Во Италија се произведуваат сé помалку автомобили. Владата во Рим побара концернот Stellantis, каде што меѓу другото припаѓаат Fiat, Alfa Romeo, Lancia, Maserati, да вложува повеќе во земјата.
Огромното здание во Лингото, дел од Торино, при отворањето во 1923 година беше најнапредната фабрика за автомобили во светот. Точно 100 години подоцна, Fiat ги престави електричниот 600 и новиот Topolino на покривот на објектот, кадешто се наоѓа прочуената патека за тестирање возила.
Но, вистинската автомобилска слика во Италија се разликува. Topolino се произведува во Мароко, а Fiat 600 излегува од фабриката во Тихи, Полска. Само во фабриката во Торино, своевремено 70.000 работници изработуваа по 1,5 милион автомобили годишно. Лани во сите фабрики во Италија беа произведени само 473.000 автомобили. Тоа е доволно само за седмото место во Европа.
Некогаш Италија се натпреваруваше со Германија за врвот во автомобилското производство
Десничарската влада во Рим, раководена од премиерката Џорџа Мелони, реагираше во Stellantis, концернот каде што припаѓа Fiat, за ниското ниво на инвестиции. Од концернот со 14 марки одговорија: „Stellantis произведува само таму, каде што е исплатливо економски“, кажа извршниот директор Карлос Тавареш.
Нема конкретни ветувања
На вонредна средба меѓу Тавареш и Адолфо Урсо, министер за стопанство и „Made in Italy“, договорено е да се оформи работна група којашто ќе даде предлози, за продукцијата повторно да се зголеми на еден милион автомобили на годишно ниво.
Svolta tricolore per le auto blu: non c’è solo l’Alfa di Meloni. Palazzo Chigi sceglie le Fiat Tipo https://t.co/NZZr2fmhOL pic.twitter.com/j7ErXxV5cL
— Secolo d'Italia (@SecolodItalia1) November 5, 2022
Тавареш најави и дека во Италија ќе произведува петти модел врз база на новата платформа за електрични возила од средната класа – тоа веројатно ќе биде модел на Jeep. Засега уште нема конкретни потврди. Истото важи и за фабриката за батерии што е планирана во Термоли, на југот на Италија. Дополнително треба да се вложат и 100 милиони евра во нов зелен камп во Торино.
Рим се чувствува запоставен во концернот Stellantis, каде што доминираат Французите. Покрај Fiat, во концернот спаѓаат италијанските марки Lancia, Alfa Romeo и Maserati.
Здружението на производители на автомобили Anfia, стравува дека ќе се затворат уште 70.000 од преостанатите 268.000 работни места во браншата. Под раководство на починатиот извршен директор Серџо Маркијоне, Fiat пропушти навреме да почне да вложува во електричните автомбоили. Продуктивноста мирува веќе со децении.

Нови фабрики се градат само надвор од Италија. По преземањето на Jeep и RAM, како профитабилни марки, следен чекор на тогашниот Fiat Chrsyler беше спојувањето со PSA Peugeot Citroen во 2021 година, во денешниот Stellantis.
Постојат бројни позитивни примери во земјата. Бизнисот им врви одлично на производителот на сопирачки Brembo, на гигантот во гумарската индустрија Pirelli, како и на Lamborghini и Italdesign, коишто се посестрински марки на Audi. Секако дека најдобриот пример е Ferrari.
Но, Италија има премал број на моќни добавувачи, коишто ќе можат да ја поддржат трансформацијата. Рим планира да помогне со милијарди евра. Поранешниот премиер Марио Драги уште во 2021 година најави осум милијарди евра, во форма на субвенции и помош за компаниите, до 2030 година. Мелони ќе ги зголеми тие планови и ќе понуди нова програма.
















