Производителите сакаат огромната побарувачка во Кина да ја искористат за пробивање на електричниот погон. Denza е специјално конструиран за Кинезите и на струја вози до 300 километри.
Електричните автомобили им се потребни на Кинезите, особено во милионските градови како Пекинг или Шенјанг, каде што загаденоста на воздухот достигнува катаклизмични вредности. Daimler го разви електричниот автомобил Denza специјално за кинескиот пазар, во соработка со локалниот производител BYD (Build Your Dreams). Возилото по малку потсеќа на старата класа В и изгледа како стандарден автомобил, но под хаубата има мошне напреден погон. Моќноста на електромоторот од 117 КС е вообичаена за овој вид на погон. Особеноста на електричниот погон на Denza е во огромниот капацитет на батериите од дури 47,5 киловатчасови, што овозможува со едно полнење да се вози до 300 километри, наспроти возилата за европскиот пазар што обично имаат двапати помал досег.
Цената на возилото изнесува 370.000 јуани, односно околу 43.300 евра, но со дарежливите субвенции на државата, крајната цена на Denza доаѓа до 30.000 евра. Тоа се многу пари во држава каде што секојдневните автообили како Volkswagen Jetta чинат само 8.000 евра, но затоа е околу трипати поевтино од Tesla Model S, кој штотуку стартува со продажба на кинескиот пазар.
Засега е прерано да се предвидува каква продажба ќе постигнат Denza или Tesla. Во првиот квартал од годинава во Кина се продадоа околу 7.000 автомобили на струја. Владата во Пекинг има зацртано цел до 2020 година на кинеските патишта да возат пет милиони автомобили и очигледно дека сé уште е многу далеку од целта. Главниот проблем е инфраструктурата. Електричните автомобили ќе придонесат за намалување на загаденоста на воздухот во големите градови, но во нив не постои можност за едноставно полнење на батериите во возилата. Најголемиот дел од урбаното население живее во огромни висококатници и не е можно автомобилот да се поврзе на струјната мрежа во нивниот дом. Планираните мега паркиралишта со полначи за електричните автомобили уште се само визија.
Електромобилот на Daimler сепак е во предност, првенствено поради политичката димензија. Кинеската влада особено го цени локалното производство на електрични автомобили, а политиката е најважен партнер за производителите на автомобили во Кина. Услов за странските претпријатија да произведуваат во државата е да вложат во заеднички проект со локален производител и да му овозможат пристап до неговата технологија.
На истиот чекор се реши и конкурентот BMW, кој заедно со еден кинески производител ја основаше марката Zinoro. Audi, Mercedes и Volkswagen повеќе се ориентираат на возила со хибридна техника со надворешно полнење на батериите, којашто исто така овозможува возење на струја, но поради конвенционалниот мотор не е толку зависна од мрежа од полначи.



















