучува опасноста од загадување на животната средина. Капетанијата сепак смирува и посочува дека бродот постојано се надгледува и се контролира неговата стабилност. Повеќе бродови го следат транспортерот, вклучувајќи и специјален брод што ќе ја собере нафтата, доколку се случи истекување.
Специјалистите претходно го контролираа транспортерот и утврдија дека тој и покрај големата жештина уште е стабилен и не е оштетен под површината на морето.
Новото место би требало да биде побезбедно
Реморкерите го влечат бродот со брзина од околу 5,5 километри на час. Експертите ценат дека транспортот ќе трае меѓу 12 и 14 часови. Точно време сепак не се посочува. „Тоа зависи од чадот, од временските услови и од ветриштата“, кажуваат од капетанијата. Можно е да се прават и паузи.
Kristian Cijsouw, @Kustwacht_nl en andere partners doen samen hun uiterste best om de schade voor mens en omgeving zoveel mogelijk te beperken. Kristian is nautisch adviseur en voorzitter van het bestrijdingsteam #Noordzee en vertelt hier meer over. 👉 https://t.co/c3EbXuGBjn pic.twitter.com/36msngImN8
— Rijkswaterstaat (@Rijkswaterstaat) July 28, 2023
Новото место на коешто ќе биде закотвен бродот е на помалку прометно место и помалку е изложено на ветер. Бродот досега се наоѓаше точно меѓу двете мошне оптоварени поморски рути што водат до и од Германија – тоа е исто како запален камион полн со нафта да се наоѓа во зелениот појас меѓу двете насоки на автопатот.
Бродот на новото место и натаму ќе се држи на стабилна позиција со два реморкери. Доколку ситуацијата го дозволи тоа, бродот ќе се однесе во пристаниште. Уште не е утврдено кое пристаниште доаѓа предвид.
Се стравува од катастрофа по животната средина
Пожарот што од средата беснее на бродот слабее. Но, останува опасноста челичните ѕидови да попуштат под влијание на екстремната жештина. Доколку се создадат пукнатини или дојде до пукање и навалување, можно е да истече нафта. Тоа би било катастрофа за Северното Море, за посебно заштитеното Ваденско Море со бројни природни резервати и за жителите на островите. Пожарот досега не можеше да се гасне во вообичаена постапка, затоа што водата за гаснење може да предизвика навалување на бродот.
Трошоците за целиот ангажман ќе ги плати јапонскиот сопственик на бродот. За истрагата на причините на пожарот се надлежни властите на Панама, под чиешто знаме плови бродот.
















