Volkswagen Group планира да вложи 700 милиони долари во Xpeng и заеднички да развива електрични возила во Кина. Германскиот производител на автомобили бара начини да го запре падот во продажбата на својот најважен пазар.
Постои можност VW Group да преземе 4,99 проценти удел во акциите на кинескиот производител на електрични автомобили, преку зголемување на капиталот. Германците исто така ќе добијат место во надзорниот одбор, соопштуваат од Волфсбург.
Групацијата VW и Xpeng ќе развијат два модели со електричен погон под марката VW, користејќи ја како основа платформата MEB. Развојот ќе се одвива во новиот центар за технологија на VW во Хефеи. Тоа е најголемиот развоен центар на германскиот концерн, надвор од Волфсбург. Двата електрични модели од средна класа ќе почнат со продажба во Кина во 2026 година.
Xpeng е меѓу помалите играчи на сцената на електрични автомобили во Кина. Продажбата во првото полугодие им опадна за 40 проценти. Големи надежи се вложуваат во неодамна лансираниот кросовер G6, којшто е за околу 20 проценти подостапен од Tesla Model Y и располага со најновиот софтвер на компанијата.
Напредниот систем за асистенција на возачот на Xpeng, наречен XNGP, имаше важно освежување во март годинава и сличен е со технологијата за автономно возење на Tesla. Американскиот производител стартуваше со својата технологија за „Full Self-Driving“ уште пред четири години, но таа уште не е достапна во Кина.
Volkswagen plans to invest $700 million in Xpeng and jointly develop electric vehicles in China https://t.co/xNPu0LE1ve
— Bloomberg (@business) July 26, 2023
Соработка и меѓу Audi и SAIC
Групацијата VW исто така објави дека планира соработка меѓу својата премиум марка Audi и кинески SAIC Motor. Во таа соработка се предвидува и заеднички развој на модели, како и развој на нова платформа. Засега не се откриваат понатамошни детали.
Партнерството меѓу Audi и SAIC ќе го покрива сегментот на премиум електрични автомобили и ќе започне со модели во сегментот каде што марката уште не е застапена во Кина.

Двата договори се однесуваат на иден заеднички развој на нови локални платформи, врз коишто ќе се развива следната генерација интелигентни и целосно поврзани возила, објави Volkswagen Group.
Директорот на германскиот концерн за Кина, Ралф Брандштетер, објаснува дека партнерствата значително ќе ги смалат трошоците за развој и за набавка на компоненти и материјали.
G9 е најнапредниот електричен автомобил на Xpeng со 800-волтна електрична архитектура
Овие зделки, со коишто бројот на партнерствата на VW Group во Кина се зголемува на четири, претставуваат пресвртница за кинеските производители – од некогашни ученици на странските партнери, тие сега ќе помагаат со сопствена технологија и инженеринг.
Volkswagen се обидува да сврти нов лист во Кина, каде што Tesla и локалниот шампион BYD се изборија за големо предимство, затоа што се повешти во произведувањето електрични автомобили со технологија и софтвер што одговараат на вкусот на тамошните купувачи.
Продажбата на електрични возила на Volkswagen во Кина забележа минус во првата половина од годинта, во услови кога целиот пазар порасна за 20 проценти.
Групацијата Volkswagen во минатиот месец го смени извршниот директор на Audi, затоа што мора да се запре падот во продажбата во Кина. Премиум марката доцни во развојот на новата платформа за електрични автомобили и не е во состојба да конкурира на пазарот во раст.
















