Додека продажбата на батериски електрични автомобили во Германија, најголем автомобилски пазар во Европа, напредува од месец во месец и бележи раст во споредба со лани, приклучните хибриди остануваат далеку под пазарниот удел што го имаа во изминатите години. Има причина за тоа.
Јунската продажба на германскиот автомобилски пазар напредуваше за 24,8 проценти. Во почетокот од летото во земјата се продадоа за 55.581 автомобил повеќе отколку лани во јуни. Кај патничките возила со класичен погон, само со мотор со внатрешно согорување, продажбата се зголеми за 20.872 возила. Од нив, 16.507 се бензинци, додека останатите 4.365 возила се дизели.
Кај алтернативниот погон пак се јавува неизедначеност. Додека чистите хибриди (Toyota, Lexus & Co) напредуваа и ја зголемија продажбата за 23.159 возила, хибридите со „штекер“ назадуваа и постигнаа раст од само 10.273 возила. Чисто електричните возила повторно растат и ја зголемиле продажбата за 20.754 возила.
Пазарниот удел на возилата со чисто бензински погон изнесува 35,6 проценти
Најголема продажба на пазарот на бензинци постигнува VW (со удел од 24,9 проценти во вкупната продажба на бензинци во Германија), пред Opel (10,2 проценти), Seat (8,4 проценти) и Audi (7,2 проценти). Водечката петорка на марки што продаваат најмногу бензинци во земјата ја заокружува Dacia, со удел од 6,7 проценти. Само овие пет марки покриваат повеќе од 57 проценти од пазарот на бензинци.
На ниво на марка, најмогу возила со бензински мотор продава Dacia, со 82 проценти од продажбата. Следат Opel и Mini со по 72 проценти, додека уделот кај Volkswagen изнесува 48 проценти.
[the_ad id=”73735″]
Бензински мотори работат и во чистите хибриди и во приклучните хибриди. Кога ќе се вклучат нивните продажби, со вкупно 42.383 чисти хибриди и 15.184 приклучни хибриди, возилата што точат бензин учествуваат со 57 проценти во вкупната продажба на возила.
Најпродаван модел со чисто бензински мотор е VW T-Roc со 6.586 примероци. Следи Opel Corsa (4.140), потоа е Mini со 3.354 бензинци. Четвртото и 5-то место им припаѓаат на VW Tiguan и Polo.
Од 318 модели што се наоѓале во продажба на германскиот пазар во јуни, дури 210 модели користат чисто бензински мотор.
Автомобили со погон само од дизел мотор, во јуни постигнале раст од 10 проценти во споредба со лани, со 46.860 продадени возила. Нивното учество во продажбата сепак се намали за 2,2 проценти бодови во споредба со лани, кога уделот на дизелите изнесуваше 18,9 проценти. Кога ќе се вклучат хибридите и приклучните хибриди со дизел мотор, соодветно со 19.935 примероци и 746 примероци, тогаш уделот на автомобили што точат дизел изнесува 24 проценти.
На Volkswagen му припаѓаат 35,5 проценти од пазарот на дизели, втор е Mercedes (удел 14,0 проценти), пред Skoda (12,7 проценти). Ford падна на 4-то место (8,0 проценти), по него следи Audi со удел од 4,8 проценти.
Од вкупно 57 автомобилски марки што се присутни на германскиот пазар, денес само 29 марки нудат модели само со дизел мотор. За споредба, кај бензинците се 44 марки.
Најпродаван дизел е VW Passat, потоа со голем заостаток следи Skoda Octavia, па VW Tiguan, VW Transporter и VW Golf. Шест од 15-те најпродавани дизели носат знак на VW.
Видеото од турата низ цела Македонија што летово ја извозевме со електричната Toyota bZ4X
Чистите хибриди во јуни ја зголемиле продажбата за 59 проценти, со 62.319 продадени возила и удел од 22 проценти. Германскиот пазар во оваа категорија ги брои и благите хибриди, со бензински или дизел мотор, во комбинација со стартер-генератор.
Приклучните хибриди изгубиле 39 проценти од пазарот што го имале лани во јуни. Тоа се должи на укинувањето на субвенциите, коишто достигаа и по неколку илјади евра, од почетокот на годинава. Во споредба со декември, кога уделот им достигна 22 проценти, воочи укинувањето на субвенциите, приклучните хибриди во јуни постигнале удел од одвај шест проценти.
Меѓу марките, прв е Mercedes (удел: 23,3 проценти), пред BMW (12,0 проценти), Audi (10,0 проценти), Seat (7,0 проценти) и Ford со 6,6 проценти. Mercedes е воедно и единствена марка што приклучниот хибрид го нуди во комбинација и со бензински и со дизел мотор. Најпродаван модел со приклучен хибриден погон е Mercedes C-Class, пред GLC.
Повторно расте продажбата на батериски електрични автомобили
По слабиот старт годинава, поради намалувањето на субвенциите, продажбата на батериски електрични автомобили забележа раст и мај и во јуни. Вкупно се продадени 52.988 возила, што соодветствува на пазарен удел од 18,9 проценти. За следните месеци се очекува да продолжи растот.
Пазарот го предводи VW со удел од 16,7 проценти, пред Tesla (15,2 проценти) и Mercedes со 6,7 проценти. На четвртото и 5-то место се Fiat и BMW.
Најпродаван модел е Tesla Model Y, а потоа следат VW ID4 и ID5. Италијанскиот хит модел Fiat 500 останува високо на 4-то место, пред Skoda Enyaq.
Германскиот пазар нуди 88 модели со чисто електричен погон. Во последните 12 месеци, на пазарот стартуваше 24 нови модели.
















