за

Софтверот го одложи стартот на електричниот Volvo EX90 за половина година

Производството на електричниот знаменосец во понудата на Volvo, кросоверот EX90, одложено е за „пет или шест месеци“.

Најважниот нов модел на Volvo Cars по лансирањето на XC40 во 2017 година доцни со почетокот на производството, поради еден проблем со којшто се соочуваат голем број производители на автомобили во оваа ера на возила со напредна технологија.

Volvo го одложи почетокот на производството на новиот електричен кросовер EX90 за средината на 2024 година. Инженерите ќе мораат малку подолго да се занимаваат со воведувањето на една клучна технологија во новата платформа што е наменета за знаменосецот.

При сооопштувањето на билансот за првото полугодие, извршниот директор Џим Роуен наведе дека причина за доцнењето од „пет или шест месеци“ претставува „сложеноста на софтверскиот код“ во лидарскиот систем на EX90.

Лидарската технологија користи ласерски пулсирачки зраци за да се исцртаат прецизни форми на објектите и целата средина околу возилото. Според Volvo, лидарот и останатите сензори во EX90 создаваат „невидлив безбедносен штит“. Швеѓаните ценат дека со оваа технологија ќе го намалат за една петина бројот на незгоди со тешки или кобни последици.

EX90 е прв модел на Volvo што користи лидар и што оваа технологија ќе ја нуди како стандарден пакет

„Најголемиот дел од софтеврот го пишуваме сами“, кажува Роуен. „Сакавме да се осигураме дека првиот пат кога ќе го вклучиме лидарот во нашите системи за безбедност … тој ќе работи како што треба.“

Доцнењето, според Роуен, им дава на инженерите на Volvo „малку повеќе време да ја завршат работата.“ Тоа може да го одложи пазарното деби на луксузниот кросовер дури и за третиот квартал во 2024 година. Од одделението за јавност по настанот додадоа дека „самата интеграција на лидарот не е проблем и не е причина за одложувањето.“

„Volvo EX90 е мошне напреден и претставува чекор напред во поглед на компјутерското процесирање, вклучувајќи сензори од следната генерација, меѓу кои и лидарот“, објавија од Volvo. Единствената причина за доцнењето е потребата од дополнително време за развој на софтверот.

Volvo се соочува со проблемот што ги погодува повеќето производители со долга традиција

Volkswagen Group исто така го одложи стартот на своите најпрестижни модели, меѓу кои и електричниот Porsche Macan. Причината е истата, потребно е подолго време за да се развие софтверот. Тоа значи, најмалку две години. Софтверот полн со багови беше причина и за задоцнетиот старт на McLaren Artura, модел со приклучен хибриден погон. Суперавтомобилот првично требаше да стартува со продажба во есента 2020, но тоа се случи дури пред завршетокот на минатата година.

Лидарот е важна пресвртница за Volvo, марка што има стекнато голем имиџ токму преку безбедноста на своите возила.

Низ историјата, шведскиот производител на автомобили има патентирано бројни системи за безнедност, коишто денес се стандард во автомобилите, почнувајќи од безбедносен ремен со три точки (дотогаш беа обични појасни ремени со две точки), до воздушни перници за заштита при страничен судир.

Стартап компанијата што работи со автомобилски сензори за автономно возење Luminar Technologies ќе го снабдува Volvo со својот лидар Iris и со софтверот Sentinel. Тој ќе биде интегриран во софтверот што Volvo ќе го користи во својот EX90.

Лидарскиот систем, за којшто Volvo наведува дека може да препознае пешак на растојание до 250 метри, дури и при брзина на возење по автопат, претставува дел од системот за следење на патот на EX90. Системот опфаќа камери, радари и ултразвучни сензори.

„Огромна е разликата што лидарот ја прави во секојдневието“, изјави Роуен во претходна пригода. „Истражувањето покажа дека со додавањето на лидарот во автомобилите, бројот на незгоди со тешки последици може да се намали до 20 проценти, додека спречувањето на самите судири може да се подобри за 9 проценти.“

Истражувачката компанија IDTechEx цени дека пазарот на автомобилски лидари за десетина години може да достигне вредност од 8,4 милијарди долари. Тоа е сосем извесно, имајќи предвид дека се очекува нагло зголемување на побарувачката за возила што управуваат самостојно, како и за напредни системи за асистенција во возењето.

Volvo се разликува од останатите компании и по тоа што скапата технологија ќе ја вградува сериски.

EX90 ќе биде прв електричен автомобил што ќе се произведува во фабриката на Volvo во Риџвил, во американската сојузна држава Јужна Каролина.

Електричниот седумсед се очекува да стане најпродаван електричен модел на Volvo на пазарот во САД. Тоа е втор најголем пазар за шведската марка по Кина.

 

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Audi Urbansphere Concept

Audi ќе користи платформа за електрични автомобили од кинески SAIC

Екс-директор на Ferrari станува нов шеф на Renault Alpine