Трет ден гори бродот за транспорт на автомобили Fremantle Highway во Северното Море, во близина на холандскиот остров Тершелинг. Еден човек загина. Според соопштението од холандската крајбрежна стража, реморкер е поврзан со бродот преку сајли и спречува понатамошно тонење на бродот. Спасувачките сили ја следат ситуацијата, уште не се планира спасување на товарот. Голема неизвесност постои околу товарот на бродот.
Откако првично соопшти дека на бродот се наоѓаат 2.857 возила, јапонската бродска компанија ја коригираше процената на холандските служби и наведе дека станува збор за 3.873 возила. Тоа е половина од капацитетот на бродот. Kawasaki Kisen Kaisha наведува дека капацитетот на транспортерот што е регистриран во Панама изнесува 6.000 возила. Во вечерта од вторник кон среда, Fremantle Highway појде од северното пристаниште на Бремерхафен, Германија, со крајно одредиште во Сингапур. Холандската крајбрежна служба првично објави дека целта била Порт Саид во Египет.
Не е познато од кои марки се возилата на бродот. Mercedes на германските медиуми им соопшти дека станува збор за 350 возила. BMW во меѓувреме исто така соопшти дека на бродот се наоѓаат возила од групацијaта BMW, што вклучва и автомобили од марките Mini и Rolls Royce. Точниот број не се наведува.
Концернот Volkswagen досега се нема изјаснето дали на бродот се натоварени нивни возила. Од Волфсбург дадоа само скромно објаснување: „Volkswagen има сознанија за пожар на брод за транспорт на автомобили во Северно Море, пред Амеланд… За бродот, хаваријата, пожарот и товарот, Volkswagen во моментов не може да излезе со дополнителни информации.” Во браншата се шират гласини дека покрај Mercedes и BMW, на бродот се наоѓаат и модели на Audi, како и на други премиум марки од концернот VW. За тоа уште нема официјално сооппштение.
На прашање од Блумберг, од Ford, Stellantis, Renault и Nissan, исклучија присуство на возила од нивните марки меѓу 3.783-те автомобили на бродот. Од Toyota исто така одговорија дека е мала веројатноста за нивни возила да се зафатени во пожарот. Од Tesla не одговориле на прашањето од новинската агенција, меѓутоа Американците своите возила ги товарат на брод во Белгија и Холандија, а поретко во германски Бремерхафен.
Уште се шпекулира околу причината за пожарот
Според холандската крајбрежна стража, меѓу 3.783-те возила имало и 25 електрични автомобили. Овој податок исто така беше коригиран во петокот. Компанијата Kawasaki Kisen Kaisha наведува дека станува збор за 498 електрични автомобили од различни марки. Дали тие го предизвикале пожарот, тоа уште е неизвесно.
Разговорот преку радиостаница меѓу бродот и крајбрежната стража, што го објави холандскиот канал RTL, сугерира дека се запалила батеријата на еден електричен автомобил, по што тој експлодирал. Оваа теорија исто така не е потврдена.
Факт е дека електричните автомобили не се палат почесто отколку автомобилите со обичен мотор. Студија на американската осигурителна компанија AutoinsuranceEZ, покажа дека од 100.000 осигурени електрични автомобили, пожар зафатил 25 возила. Кај возилата со обичен мотор, институтот наведува далеку поголем број, дури 1.530 возила на секои 100.000 осигурени автомобили.
Не е првпат да се дебатира дали е безбедно да се превезуваат електрични автомобили со бродски транспорт. Во февруари 2022, бродот „Felicity Ace“ со 4.000 германски автомобили беше зафатен во пожарво близина на Азорските Острови. Изгореа повеќе од 1.000 возила од марките Porsche, Bentley и Lamborghini. Бродот потона и не се утврди точната причина за пожарот. Бродските компании уште тогаш посочија дека нема да престанат со превоз на електрични автомобили на своите бродови.
















