
Со одлуката на Audi се покажува дека кинеските производители на автомобили преоѓаат од корисник на лиценца во сопственик на лиценца, барем во поглед на технологиите за електрични возила.
Соработката меѓу Audi и SAIC Motor за развој на електрични возила претставува пресвртница во кинеската автомобилска индустрија. Од ученик од странските производители, Кина стана иноваторска сила којашто им е неопходна на истите тие производители.
Инголштат во четвртокот објави дека постигнал договор со кинескиот производител на автомобили во државна сопственост SAIC. Во рамките на соработката, двете компании ќе го забрзаат воведувањето електрични модели со својата понуда, додека кинескиот автомобилски пазар продолжува со брзо темпо да се префрлува на електрични возила.
Audi не открива натамошни детали. Според објавите во медиумите, компанијата бара пристап до платформата за електрични автомобили што ја поседува IM Motors, премиум марка електрични возила во сопственост на SAIC.
Зу Сиџие, главниот инженер на SAIC, изјави пред новинарите во четвртокот, дека компанијата ја продлабочува својата соработка со Audi. Соработката предвидува лиценцирање, како и заеднички развој на идни проекти.
Автомобилските платформи, што содржат механички склопови и компоненти, почнувајќи од погонската спрега, преку шасијата, до електричната архитектура, се користат со цел да се постигне максимална добивка од вложеното и да се намалат трошоците, со тоа што повеќе модели заеднички ќе користат иста платформа.
A move by Volkswagen AG’s Audi division to partner with SAIC Motor Corp. to develop electric vehicles marks a turning point in China’s automotive industry from learning from foreign manufacturers to innovating its own technology https://t.co/W81Mz7TJnG
— Bloomberg (@business) July 21, 2023
Групацијата Volkswagen на којашто ѝ припаѓа Audi, исто така соработува со SAIC во производството на автомобили со бензински мотор. Volkswagen и досега има користено платформи од други производители, вклучуваји го Amarok, којшто е конструиран врз платформа од Ford. Меѓутоа, ова е првпат германскиот концерн да дели платформа со кинески партнер.
„Кинеското производство на автомобили конечно созреа“, кажува Стивен Даер, директор во консултантската куќа AlixPartners, со седиште во Шангај.
Договорот меѓу Audi и SAIC се склучува по само неколку недели откако Audi го назначи за нов извршен директор Герно Делнер, 54-годишен ветеран во VW. Неговите работни предизвици се забрзување на електрификациајта и конечно отпочнување со претставување нови модели на Audi. Tesla во првиот квартал го престигна Audi во светски рамки, додека во исто време се скусува пазарниот удел на германската марка во Кина.
Audi мора да ја забрза електрификацијата во Кина, со цел да се задржи пазармиот удел. Меѓутоа, лансирањето нови модели со електричен погон е попречено поради долгите рокови на развој во групацијата Volkswagen. Тоа се однесува посебно на новата платформа што е наменета за модели со електричен погон од врвот во понудата – платформата Premium Platform Electric, кусо PPE, се развива и ќе се користи заеднички со Porsche.
Како најголема автомобилска групација во Кина, SAIC има развиено целосен опсег од технологии за електрични возила. Дел од кинеската групација претставува и евтината марка MG, којашто се продава и во Европа. Многу посериозен капацитет има марката IM Motor, којашто се развива забрзано и може да понуди конкурентни модели во премиум сегментот.
Продажбата на батериски електрични и приклучни хибридни автомобили во Кина, во првата половина од годинава се зголеми за 37 проценти. Во исто време, продажбата на автомомобили со бензински мотор се намали за 8 проценти.
Јејл Жанг, директор на консултантската куќа Automotive Foresight со седиште во Шангај, кажува дека VW и Audi наскоро ќе почнат да градат фабрика во Чангчун, во којшто ќе се произведуваат возила конструирани врз премиум платформата, меѓутоа првите возила ќе почнат да ја напуштаат производствената лента дури кон завршетокот на 2024 година. Дополнително доцнење предизикуваат и проблемите со софтверот во неколку платформи што VW ги користи за своите модели.















